11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Биткоинот во слободен пад, дали ќе ја врати вредноста?

Анализа: Биткоинот во слободен пад, дали ќе ја врати вредноста?

За една година Биткоинот изгуби околу 80% од својата вредност, а за една недела околу една третина. Сепак, најголем дел од аналитичарите не се загрижени и очекуваат стабилизација на пазарот. Многу Македонци се вклучени во тргувањето иако Народната Банка (НБРМ) тоа го смета за нелегално.

Биткоинот во слободен пад

Виртуелната валута за една недела изгуби една третина од својата вредност. Денеска се тргува за околу 3.950 долари. За една година Биткоинот изгуби околу 80% од својата вредност, најскапо се тргуваше на 19 декември 2017-та кога чинеше 19.140 долари.

Наглите падови не се новост за крипто валутата – во 2011-та изгуби 93% од својата вредност, а во 2015-та 84%.

Дали ќе ја поврати вредноста?

Според анализата на Bloomberg последните осцилации се резултат на шпекулантите кои го напуштаат пазарот, но и воведувањето на помалата валута Bitcoin Cash која предизвика нови стравувања на пазарот.

Пазарните аналитичари не се премногу загрижени – флуктуациите биле нормална појава.

„Нормално е крипто валутите да имаат променлива вредност на почетокот, на долг рок ќе се стабилизираат. Тоа може да го споредиме со акциите на големи корпорации како Microsoft или Apple кои на почетокот имаа многу променлива вредност, но со текот на времето како што го развиваа својот бизнис модел нивните акции не само што растеа туку и се стабилизираа“ објаснува Џет Сингх, портфолио менаџер за крипто валути.

Со ова се согласува и Кристијан Деклева, финансиски експерт од Швајцарија. Тој смета дека за да се стабилизира пазарот треба да минат уште најмалку десет години.

„Треба да бидеме подготвени на декада на турбуленции пред било каква надеж за стабилен Биткоин. На краток рок губењето на вредност е резултат на емоции и дезинформации, мала гласина може да има голем одек. Побарувачката ја поттикнуваат пазарните шпекулации, а отсуството на институционални инвеститори значи дека пазарот не е стабилен“ објаснува тој.

Балкан: Словенија и Хрватска лидери во трансакциите

Крипто валутите, особено Биткоинот, добиваат на популарност и во регионот. Лидери по бројот на трансакции се Словенија и Хрватска, таму дури и во продавница може да се плати со виртуелната валута.

„Во Словенија можеби има 20 до 30 продавници кои овозможуваат вакви плаќања, но има голем интерес и треба да се создадат технички услови за тоа да успее и пошироко“ вели Јака Видњал, универзитетски професор од Словенија.

Банка од Словенија прави пилот проект кој во иднина треба да им овозможи на граѓаните од банкомат да подигаат евра, долари и други валути со помош на Биткоин.

„Тие се еден вид конкуренција на традиционалното банкарство, особено во платните трансакции. Ако сакате да пратите пари од Словенија во некоја од поранешните советски републики на пример ќе ви требаат два до три дена и трошоците се големи. Криптовалутите се движат во реално време и тоа е бесплатно. Има две можности – или ќе се борат против нив или ќе ги прифатат“ објаснува Видњал. „Брзо се развива и прометот со платежните картички. Најголемите светски компании на полето на картичниот промет VISA и Master веќе имаат на пазарот припеид  картички во Биткоини. Веќе големи компании почнаа да експериментираат со криптовалути“ вели тој.

Во Македонија тргувањето со криптовалути е нелегално

Народната Банка (НБРМ) во повеќе наврати предупреди дека тргувањето со криптовалути е нелегално исто како што не е дозволено отворање сметки и купување хартии од вредност и деривативни финансиски инструменти во странство, освен при пропишани исклучоци.

„Ризиците кои произлегуваат од ваквите вложувања, бидејќи средството кое овозможува многу високи приноси, вообичаено носи и големи ризици за загуба. Поради рапидното зголемување на интересот за инвестирање во виртуелните (крипто) валути, нивната цена многу брзо расте, а финансиско средство чија вредност многу брзо се зголемува станува шпекулативно, односно меур кој порано или подоцна ќе пукне“ објаснуваат од НБРМ.

Сепак, ова не спречува многу Македонци преку странски сметки да се вклучат во тргувањето со крипто валути.

Што е во суштина Биткоин?

Биткоин е платежен систем кој се појавил во 2009 година како програма со отворен код.

Ова е дигиталната валута, уште се нарекува и виртуелна валута, електронски пари или крипто валута поради криптографијата која се користи при создавањето и трансферот.

Биткоин системот не е контролиран од ниту еден ентитет, како централна банка, поради што најчесто се нарекува децентрализирана валута.

Биткоините се создаваат преку процес кој се нарекува „откопување“ – користење на компјутерската моќ во мрежа за верификација и запис на плаќањата јавно онлајн, во размена за провизија при трансакции и новосоздадени Биткоини. Корисниците испраќаат и примаат Биткоини преку софтверска апликација наречена паричник, која може да се користи на компјутер, мобилен уред или како веб-апликација.

Биткоини можат да се стекнат со „откопување“, во замена за продукти, сервиси или други валути.

Растот на бројот на Биткоини е предефиниран во Биткоин протоколот и е начин да се спречи инфлацијата. Моментално, постојат повеќе од 17.3 милиони Биткоини во циркулација, со просечно темпо на создавање од 25 на секои 10 минути. Вкупниот број е ограничен на 21 милиони и секои 4 години создавањето ќе биде преполовено. Ова значи дека нови Биткоини ќе бидат во оптек во следните 100 и повеќе години.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП