26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА75-ти роденден на Југославија – како ќе изгледаше денес, што добивме а...

75-ти роденден на Југославија – како ќе изгледаше денес, што добивме а што изгубивме?

Денот на Републиката, некогашниот најголем празник во СФРЈ, за најголем дел од повозрасните буди убави спомени, а за помладите не значи ништо. На 75 годишнината од создавањето на Југославија правиме пресек – како изгледаше заедничката држава во 1991-та, како би изгледала во 2018-та; што добивме а што изгубивме во меѓувреме?

29 Ноември – Ден на Републиката

Најголемиот празник во Југославија беше 29 Ноември, Денот на Републиката. На овој ден во 1943 во Јајце се одржало Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ). Тогаш бил донесен и усвоен Национален комитет за ослободување на Југославија. Исто така бил направен план за изработување на Уставот на идната Југославија како федеративна и демократска држава која ги признава националните права на сите нејзини народи.

По договорот на Тито со кралскиот претставник Иван Шубашиќ и усвојување на новиот Устав, во јануари 1946 година била прогласена Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ) која во 1963 година е преименувана во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).

Денот на Републиката се одбележуваше еуфорично со неработни денови, училишни приредби и многу веселби. Луѓето го доживуваа како семеен празник на кој се славеше братството и единството.

Првачињата на 29 ноември стануваа Титови пионери.

Зошто се распадна СФРЈ?

За распадот на СФРЈ не постои цврст консензус, ниту за конкретните причини, ниту за конкретниот датум кога тој процес започнал а кога завршил.

Во формална смисла расформирањето на заедничката држава започнало на 25 јуни 1991 година кога двете дотогашни републики Словенија и Хрватска, еднострано, прогласија независност, а завршува со 27 април 1992 година кога Србија и Црна Гора прогласија држава под името Сојузна Република Југославија.

Сепак, процесот започнал многу порано, веројатно уште со донесувањето на Уставот од 1974 година кој од југословенската федерација во суштина направил конфедерација бидејќи поединечните републики добиле многу голема независност.

Други пак сметаат дека почетокот на крајот на СФРЈ започнува од 1989 година кога со промената на Уставот на Србија и беше намалена автономијата на покраините Косово и Војводина, што од своја страна довела до уставни кризи на федерално ниво.

Кои настани му претходеа на почетокот на крајот?

После смртта на Јосип Броз Тито се случиле неколку настани кои посредно или непосредно имаат свое влијание врз распаѓањето на СФРЈ:

  • Барањето статус на Република на Косовските Албанци;
  • Убиство на војник од ЈНА во Парачин на 11 септември 1987-та година;
  • Српскиот државен врв во текот на 1989 и 1990 година влијаеше на промена на власта во Црна Гора, Војводина и на Косово и на тој начин доби контрола на половина од територијата на поранешна СФРЈ, што значеше контрола на 4 од 8 гласови во претседателството на Југославија;
  • Судирот на XIV вонреден конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија во Белград од 20 до 22 јануари 1990-та кога словенечката делегација ја напуштила работата, а потоа и се приклучиле и делегациите на Македонија, Хрватска и Босна и Херцеговина;
  • Во 1991 година, прво Словенија, па Хрватска, потоа следени од Македонија и БиХ прогласуваат независност.

Половина Македонци жалат по СФРЈ

Македонците се уште гледаат со носталгија на Југославија. Ова го покажува анкетата спроведена од ИПСОС пред неколку години.

Во неа 45.3% од испитаниците се изјасниле дека жалат за распадот на СФРЈ. Спротивен став имаат 54.7%.

Според регионалното истражување кое ги опфаќа сите поранешни републики на СФРЈ освен Словенија, најголеми југоносталгичари се Србите (71% жалат за СФРЈ), следат Босанците (68%), Хрватите (18%), најмал е процентот кај жителите на Косово (5.3%).

Резултатите наведуваат на фактот дека никаде на просторите од поранешна Југославија нацијата не е толку силно формирана како во Хрватска, а истражувањето, пак, кое се однесува на ставовите за војните од деведесеттите години од минатиот век, но и државните граници, покажало длабока поделеност помеѓу Србија, Хрватска и БиХ.

Со анкетата биле опфатени 10.500 жители на регионот.

Како изгледаше СФРЈ во 1991-та?

Југославија беше регионална индустриска сила. Во првите две децении по Втората светска војна просечниот годишен економски раст изнесувал 6.1%, но проблемите почнуваат многу пред распадот.

За време на нафтената криза во седумдесеттите надворешниот долг драстично се зголемил, па во почетокот на осумдесеттите надминал 20 милијарди долари.

Пред распадот беше воведен т. н. шок третман односно строги мерки за штедење. Беа воведени ограничувања на користењето гориво (40 литри месечно по автомобил), ограничување на користењето автомобили (систем пар – непар), тешки ограничувања на увозот на стока, имаше и рестрикции во напојувањето со електрична енергија. Се појави недостаток на основни артикли како кафе, чоколади, детергенти.

Сето ова беше само вовед во она што следуваше по распадот – граѓански војни на половина од територијата на некогашната просперитетна држава.

Како би изгледала СФРЈ во 2018-та?

За да се добие претстава за ова треба да се соберат статистичките податоци од сите сегашни независни држави. Сепак, ова би била само приближна слика бидејќи доколку опстоеше заедничката држава економските перформанси но и социјалните трендови секако ќе беа поинакви.

