25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРечиси половина од електричните централи на јаглен не прават профит

Речиси половина од електричните централи на јаглен не прават профит

Зголемувањето на јагленот во текот на изминатите три години го намали приносот на електраните кои го користат овој тип на гориво.

Ова го покажуваат податоците од „Carbon Tracker“, цитирани од „Bloomberg“. Од нив станува јасно дека 42% од расположливата инфраструктура губи пари. Овој удел ќе порасне до 56 отсто до 2030-та година, вели Метју Греј, аналитичар во организацијата.

И иако цените на јагленот се очекува да се намалат за 13% до крајот на следната деценија, трошоците за отстранување на јаглерод диоксид во атмосферата ќе се удвојат во Европа, а раст се очекува да има и во Кина, каде што властите подготвуваат создавање на пазар за тргување со емисии.

Овие фактори ќе ги направат трошоците против загадувањето поголеми од приходите што повеќето постројки можат да ги генерираат, според „Carbon Tracker“.

Една од главните причини за загубите на електроцентралите на јаглен се правилата за ограничување на загадувањето на воздухот, како и конкуренцијата од ветерните и соларните генератори. Аналитичкиот центар очекува постоечките прописи да останат во голема мера исти без значително зголемување на мерките.

Побарувачката на јаглен се зголеми за прв пат по две години во 2017-та година, а само Индија и Кина го употребуваат повеќе од сите други држави, што ги негира надежите за ограничување на употребата на фосилните горива.

Од годишната енергетска прогноза на Меѓународната агенција за енергетика, која беше објавена претходно овој месец, стана јасно дека јагленот ќе остане клучен енергетски извор за обезбедување на топлина и светлина до 2040-та година.

Јагленот исто така ќе помогне за економскиот развој во новите земји и нивната иднина е безбедена „за децении“, а енергетската потрошувачка се очекува да се зголеми за 25% до 2040-та година, истакнуваат од Светската асоцијација за јаглен.

„Кинезите всушност ги забрзуваат плановите за изградба на повеќе централи на јаглен“, вели Греј. Земјите со регулирани пазари каде конкуренцијата е поограничена, може да се откажат од поскапата енергија, ако го следат примерот на Кина, додаде тој.

Во земјите каде што има отворена конкуренција на енергетскиот пазар, вклучително и во Европската унија и САД, инвеститорите во централи на јаглен може да се соочат со бескорисни средства, посочува уште експертот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП