25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања

Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања

Раст на БДП од 3,2 отсто, па и поголем, интензивна градба на патната и железничката инфраструктура, гасоводот и на обновливи извори на енергија, како и олеснување на царинските и административните бариери, најавува за годинава вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во интервју за МИА.

Подготвителните активности направени минатата 2018 година, според него, веќе вродуваат со плод и даваат резултати и во делот на приватиот бизнис. Фокусот на Владата, вели Анѓушев, и натаму ќе биде на креирање подобра економска клима и олеснување на бизнисот.

За барањето за предвремени парламентарни избори, вели дека сите избори негативно влијаат врз економијата, бидејќи во тој период целата држава се фокусира на нив.

Анѓушев во интервјуто зборува и за енергетиката, либерализацијата на пазарот на електрична енергија, изборот на универзален снабдувач,…

Владата најави дека економијата ќе биде главен фокус за годинава. Дали е остварлив планираниот раст од 3,2 проценти?

-Рековме дека економијата ќе биде главен фокус на Владата оваа година, бидејќи после сите политички настани и решавања на заостанати проблеми реално треба граѓанинот на Република Македонија да го види бенефитот од сето тоа, а бенефитот се гледа преку растот на економијата.

Оптимист сум дека е возможен раст од 3,2 отсто на БДП, а можеби и повеќе, бидејќи она што го направивме како мерки во индустријата веќе функционира и дава резултати. Структурата на БДП над 60 проценти ја прават четири основни гранки, а тоа се производството, односно индустријата во која спаѓаат рударство и енергетика, втората е градежништвото, третата земјоделството и четвртата трговијата која е блиску врзана со претходните три гранки и расте ако има поголемо производство, земјоделство и градежништво преку продажба на репро материјали.

Во 2018 година имавме индустриски раст од шест до седум отсто во споредба со претходната 2017 година во зависност кои месеци ќе се споредуваат, а на годишно ниво порастот е над пет проценти. Кај земјоделството има одреден пораст, но мислам дека има простор за уште поголем пораст, а во трговијата има пораст како резултат, пред се на порастот на индустријата. Но, во градежништвото имавме потфрлање. Ако производството, земјоделството и трговијата се веќе добри и се во раст, потребно е само да го вратиме градежништвото во нормала и во тој случај бројките на раст ќе бидат загарантирани.

Како планирате да го раздвижите градежништвото?

-За да го раздвижиме градежништвото направивме многу подготвителни активности, бидејќи не може да се раздвижи преку ноќ, односно може ако се прават нефизибилни проекти, но со тек на време ќе направите краткорочен ефект, а долгорочно сериозни проблеми како што беше со „Скопје 2014“. Како Влада решивме да правиме реално градежништво во делот на инфраструктурата, бидејќи она што е работа на државата е да прави патишта, железница, гасоводи, далекуводи и токму на тоа сме фокусирани.

Сега има најголема градежна експанзија во делот на градењето на патишта. Во моментов во Македонија паралелно се градат патишта како никогаш досега. Автопатот Миладиновци-Штип е веќе завршен, Кичево-Охрид успеавме да го ставиме на колосек и да продолжи да се реализира, а чекаме само продолжување на временската рамка на кредитот со Ексим банка. Во делот на експресните патишта има сериозна офанзива и многу интензивно се градат екпсресните патишта од Штип кон Радовиш и Кочани, од Градско до Прилеп, од Куманово кон Крива Паланка.

Веќе се интензивира изградбата на првата фаза од железницата кон Бугарија на делот од Куманово до Бељаковце, а наскоро ќе биде отпочната втората делница на железничката пруга помеѓу Бељаковце и Крива Паланка во вредност од 147 милиони евра. Во најголем дел веќе се решени и проблемите со експропријација на гасоводот и ќе има сериозна реализација на двата крака и оној што води кон Тетово и Гостивар, но и на оној кон Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола. Кон крајот на месецов или на почетокот на февруари ќе се распише тендер за далекуводно поврзување меѓу Македонија и Албанија, проект од 45 до 50 милиони за изградба на трафостаница заедно со 400 киловолтен далекувод.

Во делот на приватните инвестиции очекуваме дека ќе се надминат проблемите во општините со деталните урбанистички планови и да отпочне градба таму. Има некои проекти што се веќе во отпочнување и очекуваме во 2019 да се забрза нивната градба. Со фабриките што се веќе одредени во бесцаринските зони, а и надвор од зоните за кои се одобрени градежите дозволи, очекуваме и приватната градба да се зголеми. Сето тоа, вклучително со енергетиката каде најавуваме изградба на фотоволтаици, што во прв бран треба да бидат инвестиција од околу 150-160 милиони евра во 2019 и 2020 година, дава надеж дека ќе има многу градежни активности. Оттука држејќи го и трендот во производството, земјоделството и трговијата само со враќање на градежништвото, врз база на аргументирани проекти, очекувам дека 2019 година треба да ги постигне бројките што ги очекуваме, па дури и повисоки.

Кога ќе почне изградбата на автопатот Скопје-Блаце?

-Автопатот Скопје-Блаце е приоритет за македонската економија. Косово е една од ретките земји со која имаме суфицит и во таа смисла интерес е на македонската економија да може македонските производи побрзо да стигнат до косовскиот пазар и да се намалат транспортните трошоци. Токму затоа градењето автопат кон Косово е економски приоритет.

Но сепак, за да се гради нешто мора прво да постои технички проект, тој пат да се нацрта и осмисли, потоа да произлезе предмер и пресметка, па потоа да се тендерира. Не може да се тендерира и да се гради без претходно да се нацрта, зошто ако тоа го направите ќе ви се случи нов Кичево-Охрид.

И покрај желбата тој пат да биде направен што е можно побрзо, реалната вистина е дека немаше основен прект за автопатот, имаше само идеја и некаква физибилити студија. Токму затоа решивме да го правиме на сегменти, односно со која динамика може да се проектира, со таа динамика да се тендерира и да се гради. Ако чекаме да се проектира целиот автопат и после да се тендерира, веројатно ќе треба да чекаме уште една година или година и пол пред било што да отпочне. За да не се случи тоа и со помош на Вест Балкан инвестмен фонд се обезбедија средства за првата делница од околу два километра и за неа за месец до два треба да биде готов проектот, да се создадат услови да биде тендерирана и да почне да се гради. Како ќе се гради првата делница, така паралелено ќе се проектираат следните делници и ќе се тендерираат. Тоа е начин и технологија како да го направите и технички основано и колку што е можно побрзо.

Што презедовте за подобрување на деловната клима за приватниот бизнис?

-Подготвителните активности што ги правевме минатата 2018 година веќе почнуваат да вродуваат со плод и да даваат резултати и во делот на приватиот бизнис, каде Владата нема влијание на нивните операции, но е тука за да направи подобра клима за бизнис. Мислам дека многу се направи на тоа поле.

Минатата година се донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со што пред се продолживме да ги поддржуваме странските директни инвестиции. Веќе 16 фабрики се градат во Македонија, во рамките на тој закон, како странски директни инвестиции, но и 250 македонски компании беа поддржани во делот на купување на технологија, односно во нивните развојни планови.

Тоа е важно, бидејќи доколку македонската економја сака да биде добра и здрава, поради ограничениот пазар мора да биде извозно ориентирана. За жал, бројот на компании што се регистрирани во Централниот регистар и кои извезуваат од Македонија е многу мал и мора да се зголеми. Со други зборови, сакаме да ги охрабриме сите македонски компании преку мерките што ги направивме да купат машини и опрема, да го зголемат своето производство и да бидат повеќе извозно ориентирани.

Ако растат македонскиот пазар ќе им биде мал и ќе мора да извезуваат, но многу е важно како ќе растат и дали ќе бидат конкурентни на странските пазари за да можат да ги продаваат своите производи. Конкурентноста значи да имаат добар квалитет и добра цена, а тоа се постигнува само со добра технологија. За да имате добра цена, мора да имате добра продуктивност, а добрата продуктивност во светот може да се направи само преку три компоненти – нова технологија, машини кои се модерни, продуктивни и брзи во своето производство, да имате know-how, односно луѓе кои знаат да ракуваат со тие машини и третата компонента е менаџерската структура која ја води компанијата да знае сето тоа добро да го организира. Без тие три компоненти не може да постигнете развој на претпријатието, раст и извоз, бидејќи нема да бидете конкурентни.

Точно заради тоа решивме да ги поддржиме компаниите што веќе покажуваат некои првични резултати и со сопствениот потенцијал покажуваат некаков раст и на тој начин да им помогнеме да го забрзаат својот раст. Тоа го правиме преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, преку кој им враќаме средства на компаниите за веќе инвестирани средства што ќе ги направат за купување на нова технологија. Со законот им праќаме порака купувајте нова технологија, осовременувајте го вашето производство затоа што само на тој начин ќе имате производи што ќе бидат конкурентни на странските пазари каде цел свет ви е конкуренција. Тоа се обидувам да го наметнам како индустриска политика на Македонија, бидејќи земјава нема шанса да биде економски развиена без сериозна индустријализација, зашто нашите ресурси во другите сегменти се ограничени. Тоа, пак, значи да привлечеме странски директни инвестиции кои ќе прават фабрики во Македонија, а на македонските компании да им помогнеме колку што може побрзо да растат.

Како ќе влијаат на економијата евентуалните предвремени парламентарни избори?

-Сите избори негативно влијаат врз економијата, па така и предвремени парламентарни, бидејќи во тој период пред се целата држава на некој начин е посветена на изборите.

Има два момента како изборите влијаат на економијата. Првиот момент е што админстрацијата на некој начин успорува или престанува да работи, бидејќи дел од луѓето кои ги водат институциите се посветуваат на избори, но и добар дел е зашто согласно законите во Македонија многу активности не можат да се прават. Не можат да се склучуваат нови договори, концесии, не може да се доделува земјиште и сето тоа прави застој во работењето. Тоа е реалниот аспект на негативното влијание на изборите врз економијата, меѓутоа има и психолошки апсект. Пред секои избори секој инвеститор не знае што ќе се случи по изборите и секој вика „кога има избори и кога знам дека нема да има стабилна ситуација во следниот период, да почекаме да видиме што ќе се случи и после ќе ги носам одлуките за инвестиции“. Колку и да не сакаме во мала држава политичките влијанија и амбиентот што се создава многу влијаат врз економските апекти. Така што, кратко кажано, сите избори негативно влијаат врз економијата.

Што се презема за надминување на царинските бариери?

-Рушењето на царинските бариери е прашање на доверба. Нема никаква смисла да градите автопат кој ќе чини половина милијарда евра и при тоа да го скрати траспортот за 15 до 20 минути, а после тоа вашиот камион седум часа да чека на граница. Тогаш зошто сте го правеле патот. Нема смисла. Ако ги направиме сите инфраструктурни проекти, а без притоа да се срушат царинските и административните бариери не сме направиле ништо.

Но, тоа не зависи само од нашата држава. Тоа зависи регионално и затоа ЕУ го формираше Берлинскиот процес на инцијатива на канцеларката Ангела Меркел. Тој процес значи токму тоа, да не натераат како држави од регионот да соработуваме повеќе помеѓу себе и на некој начин повеќе да си веруваме за полесно да соработуваме со цела Европска унија кога ќе станеме дел од неа. Тоа некој пат оди полесно, некој пат потешко, но мислам дека има одредни поместувања во тој правец и ќе се бориме на крај сето тоа да го направиме.

Ние направивме доста со Србија во делот на земјоделските производи и двете држави една на друга си ги признаваме фитосанитарните сертификати или било кои други сертификати. На завчерашната средба со бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев разговаравме за рушење на бариерите и за отворање заеднички царински премин. Ќе разговараме за бариерите и со Албанија, а мислам дека со решавањето на политичките проблеми и затоплувањето на односите со Грција ни таму нема да има сериозен проблем. Тоа се нашите соседи и ние таму чекаме на граници. Одмрзнувањето на политичките процеси и создавањето на нашите соседи од непријатели во пријатели апсолутно треба да има влијание и во решавањето на ваквите административни пречки. Мислам дека тоа треба да биде најголемиот бенефит од целиот тој процес.

Како тече процесот на целосна либерализација на пазарот на електрична енергија?

-Благодарение на разбирањето на Енергетската заедница и искуството во делот на енергетика и пазарот на електрична енергија на луѓето кои се во Владата, создадовме еден модел кој практично даде решение кое е вин-вин ситуација. Од една страна да се задоволи барањето на европските регулативи и директиви да се либерализира пазарот, а од друга страна да се заштити цената на електричната енергија за домаќинствата со тоа што детерминиравме дека производството од ЕЛЕМ во еден дел ќе оди исклучиво за домаќинствата во Република Македонија. На тој начин ќе се заштити цената на електричната енергија за домаќинствата, односно таа не се качува, додека сите останати субјекти ќе бидат на слободен пазар каде владее конкуренција.

Во првиот чекор на либерализацијата цените на слободниот пазар се намалија за 40 до 50 проценти. Мислам дека со отпочнувањето на либералзацијата на пазарот на електрична енергија, посебно во индустријата, во македонските компании остана над 200 до 300 милиони евра како разлика во цената што ја плаќаа пред тоа и потоа.

Филозофијата на либерализацијата е проста, се укинува монополот и регулирањето на пазарот. На регулираниот пазар постои регулаторно тело кое ги прифаќа трошоците на некоја компанија и после ги дели на сите. Лесно е кога треба да прифатите туѓи трошоци што некоја трета страна ќе ги плати. Тогаш во трошоци се става се и тие трошоци ги плаќаме сите. Само тоа ќе го нема повеќе и тие пари кои се трошеле на непродуктивни трошоци ќе останат како бенефит за сите во стопанството, а пазарот ќе си го регулира своето. Веќе нема да има комоција никој да прави адвокатски трошоци и консултантски услуги од милиони евра, неразумно купување софтвери, бидејќи пазарот тоа нема да му го дозволи.

Дали им е исплатливо на домаќинствата да излезат на слободниот пазар на електрична енергија?

-Во моментов на домаќинствата не им се исплаќа да излезат на слободниот пазар на електрична енергија. Мојата препорака е да си останат кај универзалниот снабдувач, бидејќи точно така преку универзалниот снабдувач ние ќе ја заштитиме цената за домаќинствата. На слободниот пазар електричната енергија флуктуира со цена и во споредба со претходната година порасна за 30-тина отсто. Точно преку универзалниот снабдувач и преку производството од ЕЛЕМ е механизмот како да не го претрпат тој удар нашите граѓани.

До каде е изборот на универзален снабдувач?

-За избор на универзален снабдувач имаше две понуди – ЕВН снабдување и ЕЛЕМ трејд. Сега треба да се направи електронска аукција. Двете понуди се евалуирани, технички се исправни, процесот е инклузивен и транспарентен. Претседател на комисијата за избор е академик Глигор Каневче од МАНУ, а во неа се вклучени сите чинители од РКЕ од Министерството за економија, Влада и во таа смисла процесот ќе биде максимално транпарентен. Електронската аукција ќе биде јавна и со присуство на медиумите. Останува да видиме како ќе се наптреваруваат ЕВН и ЕЛЕМ и кој ќе побара помал процент на своја маргина над цената на електричната енергија. Очекувам тој процес да се заврши најдоцна во февруари.

Дали промената на начинот на тарифирање ќе придонесе за поголема изградба на обновливи извори на енергија?

-Промената на начинот на тарифирање секако ќе придонесе за поголема изградба на обновливи извори на енергија. Македонија нема енергетски ресурси, нема нафта, гас, а јагленот е веќе во ограничени количини. Заради тоа немаме многу што друго да направиме освен да ги искористиме обновливите извори на енергија, а тоа се водата, сонцето и ветерот.

Хидроелектрани за среќа се направија доста веќе има 72 – 73 пуштени во погон, триесетина се градат во моментов, а објавивме и нов тендер за 22 кој ќе се отвори на 20 февруари. Тука се ограничени ресурсите, бидејќи можете да направите хдироелектрани колку што имате планини и реки. Затоа можеме да бидеме задоволни со бројот на изградени и оние што допрва ќе се градат.

Во делот на сончевата енергија не се случи поголема изградба на капацитети иако Македонија е една од земјите со најдобра радијација на сонце. Имаме изградено многу малку фотоволтаици, бидејќи се нудеше изградба по фидинг тарифи што ја оптоваруваат цената за крајните потрошувачи. Доколку се зголемеше инстлираната снага во тој случај ќе се зголемеше цената и на таканаречената зелена енергија и на тој начин ќе ја оптовареше цената не електричната енергија за крајните потрошувачи. Тоа беше лимитирачки фактор зошто не се градеше. Сега ем не градиме, ем некако велиме браниме и затоа требаше да се прибегне кон некој друг модел кој треба да обезбеди да не се влијае на крајната цена на електричната енергија, а од друга страна да овозможи да се гради. Тоа се точно премиум тарифите кои ќе бидат платени од Буџетот на државата, но тоа се минимални средства од три до четири милиони евра на годишно ниво ако се изградат 200 мегавати фотоволтаици. При тоа, со тој механизам ќе се развие слободниот пазар. Мислам дека станува збор за едно одлично решение во Законот за енергетика. Ако мене ме прашувате кои се двата фундамента на Законот за енергетика, тоа се универзалниот снабдувач и воведувањето премиум тарифи со кои се одблокира изградбата на обновливте извори на енергија. Тие се двете круцијални измени во Законот за енергетика што ќе го раздвижат енергетскиот пазар.

Колку фотоволтаични и ветерни електрани е предвидено да се градат?

-Сето тоа што во Македонија го имаме како ресурс треба да го искористиме максимално. Веќе подготвуваме тендер во кој ќе ги пуштиме првите 50-тина мегавати фотоволтаични електрани на земјиште што е на државата. Зошто на државата, за да ги решиме проблемите со приклучок и со пренамена на земјиште за инвеститорите кои ќе ги добијат на транспарентна аукција, а предмет на аукцијата ќе биде кој ќе бара помал премиум. Ќе има почетна цена на премиумот и кој бара најмал премиум, тој ќе биде добитник на локацијата. За да се забрза изградбата и да не ги пуштиме инвеститорите на милост и немилост на администрацијата и секој посебно да оди да бара пренамена на замјиштето и слично, бидејќи треба да поминете 13 институции за да добиете градежна дозвола и потоа да завршите кај ЕВН за да барате приклучок на мрежа, затоа државата ќе го одработи сето тоа и ќе ги подготви локациите. Тендерот очекувам да се распише во првиот квартал од годинава, а одлуката на Влада ќе биде донесена до крајот на месецов. Тоа сериозно ќе го деблокира процесот на градба на фотоволтаици.

Има и одредени инвеститори кои веќе имаат купено земјиште за фотоволтаици и имаат идеја да ги прават на свое земјиште. Затоа ќе пуштиме и втор тендер со кој ќе им дадеме шанса на нивно земјиште да градат фотоволтаици. Таму ќе пуштиме меѓу 20 до 30 мегавати премиуми, што значи дека во прв бран ќе се пуштат фотоволтаици од околу 80 мегавати кои треба да се изградат, а сакаме да дојдеме до 200 мегавати фотоволтаици. ЕЛЕМ веќе го обезбеди кредитот од ЕБОР за правење на10 мегаватна фотоволтаична електрана во Осломеј и ќе продолжи во иднина да гради до 30 или 40 мегавати.

Во делот на ветерни електрани ЕЛЕМ ќе го продолжи проектот Богданци со уште дополнителни 14 мегавати, а во Богословец има најава за изградба на ветерен парк од 36 мегавати. Тоа е приватна инвестиција и се во фаза на обезбедување на градежа дозвола и очекувам годинава да почнат некаква градежна активност на терен.

Дали ТЕЦ Осломеј ќе продолжи да работи како термоелектрана или ќе биде затворена по изградбата на фотоволтаичната електрана Осломеј?

-ТЕЦ Осломеј ќе продолжи да работи како термоелектрана и покрај изгрдбата на фотоволтаичната електрана на местото на рудникот на ТЕЦ Осломеј, ако се обезбеди јаглен и ако е технички подготвена да работи. Едно со друго не е поврзано, но прашање е колку е ТЕЦ Осломеј технички подготвена и одржана да може континуирано да произведува и секако круцијално е прашањето на изворот на јаглен, бидејќи во Осломеј повеќе нема. Ќе мора тоа да биде јаглен што ќе треба да се донесе од увоз или евентуално од други места во Македонија како Берово, Суводол,..

Нема ли да има проблем со балансирањето доколку се реализираат предвидените обновливи извори на енергија?

-Производството од обновливи извори на енергија ќе смета во балансирањето на системот, но нема да има проблем со балансирањето на македонскиот систем, бидејќи МЕПСО го има механизмот на хидроелектраните што се во сопственост на ЕЛЕМ.

Токму затоа се ограничува инсталираниот капацитет, пред се на ветерните електрани до 150 мегавати, а студијата покажува дека може да се направат до 200 мегавати. Сепак, со ветерни електрани до 200 мегавата и фотоволтаици од 300 до 400 мегавати и со хидроелектрани кои се поприлично предвидливи нема да има проблем со балансирањето на системот. Во државата имаме доволно хидропотенцијал кој служи за балансирање на таквиот систем, така што овие инсталирани снаги нема да предизвикаат никаков проблем во балансирањето кое индиректно значи стабилност на системот.

Дали се планира модернизација на РЕК Битола?

-РЕК Битола мора да се модернизира пред се во делот на екологијата и десулфурализацијата, бидејќи има котли изработени по стара техноогија. Иако имаше проект од 90 милиони евра во 2013 година со кој требаше да се рехабилитираат котлите, тој проект е неуспешен и е со проблеми. Реализиран е на двата блока, но не и на третиот. Имаме судски спор со изведувачот и тоа е една од сериозните кочници за развојот на РЕК Битола, кој е предизвик што мора да биде решен.

Премиерот Заев неодамна најави дека постои можност за реализација на хидроелктраните Чебрен и Галиште. Дали е тоа реално?

За изградба на Чебрен и Галиште има две опции. Едната е да биде голем Чебрен со реверзибилна електрана, кој би требало да чини 700 до 800 милиони евра и да има две езера, горно и долно и втората опција е да биде мала електрана која нема да биде реверзибилна и ќе чини околу 200 милиони евра и ќе има инсталира снага од 100-тина мегавати.

Реверзибилна електрана значи во ноќните часови кога електричната енергија е поевтина од долното езеро да пумпате вода назад во горното езеро, за што трошите енергија, а потоа во текот на денот кога има повисока цена на електричната енергија, таа иста вода да ја пуштите од горното во долното езеро да произведува струја. Тоа има смисла само ако има економска логика во разликата на цените на електричната енергија, бидејќи тоа пумпање нагоре и надоле не е без загуби. Само по себе губи 20 отсто од енергијата и ако имате разлика во цената за повеќе од 20 отсто се исплаќа или ако не гледате таква економска логика, да гледате економска логика преку балансирањето на енергијата.

Секако подобро е да се направи голем Чебрен, бидејќи ќе се зафати голема количина на вода и ќе има поголем резервоар, но тоа на ЕЛЕМ му е непотребно, бидејќи не може да направи економски бенефит од балансирањето, зошто веќе има доволно ресурси за балансирање. Ако тоа го гради ЕЛЕМ ќе биде потребно кредитирање од 800 милиони евра, што е осум отсто од БДП. ЕЛЕМ нема капацитет сам да земе таков кредит и ќе мора државата да го гарантира со државна банкарска гаранција. Тоа авотматски ќе значи зголемување на јавниот долг. Само тој проект би го зголемил јавниот долг за осум проценти и со тоа ќе се искористи фискалниот простор за нови задолжувања за патишта, гасовод и друга инфраструктура. Не е логично државата да се задолжи за да му направи на ЕЛЕМ проект кој нема да му донесе финансиски бенефит. Ако сакаме ЕЛЕМ да го гради во тој случај подобро е да е мал Чебрен кој ќе чини одколу 200 милиони евра. Во тој случај ЕЛЕМ ќе може сам да го сноси како финасирање и кредитирањето да биде од негова страна.

Постои и друга опција ако сакаме да градиме голем Чебрен, а тоа е преку јавно-приватно партнерство во кое дел би бил и ЕЛЕМ. Во тој случај голем Чебрен ќе има друга намена и ќе биде порегионален проект и тој што ќе биде инвеститор ќе го користи главно за балансирање, но на своите регионални и пошироки потреби.

Да заклучам, може да се гради и голем и мал Чебрен. За мал Чебрен инвеститор може да биде ЕЛЕМ, а за голем неопходно е јавно-приватно партнерство, за што веќе има изработено студија на ИФЦ, делот на Светска банка за приватни инвестиции. Деновиве имаме состанок, а во февруари ќе се знае по кој пат ќе одиме. Јас подеднакво навивам и за двата проекта, но ако има заинтересирани за јавно-приватно пратнерство би му дал предност на голем Чебрен.

Валентин Јанковски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП