Врховната претставничка на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Федерика Могерини најави вчера во Њујорк создавањето на систем за трговија за да продолжи трговската размена со Иран, а притоа да се избегнат американските санкции.
Одлуката беше објавена еден ден пред говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на Генералното собрание на ОН, кој се очекува да побара мобилизација против Техеран.
Иницијативата има за цел да го спаси иранскиот нуклеарен договор од 2015-та година и покрај повлекувањето на Вашингтон во мај.
На маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН, Могерини се сретна вчера со високи претставници на Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и Иран.
„Овој систем ќе им овозможи на европските компании да продолжат да тргуваат со Иран во согласност со европскиот закон“, рече Могерини по состанокот.
Таа потсети дека на ниво на ЕУ одлуката за создавање на таков механизам веќе беше преземена за да може да се приклучат и други земји.
Според европски извори оваа „алатка со посебна намена“ (Special purpose vehicle – SPV) ќе функционира како трговска берза или модерен трговски систем врз основа на продажбата на иранската нафта – основен ресурс на земјата.
Ако на пример Иран продава нафта на Шпанија, а Германија испорачува на Техеран стоки од машинството, износот што одговара на испораката на нафта, ќе послужи за директно плаќање на германскиот добавувач.
Тоа ќе биде еден вид комора која ќе провери дали вредноста на стоката извезена и увезена од Иран е неутрализирана, објаснува францускиот дипломатски извор.
Механизмот „имуни“ купувачи и продавачи, избегнувајќи ги трансакциите со долари кои можат да ги изложуваат на санкции од страна на САД.
На 4-ти ноември нов бран американски санкции ќе биде насочени директно кон извозот на иранската нафта и банкарските операции со оваа земја, која де факто ќе се покаже исклучена од меѓународните финансиски синџири.
Новите канали за плаќање треба „да ги смират економските актери“, изјави Могерини за новинарите. Таа истакна дека одржувањето на иранскиот нуклеарен договор е во интерес на меѓународната заедница.