Југославија во 2018-та би имала шест или седум држави, се зависи од бројот на земји кои го признале Косово.

Југославија би имала над 20 милиони жители, со што автоматски би била меѓу десетте најголеми држави во Европа, односно би била на осмото место.

Според етничката припадност, Југославија би била составена од 35% Срби, 20% Хрвати, 11% Албанци, 9% Бошњаци, 8% Словенци, 6% Македонци, 1% Црногорци и 10% останати.

Бруто националниот доход би изнесувал 191 милијарда долари со што Југославија би била на 53 место во светот.

Пет најголеми градови би биле Белград, Загреб, Сараево, Љубљана и Скопје.

Загубено време – 2018 како 1991

Речиси три децении по распадот на СФРЈ како ништо да не е променето во однос на развиеноста и разликите меѓу поединечните републики. Словенија и Хрватска и натаму се најбогати, а Македонија и Косово се најсиромашни.

Пред распадот на заедничката држава најголем Бруто – домашен производ по глава на жител имала Љубљана (160% над југословенскиот просек), следи Загреб (88% над југословенскиот просек), па Белград (47% над југословенскиот просек), Сараево (33% над југословенскиот просек). Под државниот просек биле Скопје (10% помалку), Титоград односно Подгорица (13% помалку) и на последното место била Приштина (30% помалку).

Пред распадот просечната стапка на невработеност на ниво на Југославија била 16%. Најниска била во Словенија, 4.8%; а највисока на Косово, 38.4%. Во Македонија била 22.9%.

Речиси триесет години подоцна Македонија има стапка од 22.1%, Косово од 35%, Босна од 40%. Во Словенија изнесува 11%, во Хрватска 13%, Србија 17%, Црна Гора 17%.

Сличен бил соодносот и на платите – најмногу заработувале Словенците, а најмалку Македонците и Црногорците.

Разликата е иста и по три децении – највисока просечна плата на просторите на Југославија има во Словенија (нешто над 1.000 евра), следи Хрватска (околу 750 евра), Црна Гора (околу 500 евра), Босна (430 евра), Македонија (370 евра), Србија (330 евра), Косово (300 евра).

Што добивме а што загубивме со независноста?

По прогласувањето на независноста, на 8-ми септември 1991, новата држава Република Македонија веднаш се соочи со сериозни политички и економски проблеми.

Стопанството беше во шок – преку ноќ го изгуби заедничкиот пазар од 23 милиони жители, беше напуштен принципот на договорна економија и започна процесот на приватизација.

Речиси веднаш земјата се соочи со блокади и од Југ и од Север. Грција воведе ембарго поради наметнатиот спор за името, а Србија беше под санкции од ООН поради војните, ваквите мерки мораше да ги почитува и Македонија со што во суштина беше отсечена главната трговска оска по Коридорот 10.

Губењето на заедничкиот пазар беше дополнителен удар, македонските како и сите југословенски претпријатија беа суштински поврзани – конечниот производ најчесто беше резултат на составни делови направени во повеќе републики, па сега ваквиот синџир беше прекинат.

Претпријатијата се најдоа во ситуација да бараат нови пазари за пласман на своите производи и услуги, бидејќи македонскиот пазар со два милиони жители не можеше да го апсорбира нивниот производствен или трговски потенцијал.

Независна Македонија – деценија во голем минус, деценија во мал плус

Македонија излезе од Југославија како најмалку развиена република. Првите десетина години економијата беше во голем минус, а последните десет во мал плус. Ембаргото од Грција и санкциите кон Србија, распаѓањето на заедничкиот пазар и транзицијата односно приватизацијата беа главните белези на 90-те.

Статистиката покажува дека реалната плата се зголемила за 44.8%, невработеноста се намалила за околу 10 процентни поени, а Бруто домашниот производ (БДП) во просек растел за помалку од 2% секоја година од историската 1991-та до 2015-та. Ова се основите показатели од публикацијата „25 години независна Македонија“ што ја објави Државниот завод за статистика (ДЗС) по тој повод.

Македонските работници во 2004-та прв пат имале повисока реална просечна плата од 1991-та. И во деведесеттите таа номинално растела, но била „подјадувана“ од инфлацијата, па реално останала под нивото од пред распадот на Југославија. Во последните десетина години имала посолидни стапки на зголемување, па во 2015-та споредено со 1993-та реално била поголема за 44.8%, покажуваат податоците од публикацијата .

Стапката на невработеност во 1993-та била 27.7%, со мали варијации се зголемувала се до 2005-та кога достигнала 37.3% по што почнува период на намалување и доведување до 21.1% во вториот квартал од 2018-та година.

Бруто домашниот производ (БДП) односно вкупните економски активности се намалувале од осамостојувањето во 1991-та до 1996-та, по што започнува тенденција на раст кој е прекинат во 2001-та поради вооружениот конфликт, како и во 2009-та и 2012-та пред се поради светската економска криза, но и во 2017-та поради политичката криза.

Во изминатите години има и значителна промена на структурата на БДП. Така во 1991-та 29.8% од вкупните активности отпаѓале на индустријата и градежништвото, 11.4% на земјоделството, а 56.8% на секторот услуги. Во 2010-та, пак, индустријата и градежништвото опфаќале 24.3%, земјоделството 9.8%, а услугите 65.9%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП