29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: буџет 2019 – поголеми даноци за побогатите, повисоки плати за административците,...

Анализа: буџет 2019 – поголеми даноци за побогатите, повисоки плати за административците, повеќе пари за каматите

Предлог – буџетот за следната година е доставен до Собранието. Тој предвидува раст од 3.2% и дефицит од 2.5%, а само за камати да бидат потрошени 149 милиони евра. Премиерот порача дека било време за економски резултати, ресорниот министер уверува дека долгот е во сигурна зона. Експертите, бизнисмените и синдикатите со умерени до силни критики за она што го предвидува пресметката на државните приходи и расходи за следната година.

Основни параметри: раст од 3.2%, дефицит од 2.5%

Раст на економијата од 3.2%, дефицит од 2.5% и инфлација од 2.0% се основните параметри на кои се темели пресметката за предлог – буџетот за следната година.

Државната каса секоја година е се потешка – во 2019-та Владата планира и да собере и да потроши повеќе пари од 2018-та.

Вкупните буџетски приходи се проектирани на 3 милијарди и 428 милиони евра или 9.5% повеќе од годинава. Расходите треба да бидат 3 милијарди и 716 милиони евра или 5.4% повеќе.

Каматите „ќе изедат“ 149 милиони евра

Државата следната година само за камати ќе треба да плати 149 милиони евра што е за 17.9% повеќе од оваа година.

Планот е да се земат 556 милиони нови кредити а да се вратат 268 милиони како доспеани обврски. Со тоа вкупниот државен долг ќе порасне за 288 милиони евра или за 2.5% од Бруто домашниот производ.

Како ќе се приберат парите?

Државата планира да прибере 3 милијарди и 428 милиони евра од граѓаните и од компаниите што е за 9.5% повеќе.

Најголем дел преку даночни приходи и придонеси или вкупно 2 милијарди и 955 милиони евра што е зголемување од 7.9%.

Само од даноци треба да бидат инкасирани 1 милијарда и 981 милион евра. Тука влегуваат и парите што ќе се соберат со прогресивниот данок кој стартува следната година.

Како ќе се потрошат парите?

Државата следната година планира да потроши 3 милијарди и 716 милиони евра што е за 5.4% повеќе од оваа година.

Најмногу пари ќе се одлеат за социјални трансфери, 1 милијарда и 750 милиони евра. Овде влегуваат и речиси 458 милиони евра кои ќе се префрлат директно во Фондот за пензиско.

Како субвенции и трансфери се предвидени 299 милиони евра што е 12.2% помалку од годинава.

За стоки и услуги ќе се одвојат 319 милиони или 11.5% повеќе.

„Ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, зголемување на средства за финансирање на здравствените програми, со цел унапредување на здравјето и подобрување на здравствената заштита на населението, што е поддржано и со обезбедување на средства за бесплатно болничко лекување за одделни ранливи категории, како и обезбедување на средства за претседателски избори во 2019 година“ стои во предлог – буџетот.

За плати и надоместоци се планирани 461 милион евра или 5.4%. Тука влегуваат зголемените плати за јавниот сектор за 5 до 10% кои треба да стартуваат во помал дел од 1 јануари, а во поголем од 1 септември.

„Ваквото зголемување се предлага со цел подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи“ се наведува во предлог – буџетот.

Кои се главните инфраструктурни проекти?

Капиталните инвестиции се планирани на ниво од 426 милиони евра.

„Истите се наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патна и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството“ се наведува во документот.

Но кои се главните инфраструктурни проекти?

За патната и железничката инфраструктура се планирани 84.5 милиони евра.

Се предвидува да продолжи реконструкција на пругата долж Коридорот 10, како и продолжување на активностите долж Коридорот 8 односно на делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Двата проекти во најголем дел се финансирани со заем од ЕБРД.

Ќе се вложува и во регионални и локални патишта, во голем дел со средства обезбедени преку Светска Банка. Со европски фондови меѓу другите ќе бидат покриени дел од изградбата на делницата Градско – Дреново, како и Куманово – Страцин.

Автопатите се финансирани преку Агенцијата за државни патишта и се издвоени од буџетската пресметка.

За енергетска и комунална инфраструктура се планирани нешто над 84 милиони евра. Овде како најголема ставка влегува гасификацијата.

За технолошко – индустриските зони треба да се потрошат нешто над 10 милиони евра.

За здравствениот сектор се проектирани капитални инвестиции од над 21 милион евра. Со овие пари треба да се изградат и реконструираат повеќе болници и да се набави медицинска опрема.

За капитални вложувања во образование и детска заштита има 45.5 милиони евра кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.

Заев: време е за економски резултати

При презентацијата на предлог – буџетот премиерот порача дека било време да се испорачаат економски резултати.

„Пред нас е економска година во која парите на народот уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните од сите категории, особено за најранливите, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благосостојба. Со буџетските промени за 2019 најавуваме пресвртница во економските политики“ рече премиерот Зоран Заев.

Тевдовски: државниот долг нема да надмине 50% од БДП

Државниот долг нема да надмине 50% од Бруто домашниот производ, уверува министерот за финансии.

„Јавниот долг се пресметува како буџетски дефицит плус институции кои се надвор како јавните претпријатија кои не се вклучени овде, како Јавното претпријатие за државни патишта. Буџетскиот дефицит е 2.5% од БДП или околу 17 милијарди денари или околу 300 милиони евра“ вели Тевдовски.

Но, овде не влегуваат и парите кои ќе се позајмат преку јавните претпријатија особено она за државни патишта кое ќе се задолжи за нови речиси 200 милиони евра преку кинеската Ексим банка за доизградба на автопатот Кичево – Охрид.

Оттука јавниот долг треба да порасне за околу 600 милиони евра.

Бизнисмените со поделени мислења

Првичните оцени на бизнис заедницата се разликуваат околу новите даночни политики, но сите се обединети во едно – следната година капиталните инвестиции не смеат да потфрлат како што беше случај оваа година.

„Ќе вршиме и притисок развојната компонента на буџетот да се зголемува секоја година и очекуваме дека нема да има проблеми со капиталните инвестиции. За нас, овие и средствата што се обезбедени од развојните и иновативни проекти на стопанството директно од владата се многу значајни за исчекор во извозот и развојот на индустриските капацитети“, изјави претседателот на Стопанската Комора на Македонија, Бранко Азески.

Со ова се согласува и директорот на рудникот „Бучим“ – Радовиш

„Буџет од 3.7 милијарди можеби изгледа многу, но и јас себе си се фаќам дека ние до сега бевме навикнати буџетот да го трошиме во непродуктивни цели. Изградба на споредни работи, а многу малку вложувавме во економијата“ изјави Николајчо Николов.

За бизнисот е важно и парите да бидат распределени низ целата држава.

„Колку е подеднакво развоен буџетот мислам на територијално. Ние поради нерамномерниот развој се соочуваме со сериозни проблеми. Еден од тие проблеми е иселувањето. Општина Велес има само еден мост на реката Вардар кој е во катастрофална состојба“, изјави Румен Велевски, бизнисмен од Велес.

Стопанствениците велат дека се потребни повеќе пари и за преквалификации и доквалификации на работниците.

„Да не се доведеме во ситуација во која странските инвеститори нема да инвестираат во Македонија не поради прогресивниот данок или што не сме членка на НАТО, туку затоа што има недостиг од кадри“, вели Дијана Десподов, главен извршен директор на Американска стопанска комора.

Експертите со умерени критики

Економските аналитичари со умерени критики – дел од нив велат дека на власта и недостасува сериозна економска програма.

„Јавниот долг покажува дека нема економски модел, се нема идеи, нема домино ефект во економија. За разлика од претходно кога имавме економски модел со евтина работна рака, рамен данок, странски инвестиции, тоа можеше да се критикува, но тие имаа програма, јас не знам сега на оваа власт која им е програмата, еве продолжуваат да се задолжуваат, па прогресивниот данок“, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.

Буџетот е многу повеќе социјален од развоен, смета универзитетскиот професор Сашо Кожухаров. Според него, задолжувањето негативно би се одразило кон стопанството, а и кон бизнисот во земјава.

„Според предлог – буџетот во 2019 години јавниот долг ќе надмине 54% од БДП односно ќе се зголеми за околу 600 милиони евра. Со тоа земјата ја прегазува црвената линија на задолжувања што како праг ја исцртаа меѓународните финансиски институции во своите последни извештаи“ објаснува тој.

Синдикатите со уште поголеми барања

Иако со буџетот се предвидуваат повисоки плати за вработените во јавната и државната администрација синдикатите не се задоволни – бараат уште повеќе.

„Ваквото минимално покачување нема да помогне во никој случај, тоа е само залажување“ вели Трпе Деановски од синдикатот на УПОЗ.

Независниот синдикат на образование и наука бара 20% а не 5% покачување на платата.

„5% се симболична сума која не ги надоместува животните трошоци, а веќе четири години наназад покачување на платите на вработените нема“, вели Томислав Гиевски од независниот синдикат на просветните работници.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП