ЕКОНОМИЈА

Платите растат побргу од трошоците но сиромаштијата останува

Просечната плата расте повеќе од трошоците на живот, но сиромаштијата останува. Статистичките податоци покажуваат дека секој петти Македонец е сиромашен, а голем дел од семејствата живеат во несоодветни услови – 14% во домови кои прокиснуваат или имаат гнили прозорци, а 5.4% во куќи во кои има само полско WC.

0.9% раст на трошоците на живот

Трошоците на живот пораснале за 0.9% за една година. Според Државната статистика во декември 2018-та во однос на истиот месец од 2017-та храната и пијалаците поскапеле за 0.6%, алкохолот и цигарите за 4.8%, облеката и обувките за 1.1%, комуналиите за 0.1. Намалување има кај трошоците за транспорт од 0.7% и за образование од 0.3%.

Солиден раст на просечната плата

Просечната плата се зголемила за 6.3% за една година. Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) таа во октомври изнесувала 24.817 денари.

Најголем пораст има во секторите рударство и вадење камен (+22.2%), информации и комуникации (+18.7%) и преработувачка индустрија (+11.0%).

Во истиот период намалување на просечните приходи е измерено во секторите транспорт и складирање (-6.0%), стручни и научни дејности (-4.5%) и уметност и рекреација (-16.5%).

Највисоки плати имаат програмерите, правниците, осигурителите и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

5.4% од домовите имаат само полско WC!

3.8% од македонските домаќинства немаат када или туш, а 5.4% имаат само полско WC. Без внатрешен тоалет се 2.7% од домовите во градовите и 8.8% во селата. Ова го покажува најновата публикација на Државната статистика „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2017-та“ според која и голем дел од луѓето живеат во несоодветни услови. 14.0% од домовите имаат покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци.

2.7% од семејствата немаат ниту фиксен ниту мобилен телефон, 0.8% немаат телевизор, 29.4% немаат компјутер, 3.8% немаат машина за перење, а 36.2% немаат автомобил.

Според истата публикација македонското семејство располага со дом кој во просек има 3.6 соби односно точно по 1 соба по член (просечната големина на домаќинствата е 3.6 луѓе). 72% од семејствата живеат во единечни семејни куќи, 12.3% во лепенки, 15.7% во станови.

Стапка на сиромаштија 22.2%

Според најновите податоци стапката на сиромаштија во 2017-та достигнала 22.2% и за една година се зголемила за 0.3 процентни поени.

460 илјади Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 7.510, а за четиричлено домаќинство 15.771 денари месечен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 29.9%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 16.1%.

38.7% од невработените, 9.0% од вработените и 7.7% од пензионерите живеат во сиромаштија.

Сиромаштијата во последните три години има тенденција на раст – стапката во 2016-та била 21.9%, а во 2015-та 21.5%.

Претходно стапката на сиромаштија неколку години по ред се намалуваше – во 2014-та била 22.1%, а во 2013-та 24.2%.

Во последните 20 години Македонија имала највисока стапка на сиромаштија во 2009-та година, изнесувала 31.1%. Најниска била во 1997-та, 19%.

За сиромашни се сметаат оние лица, семејства и групи чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат.

К. Н.