13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРастат и извозот и увозот – трговскиот дефицит останува

Растат и извозот и увозот – трговскиот дефицит останува

Раст и на извозот и на увозот, а трговскиот дефицит речиси на истото ниво. И новите податоци на Државната статистика ги покажуваат старите трендови.

Во периодот јануари – август 2018-та Македонија во странство пласирала производи со вкупна вредност од 3 милијарди 699 милиони евра, а увозот достигнал 4 милијарди и 911 милиони.

Извозот пораснал за 14.9%, а увозот за 11.8%. Сепак, иако процентуално извозот пораснал повеќе од увозот, во апсолутни бројки тоа и не е така со оглед на различните основи. Извозот пораснал за 479 милиони евра, а увозот пораснал за 518 милиони.

Покриеноста на увозот со извоз е 75.3%, речиси исто како и во изминатите години.

Во првите седум месеци од годинава споредено со истиот период лани извозот на пијалаци и тутун паднал за 5.9%. Сите други ставки имаат раст – кај храната од 0.9%, сировините од 11.0%, минералните горива и мазива од 24.4%, животински и растителни масла од 33.3%, хемиските производи од 15.0%, машините и транспортните уреди од 25.4%.

Најголем трговски партнер на Македонија убедливо е Германија со која имаме и голем суфицит. За седум месеци извозот кон оваа земја достигнал 1.7 милијарди евра, а увозот бил 575 милиони.

На второто место е Грција, на третото Обединетото Кралство, следат Србија и Бугарија.

Државата очекува извозот да расте со побрзо темпо од увозот. На ова се засноваат и проекциите за економски раст во следниот период. Тоа е и еден од заклучоците во „Програмата на економски реформи 2018 – 2020“ на Министерството за финансии.

„Извозот на стоки и услуги се очекува да забележи реален раст од околу 8.0% во просек, во услови на континуирано солидна активност на извозно-ориентираните капацитети, како и очекуван раст на странската побарувачка, додека увозот на стоки и услуги во овој период се очекува да забележи просечен реален раст од 6.4%“ стои во Програмата.

Македонија како мала и отворена економија мора да го поттикнува извозот за да одржи раст на долг рок, потребно е соодносот на извозот во БДП да се зголеми од 50% до околу 75%. Ова е заклучокот и во студијата што неодамна ја изработи Виенскиот институт за меѓународни економски односи по барање на Стопанската комора. Главната препорака е да се направат дополнителни подобрувања во трговскиот сектор со цел да се поддржи растот на извозот.

Еден од позначајните проблеми е тоа што земјава станува се позависна од странска храна. Во овој период извозот пораснал за 0.9%, а увозот за 2.8%. Од јануари до август Македонија потрошила 403 милиони евра за увоз на храна, а од извоз инкасирала само 198 милиони.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП