22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст и на извозот и на увозот – стагнација на трговскиот дефицит

Раст и на извозот и на увозот – стагнација на трговскиот дефицит

Извозот расте побргу од увозот, но ова не влијае сериозно на трговскиот дефицит кој останува висок. Македонија станува зависна од увоз на храна, за седум месеци потрошила 356 милиони евра…

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за периодот од јануари до јули 2018-та Македонија во странство пласирала производи со вкупна вредност од 3 милијарди и 247 милиони евра што е за 14.5% повеќе во однос на истиот период лани.

Во првите седум месеци од годинава увозот бил 4 милијарди и 313 милиони евра и исто така остварил раст и тоа од 11.9%.

Сепак, иако процентуално извозот пораснал повеќе од увозот, во апсолутни бројки тоа и не е така со оглед на различните основи. Извозот бил поголем за околу 470 милиони евра, а увозот за 513 милиони.

Позитивно е што сите ставки бележат раст на извозот, макар минимален. Во првите седум месеци од годинава споредено со истиот период лани најмногу пораснал извозот на животински и растителни масла (35.2%), машини и транспортни уреди (26.5%), минерални горива и мазива (21.7%).

Покриеноста на увозот со извоз е 75.3%, речиси исто како и во изминатите години.

Најголем трговски партнер на Македонија останува Германија со која и натаму имаме суфицит. На второто место е Грција, на третото Обединетото Кралство, следат Србија и Бугарија.

Македонија како мала и отворена економија мора да го поттикнува извозот за да одржи раст на долг рок, потребно е соодносот на извозот во БДП да се зголеми од 50% до околу 75%. Ова е заклучокот во студијата што неодамна ја изработи Виенскиот институт за меѓународни економски односи по барање на Стопанската комора. Главната препорака е да се направат дополнителни подобрувања во трговскиот сектор со цел да се поддржи растот на извозот.

„Извозот претставува стратешки одговор за растот на секоја компанија, но и за економијата на една држава. Со него се обезбедува поголем девизен прилив во земјата, компаниите стануваат поконкурентни усогласени со меѓународни стандарди и процедури, што за возврат резултира со поголем профит и можност на компаниите да се стремат кон максимално искористување на своите капацитети“ велат во Стопанската Комора.

Еден од позначајните проблеми е тоа што земјава станува се позависна од увезена храна. За седум месеци Македонија потрошила 356 милиони евра за увоз на храна, а од продажбата на странските пазари инкасирала само 171 милион.

Истовремено извозот на храна имал најмал раст (0.3%), а во истиот период увозот имал позначаен раст (3.2%).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП