Државната статистика измери солиден раст на просечната плата и благо покачување на трошоците на живот. Сепак, и натаму со една плата едно семејство може само да купи храна и да плати сметки…
Солиден раст на просечната плата
Просечната плата се зголемила за 6.3% за една година. Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) таа во октомври изнесувала 24.817 денари.
Најголем пораст има во секторите рударство и вадење камен (+22.2%), информации и комуникации (+18.7%) и преработувачка индустрија (+11.0%).
Во истиот период намалување на просечните приходи е измерено во секторите транспорт и складирање (-6.0%), стручни и научни дејности (-4.5%) и уметност и рекреација (-16.5%).
Највисоки плати имаат програмерите, правниците, осигурителите и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.
Раст и на трошоците на живот
Паралелно со просечната плата растат и трошоците на живот иако со поспоро темпо. За една година тие се зголемиле за 1.1%.
Според ДЗС во ноември 2018-та во однос на истиот месец од 2017-та храната и пијалаците биле поскапи за 0.5%, алкохолот и цигарите за 4.8%, облеката и обувките за 0.8%. Единствено намалување има кај трошоците за образование од 0.3%.
Просечната плата само за храна и комуналии
Просечната плата не е доволна ни за основните потреби – најголем дел оди за храна, пијалаци и за сметки така што остануваат многу малку пари за да се помине месецот.
Според Сојузот на синдикати на Македонија вредноста на минималната потрошувачка кошничка во октомври изнесувала 32.507 денари што е за 7.690 денари повеќе од просечната плата.
Синдикатот пресметал дека на едно семејство за купување на храна и пијалаци му се потребни минимум 13.486 денари, а за сметките за комуналии 10.407 денари што значи дека само за храна и за комуналии се трошат речиси 24 илјади денари што е колку и просечната плата.
Според пресметките уште потешко е за оние кои земаат минимална плата од 12.165 денари бидејќи тие можат да покријат едвај 37% од трошоците.
Расте и бројот на сиромашни
Според најновите, дефинитивни податоци на ДЗС стапката на сиромаштија во 2017-та достигнала 22.2% и за една година се зголемила за 0.3 процентни поени.
Минатата година 460 илјади Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 7.510, а за четиричлено домаќинство 15.771 денари месечен приход.
Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 29.9%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 16.1%.
38.7% од невработените, 9.0% од вработените и 7.7% од пензионерите живеат во сиромаштија.
Сиромаштијата во последните три години има тенденција на раст – стапката во 2016-та била 21.9%, а во 2015-та 21.5%.
Минимално намалени разликите меѓу богатите и сиромашните
Бројот на сиромашни е зголемен, но барем има намалување во разликите меѓу оние со најголеми и оние со најмали приходи, макар минимално.
GINI коефициентот во Македонија во 2017-та изнесувал 0.325, во 2016-та 0.336, а во 2015-та 0.337.
GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.
Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.
К. Н.