19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Треба да се спречи формирање на компании кои работат под политички...

Анѓушев: Треба да се спречи формирање на компании кои работат под политички чадор

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот задолжен за комуникации и транспарентност Роберт Поповски, денеска учествуваа на тематски форум насловен како „Судирот на интереси во власта – тенката линија до корупцијата“ во организација на Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека како член на Владата го подржува донесувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата, со кој подетално ќе биде уреден и судирот на интереси.

„Задача на Владата е да се овозможат услови економијата да функционира нормално. Треба да се работи да се сопре формирање на компании, кои работат под ‘политички чадор’, затоа што на тој начин се прави двојна штета на економијата. Во минатото кога се креираа такви компании, со цел да добијат државни тендери, се правеа долгорочни штети. Од една страна, компаниите кои се политички заштитувани, по прекинот на таа политичка заштита не можат да се снајдат на слободниот пазар, затоа што не се навикнати да работат на тој начин, а од друга страна со самото тоа што се поттикнувале тие компании, се маргинализирале другите и не можеле да се развиваат, па се создава економски пустош на долг рок. Тоа е она основното кое треба да се сопре, таа нелојална конкуренција. Треба да се овозможи сите компании да работат под исти услови и да се развиваат согласно пазарот“, потенцираше Анѓушев на форумор.

Зборувајќи за судирот на интереси и борбата против корупција министерот Поповски нагласи дека Македонија по промената на власта ги користи и унапредува институционалните и вон-институционалните можности во справувањето со сите облици на корупцијата и нејзината распространетост.

„Бескомпромисна борба против корупцијата има резултати единствено кога судството и обвинителството се целосно ослободени од било каков притисок и влијание на центрите на моќ. Суштинскиот столб на реформите е оној во правосудството, како и формирање на непартизирана и професионална Антикорупциска комисија, почитувана и со доверба на граѓаните. За таа цел е изработен нов Предлог на закон за спречување на корупција и судир на интереси. Предлог законот, усвоен од Владата во ноември оваа година, е во собраниска процедура. Со него се обезбедува ДКСК да биде зајакната, позиционирана и екипирана да ги остварува своите надлежности во борбата против корупцијата без политички влијанија, она на што особено укажуваше експертската јавност во инклузивниот процес на подготовка на законот“, рече министерот Поповски и соопшти дека е изготвен Нов предлог Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер кој ќе го олесни пристапот до информации од јавен карактер што ќе претставува поттик за истражувачкото новинарство посветено на откривање на корупција и судир на интереси.

Поповски посочи дека видливи се и резултатите од имплементацијата на концептот на Отворена и транспарентна влада.

„Според индексот на отвореност, Владата е на прво место во регионот, со 76% исполнување на индикаторите, утврди истражувањето на Отвореност на институциите на извршната власт во регионот и во Македонија. Воведовме алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Jавноста доби увид за трошењето на функционерите, премиерот, министрите, нивните заменици и државни секретари, директорите на државни и јавни претпријатија и нивните заменици. Заштедите се три до четирикратни во однос на трошењата на претходните влади. Во владата постои јасна и недвосмислена политичка волја и подготвеност за справување со корупцијата во земјава на сите нивоа. Ги отворивме институциите, го повикавме граѓанското општество и сите заинтересирани да бидат целосно вклучени во спроведување на тендерските процедури, од почеток до крај на постапката“, потенцираше министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност на форумот „Судирот на интереси во власта – тенката линија до корупцијата“.

На панел дискусијата посветена на оваа тема воведни обраќања имаа Фрик Јанмарт од делегацијата на Европската Унија, Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија и Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП