19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКои земји добиваат најмногу пари од нивните иселеници низ светот?

Кои земји добиваат најмногу пари од нивните иселеници низ светот?

Емигрантите од Индија, Кина, Филипини и Мексико испраќаат најмногу пари во своите земји, покажуваат податоците на Светската банка.

Според прелиминарната статистика на институцијата за 2018-та година, вкупниот износ на паричните трансфери, испратени од иселениците во светот кон земјите со ниски и средни приходи, ќе достигне 528 милијарди долари.

Тоа претставува раст од над 10% во однос на претходната 2017-та година. Тогаш порастот беше со 7,8 отсто. Пораст е забележан во сите забележани региони, но во Европа, Централна и Југоисточна Азија темпото е најсилно, забележуваат од Светската банка.

Во 2018-та година емигрантите од Индија испратиле околу 80 милијарди долари на своите роднини и блиски во земјата, трансферите кон Кина изнесуваат 67.4 милијарди, а оние на Филипините се во вредност од 33,7 милијарди долари.

Измерени како удел од БДП-то сепак, најголемите дојдовни парични трансфери се за помалите држави како Тонга (35.9%), Киргистан (35.1%), Таџикистан (32.2%), Непал (30,1%) и Хаити (26.5 %).

Растот се должи најмногу на силниот економски раст во САД, кои продолжуваат да се на чело на листата на земјите со најголеми излезни миграциски готовински текови. Исто така, значително се зголемуваат трансферите од арапските земји, како и од Руската Федерација.

Во регионот на Европа и Централна Азија се забележува раст на влезните парични трансфери од емигрантите со речиси 20% во 2018-та година, а нивниот вкупен износ достигнува рекордни 63 милијарди долари.

Најголемите „бенефиции“ се за Украина (16,5 милијарди долари), Руската Федерација (9.3 милијарди долари), Романија (5,5 милијарди долари), Србија (4,6 милијарди долари) и Узбекистан (3.4 милијарди долари).

Како процент од бруто домашниот производ на чело се Киргистан (35.1%), Таџикистан (32.2%), Молдавија (20.5%), Косово (15,9%) и Ерменија (15,5%).

Експертите на институцијата очекуваат растот на миграциските парични трансфери да се задржи и во текот на 2019-та и 2020-та година, но темпото на пораст на капиталните трансфери од емигрантите може и да се успори. Главната причина за тоа се повеќето видливи ризици пред светската економија, вклучувајќи ја опасноста од ескалација на трговските конфликти и политичките турбуленции.

Просечната цена на прекуграничните парични трансфери останува речиси без промена и изнесува 6,9% во 2018-та година. Таа се уште е доста над целите утврдени во Стратегијата за одржлив развој на Светската банка, која е околу 3%.

Најниски трошоци и провизии за испраќање на пари се во Југоисточна Азија (просечно 5,4%), а највисоките се во суб-сахарска Африка (9%).

Просечната цена за испраќање на 200 долари до држава од Европа или Централна Азија паѓа до 6.6%, во споредба со 6,8% во 2017-та година. Најевтино е испраќање на пари од Русија.

Прекуграничните парични трансфери таму чинат во просек 1,7%, но треба да се има предвид дека тие се главно за земјите од поранешниот СССР – Грузија, Киргистан, Азербејџан, Ерменија и Таџикистан.

Најскапо е испраќањето пари од Турција во Бугарија. Трансакциите чинат близу 14%, што е највисока вредност за цела Европа. На второ место се оние од Швајцарија за Србија, кои чинат во просек околу 12 отсто.

Во извештајот на Светската банка се наведува дека во богатите земји од Организацијата за економска соработка и развој уделот на странците во работната сила се зголемил посилно од овој на локалните граѓани.

Странските работници сепак продолжуваат да се предмет на дискриминација во многу држави, вклучувајќи и на неовластен такси од страна на агенциите за човечки ресурси.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП