2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на извозот, раст на увозот – лош старт на 2019-та

Пад на извозот, раст на увозот – лош старт на 2019-та

Во првиот месец од годинава извозот се намалил а увозот се зголемил. Овој негативен тренд е спротивен на она што се случуваше во текот на 2018-та. Странските инвеститори остануваат главниот двигател на надворешно – трговската размена, домашните компании каскаат далеку зад нив.

Јануари: пад на извозот, раст на увозот

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика извозот во јануари изнесувал 415 милиони евра што е за 1.9% помалку од истиот месец лани. Увозот, пак, изнесувал 570 милиони евра што е за 1.4% повеќе.

Со тоа трговскиот дефицит достигнал 27.1% што е зголемување за 2.2 процентни поени на годишно ниво.

Во извозот најголемо е учеството на автоделовите и автобусите додека во увозот најмногу се застапени платината и легурите од платина (се користат за изработка на катализатори), како и нафтата и нафтените деривати.

2018: раст на извозот, раст на увозот

Податоците на годишно ниво се малку попозитивни. Во 2018-та година извозот пораснал за 17.0%, а увозот за 12.4%.

Со тоа трговскиот дефицит се намалил на 3 процентни поени до 23.6%. Минатата година вкупната вредност на македонските производи што завршиле на странските пазари достигнала 5 милијарди и 860 милиони евра. Земјава најмногу извезла интермедијарни производи (3.8 милијарди евра), потоа производи за широка потрошувачка (1.1 милијарди), капитални производи (900 милиони евра).

Најголеми извозници се странските инвеститори

Извозот во најголем дел е резултат на компаниите кои функционираат во слободните економски зони. Ова го потврдува и најновата анализа на Народната Банка според која 53.2% од вкупниот извоз на стоки во првите шест месеци на 2018 година излегол од зоните.

Во структурата на извозот на новите капацитети во домашната економија покажува дека првенствено преовладуваат две категории производи – хемиските и автоделовите. Тие опфаќаат околу 90% од нивниот извоз.

„Но, во последните две години се издвојуваат и други категории производи коишто бележат се поголемо учество во извозот на овие компании, што изнесува околу 9%, во просек, а се однесува на возилата и мебелот. Ваквите поместувања имаат соодветни влијанија и врз вкупната структура на извозот на стоки од домашната економија во странство“ се вели во анализата..

Според Народната банка додаваат од 2010 година влезот на новите директни инвеститори во домашната економија поттикна процес на преструктурирање на производството, а со тоа и на извозот и ориентацијата кон производи со повисок степен на обработка, односно со повисоко ниво на софистицираност.

Домашните компании бараат извозни стимулации

Домашните компании заостануваат зад странските инвеститори најмногу во делот на извозот. Според Државниот завод за статистика само 3.500 или 5% од вкупниот број на компании се извозно ориентирани. 80% од извозот го прават големите претпријатија.

„Ова јасно покажува дека најголем дел од македонските компании, пред се малите и средните претпријатија немаат можности за инвестирање во иновации и технологии и се кадровски, финансиски и технички ограничени за да остваруваат извоз“ изјави неодамна Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори (ССК).

Затоа домашните бизнисмени меѓу другото бараат и да се формираат фондови за одобрување наменски кредити со пониски каматни стапки за извозно ориентираните компании, како и поагресивно стимулирање на примената на нови технологии.

Државата очекува намалување на трговскиот дефицит

Државата очекува извозот да расте со побрзо темпо од увозот. На ова се засноваат и проекциите за економски раст во следниот период. Тоа е и еден од заклучоците во „Програмата на економски реформи 2018 – 2020“ на Министерството за финансии.

„Извозот на стоки и услуги се очекува да забележи реален раст од околу 8.0% во просек, во услови на континуирано солидна активност на извозно-ориентираните капацитети, како и очекуван раст на странската побарувачка, додека увозот на стоки и услуги во овој период се очекува да забележи просечен реален раст од 6.4%“ стои во Програмата.

Македонија како мала и отворена економија мора да го поттикнува извозот за да одржи раст на долг рок, потребно е соодносот на извозот во БДП да се зголеми од 50% до околу 75%. Ова е заклучокот и во студијата што неодамна ја изработи Виенскиот институт за меѓународни економски односи по барање на Стопанската комора. Главната препорака е да се направат дополнителни подобрувања во трговскиот сектор со цел да се поддржи растот на извозот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП