1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХотели во Македонија: мали капацитети со големи амбиции

Хотели во Македонија: мали капацитети со големи амбиции

Мали капацитети со големи амбиции. На македонскиот пазар недостигаат хотелски синџири од светски бренд. Исклучок е Скопје каде состојбата последните години е подобрена.

Дури 1570 капацитети се претставени на booking.com, најобемната интернет база за резервации. Нивниот број во последните три години е дуплиран.

Најмногу објекти, 573, има во најголемиот туристички центар Охрид. Следува Скопје со 527. Во другите градови нивниот број е многу помал, но ги има секаде. Сместувачки капацитети на овој интернет сајт се нудат и во Пехчево, Виница, Ресен…

Сепак, за вистински развој на туризмот е потребно сериозно вложување во големи капацитети. Хотели со светско име засега има само во Скопје и тоа само два – Мериот и Хилтон.

„Состојбата полека се подобрува но ние сме далеку дури и зад земјите од регионот. Со Грција нема никаква споредба, но дури и Албанија е далеку пред нас“, вели Драган Стојановски, експерт за туризам. „Државата треба да поработи на привлекување странски инвеститори во овој сектор. Само така ќе се крене нивото на услуги и ќе се задоволат барањата на гостите кои стануваат се попребирливи“, објаснува тој.

Најновите податоци за бројот на хотели, соби и легла на Заводот за статистика се навистина стари. На 31 август 2010-та година според Заводот за статистика во Македонија имало 383 сместувачки капацитети, од нив 147 се хотели (9 со пет ѕвездички, 22 со четири, 32 со три, 52 со две и 32 со една ѕвездичка). Во истиот извештај стои дека во земјава има само 5.093 хотелски соби. Состојбата оттогаш е навистина сменета, но нема официјални бројки кои би го рефлектирале тоа.

Според последните податоци од Државната статистика минатата година Македонија ја посетиле 1 милион и 491 илјада странски туристи кои оствариле над 3 милиони ноќевања или во просек во земјава останале само по два дена.

Статистичарите измериле дека лани бројот на странски туристи пораснал за 12.2%, а бројот на ноќевањата за 15.2%.

Најзастапени туристи се граѓаните од регионот: Бугарија, Грција, Србија, Албанија, Турција и Косово.

„Секторот е раздвижен, тоа е факт. Очекуваме со влезот во НАТО бројот на странски туристи уште повеќе да се зголемува, тоа го потврдува искуството на други земји кои пред нас пристапија кон Алијансата“ вели Драган Стојановски.

Туризмот засега учествува со околу 2% од Бруто домашниот производ на Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП