26 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар го сака и скалпот на Рајн Некар

Вардар го сака и скалпот на Рајн Некар

Вардар против Рајн Некар е дербито на колото во Лигата на шампионите. Македонскиот шампион моќно влезе во новата сезона во елитната конкуренција, забележа три победи од кои две на гостински терен кај Монпелје и Веспрем.

Наредниот противник ќе биде германскиот претставник, чии дрес го носи македонскиот репрезентативец Филип Талески, а од оваа сезона играч на Рајн Некар, поранешниот вардарец, Илија Абутовиќ.

„Во сабота играме против одлична екипа составена од многу квалитетни ракометари . Знаеме дека ќе биде тешко бидејќи имаат многу разни варијанти во играта. Ние сме фокусирани на средбата. Мораме да се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да дојдеме до нов добар резултат. Играат добро 6 на 6. Знаат да одиграат добро и 7 на 6 и се меѓу најдобрите во таа формација. Клучно за нас е да одиграме добро во одбраната“, вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар.

Шпанскиот стратег за дуелот со Рајн Некар ќе може да смета на Вуко Борозан и Рожерио Мораеш, кои не беа во составот во вторникот, во СЕХА лигата. Овој дуел, како и претходните три во ЛШ ќе го пропушти капитенот Стојанче Стоилов.

„Стоилов работи. Невозможно е да игра овој викенд, но следната сабота против Кјелце би можеле да го имаме. Тој сака да се врати што е можно побрзо“ вели Парондо.

Вардар и Рајн Некар досега имаат одиграно девет натпревари на кои црвено-црните пет пати победила, а биле поразени два пати.

Дербито во рамките на четвртото коло во ЛШ ќе се одигра в сабота од 17:30 во Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП