19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаштита при работа – дали вашата фирма го почитува законот?

Заштита при работа – дали вашата фирма го почитува законот?

Три несреќи за една недела. Во понеделникот загина работник во каменолом во струшко, а неколку дена претходно и инженер во Тораница и рудар во Говрлево. За безбедноста на работното место се зборува многу малку и најчесто дури откако ќе се случи некоја поголема трагедија.

Сепак, од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) објаснуваат дека состојбата изминативе години во целина е подобрена, но дека остануваат проблеми и на страната на бизнисмените и на страната на работниците.

„Се менува свеста на газдите, најголем дел се трудат да ги почитуваат барем основните законски одредби иако има и такви кои се обидуваат да штедат токму на сметка на безбедноста на своите вработени. Вработените, пак, понекогаш не ја користат заштитната опрема иако таа постои, дали поради менталитетот дали поради навика. Од друга страна ако има проблем најголем дел од нив молчат плашејќи се за своето работно место“ објаснуваат во МЗЗПР.

По 11 години од донесувањето на Законот за заштита при работа, експертите сметаат дека регулативата е во ред, но треба да се поработи на нејзиното спроведување. Законот за 11 години е изменет 10 пати.

Законот е јасен – работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект. Глобите се движат од пет до осум илјади евра за компаниите кои не ги почитуваат пропишаните одредби, но предвидени се казни и за работниците.

„Со глоба (мандатна казна на лице место) од 50 евра во денарска противвредност ќе се казни вработен, ако не ги почитува пропишаните мерки за безбедност и здравје при работа и не ја користи пропишаната опрема за лична заштита“ стои во членот 59 од Законот за безбедност и здравје при работа.

На територијата на Македонија Државниот инспекторат за труд годишно прави по над 13.000 редовни и 1.500 вонредни односно контроли по пријава од работник. Тоа резултира со по околу 3.500 решенија за глоби или за отстранување на неправилности.

Како најкритични дејности каде што најмногу работници имаат несреќи се наведени „Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување“ по што следи „Градежништво“. Најголем број смртни несреќи лани имало во земјоделските дејности, најчесто при управување со трактор, по што следат градежните зафати во домаќинствата.

Во МЗЗПР заклучиле дека при работа во домаќинствата има најмногу несреќи, поради што се акцентира и неопходноста од едукација.

Според анализата на здружението, понеделник и четврток се најнесреќни денови, односно во тие денови најчесто се случуваат несреќи на работно место. Додека од месеците, во април лани се случиле најмногу повреди, а во октомври најмногу смртни случаи на работно место. Најмногу се повредуваат вработените на возраст од 25 до 34 години, додека лицата од 45 до 54 години се оние кои најчесто гинат на работа.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП