4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Вина од Македонија“: Цените на грозјето се повисоки од лани, блокадите ќе...

„Вина од Македонија“: Цените на грозјето се повисоки од лани, блокадите ќе нанесат непроценливи штети

Здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, оценува дека најавите за можни блокади на патиштата, како начин на притисок за зголемување на откупната цена на грозјето, се избрзани, беспредметни и непотребни.

Доколку ваквите закани се остварат, велат од таму, тие ќе значат стопирање на годинешниот откуп на грозје, што дефинитивно ќе нанесе непоправлива штета како на целата домашна винска индусстрија, така и на лозарството.

„Крајниот ефект од пристисоците и заканите кон винарниците за зголемување на цените за откупеното грозје, кои се повторуваат речиси секоја година и се далеку од каква било пазарна логика, доведува до нивно финансиско исцрпување и пропаѓање. Ваквата ситуација ќе значи дефинитивен крај на целокупната домашна винска индустрија и на лозарството затоа што без домашни винарници кои можат да ја издржат жестоката конуренција на светскиот вински пазар, ќе нема кој воопшто да го откупува грозјето. Што се однесува до годинешната берба, не е точно дека цената на грозјето не е променета во однос на минатата година. Напротив, досегашната цена на сортите за кои е отпочнат откупот, како што се кратошија и вранец, е во просек за 8,5% повисока во однос на минатата година, а за сортите како траминец и темјаника цената што некои винаници ја плаќаат е повисока дури и до 40% во однос на минатата година. Истовремено, најголемиот број домашни винарници плаќаат и дополнителни премии за грозјето со повисок квалитет и висока шеќерност, како и за грозјето предадено во гајби“, велат од Здружението.

Од таму додаваат дека од ова произлегува заклучокот дека домашните винарници и покрај финансиските проблеми со кои се соочуваат, како и фактот дека годинешниот род е со квалитет под првичните очекувања, со пониска просечната шеќерност на грозјето во однос на минатогодишната берба, сепак, се подготвени да откупат двојно повеќе грозје, по оптимални цени кои се утврдуваат според единствена логична и возможна методолгија која ја диктира пазарот.

„А токму податоците покажуваат дека цените на виното на светскиот пазар одат во надолна линија. Па така, во моментов големопродажната цена на литар вино од некои од најголемите светски производители, како што е Шпанија изнесува од 0,34 евра, од Италија – 0,35 евра, од Унгарија – 0,4 евра и од Аргентина – 0,32 евра. Со вакви ниски цени на виното на светски пазари, исплатливоста на производството кај голем дел од македонските винарници е сериозно ставена под знак прашање, бидејќи голем дел од ние се борат на светските пазари со овие цени“, велат од таму.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП