3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНевработеноста падна на 20.8% - како да се сведе во прифатливи граници?

Невработеноста падна на 20.8% – како да се сведе во прифатливи граници?

Стапката на невработеност се спушти на историски најниски 20.8%, но се уште е релативно висока. Од друга страна бизнисмените се жалат дека не можат да најдат квалификуван кадар – на пазарот на труд има многу правници и економисти, а малку работници и продавачи.

Стапка на невработеност од 20.8%

Стапката на невработеност се намалила за 1.3 процентни поени за една година. Во третиот квартал од 2018-та изнесувала 20.8%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Невработеноста останува најголем проблем за најмладите. Дури 45.8% од луѓето на возраст до 24 години немаат работа, во категоријата од 25 до 49 години стапката изнесува 19.4%, а над 50 години достигнува 16.5%.

21% од мажите и 20.5% од жените не можат да најдат работа.

Најголем дел од невработените се со средно образование, а помал дел со високо и со основно.

Во третиот квартал од годинава вкупниот број невработени бил 122.957, а вкупниот број вработени достигнал 463.340.

Сериозни дисбаланси на пазарот на труд

И при стапка на невработеност која надминува 20% најголем дел од компаниите не можат да најдат соодветен кадар. На пазарот на труд има многу правници и економисти, а малку работници и продавачи.

„Постои јаз меѓу она што е потреба на работниот процес и тоа што системот го произведува како кадар. Имаме разлика и недостаток на практична работа која што треба да ги подготви учениците особено во средното стручно образование за кога ќе го завршат образованието да бидат подготвени да влезат во производствените процеси“, сметаат во Стопанската комора на Македонија.

„Ние се соочуваме во ситуација кога имаме премногу кадар со високо образование. Фабриките побаруваат кадар со средно образование, а луѓето со факултет не се мотивирани да аплицираат зашто платите секако се на ниво кое соодветствува со позицијата“, велат од Сојузот на стопански комори.

Високо vs стручно образование – каде да се насочат младите?

За да се испеглаат разликите меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд Владата најави кампања со која ќе се обиде да ги насочи младите повеќе кон техничките а помалку кон општествените науки.

„Продуцираме кадри кои не ги задоволуваат потребите на нашето стопанство. Образовниот систем во Македонија е како мост на надежта. Ги качува младите до некаде, за потоа да ги фрли во провалија Никој не кажува дека на крајот од тој мост всушност има една провалија едно големо разочарување, кога тие не ќе успеат со своите дипломи да најдат соодветно вработување, поради тоа што тие не се во струките кои се потребни на македонскиот пазар“ вели вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

„Нашите млади луѓе во моментов како што кажа и Анѓушев се на мост на којшто високото образование значи неработење, или дека помалку ќе работите ако имате некое општо високо образование. Но, тоа значи дека најверојатно нема ниту да работите“ изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Во 2019-та 16 милиони евра за преквалификации

Државата следната година планира да вложи 16 милиони евра за преквалификации и доквалификации на работниците.

„Спроведуваме итни мерки за преквалификација, преобука, дообука на кадри за потребите на реалниот сектор, но и со системски мерки кои подразбираат создавање на професионални средни стручни училишта и реформа на системот на високо образование. Мора да ја подигнеме свеста кај учениците и родителите дека со квалитетно стручно образование ќе имаат квалитетно и стабилно вработување“ изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Овој проект е делумно поддржан и од УСАИД. Оттаму велат дека дел од решението за недостиг на стручната работна сила е промоција на стручните занимања како прв избор.

„Со тие вештини младите можат да бидат и претприемачи. Да се биде стручен столар, механичар, заварувач или фризер, тоа претставува можност за самовработување или за отпочнување на мал бизнис. Истовремено, им овозможува на работниците да имаат поголема моќ во преговорите со работодавците, ако се одлучат за таква кариерна патека“ изјави Ненси Годфри, директор на канцеларијата на УСАИД во Македонија.

Агенција за вработување: 8.012 слободни места

На веб страницата на Агенцијата за вработување (АВРМ) во моментов се објавени 8.012 слободни работни места.

Се бара секаков кадар –магационери, молери, продавачи, раководители на производство, специјалисти, комерацијалисти, возачи, обезбедувачи на лица и имот, електромонтери, специјалисти за човечки ресурси, бравари, општи амдинистратори, директори, дистрибутери, службеници за организирање патувања…

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП