4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: колку мерките за вработување даваат резултат?

Анализа: колку мерките за вработување даваат резултат?

Власта се фали дека мерките за вработување даваат резултат, бизнисмените се жалат дека тешко доаѓаат до квалификуван кадар, а експертите велат дека е тешко да се процени колкав ефект навистина имаат субвенциите, обуките, доквалификациите кои ги спроведува Агенцијата за вработување.

Многу невработени луѓе, малку квалификуван кадар

Бизнисмените велат дека пазарот на труд има сериозни дисбаланси – вишок на правници и економисти, недостаток на работници и продавачи.

„Постои јаз меѓу она што е потреба на работниот процес и тоа што системот го произведува како кадар. Имаме разлика и недостаток на практична работа која што треба да ги подготви учениците особено во средното стручно образование за кога ќе го завршат образованието да бидат подготвени да влезат во производствените процеси“, вели Татјана Штерјова од Стопанската комора на Македонија.

И инсистирањето да се заврши факултет односно да се добие диплома предизвикува проблеми на пазарот.

„Ние се соочуваме во ситуација кога имаме премногу кадар со високо образование. Фабриките побаруваат кадар со средно образование, а луѓето со факултет не се мотивирани да аплицираат зашто платите секако се на ниво кое соодветствува со позицијата“, објаснува Александар Милошевски од Сојузот на стопански комори.

Бизнисмените сметаат дека мерките за практиканство и обука кои досега ги организираше Агенцијата за вработување дадоа резултат но тој е ограничен, потребна е реформа на целиот систем за да се испеглаат дисбалансите на пазарот на труд.

Што вели анализата на НБРМ?

Разликата меѓу понудата и побарувачката на вештини е еден од најголемите предизвици со кои се соочува пазарот на труд. Ова го заклучуваат и експертите на Народната Банка (НБРМ) во најновата анализа на оваа тема.

„Иако дел од оваа разлика е циклична и се поправа самата од себе преку економското закрепнување, сепак во голем дел таа е од структурен карактер. Има тренд на намалување на бројот на слободни работни места во речиси сите сектори што укажува на поволно движење кое пред се е резултат на образовните реформи особено на задолжителното средно образование“ се наведува во публикацијата „Движење на основните показатели на пазарот на труд и активните мерки на пазарот на труд во справувањето со невработеноста: искуството на Македонија“ од авторите Анета Крстевска и Маја Илиевска.

Анализата што ја направиле тие покажува дека најголем дел на слободни работни места има во категориите сервисни услуги и продажба, дури една третина од вкупниот број. Висока побарувачка има и за технички и професионален кадар, а во помал обем за основни занимања како работници во индустријата и градежништвото.

Колку мерките даваат резултат?

Активните мерки кои се спроведуваат преку Агенцијата за вработување вклучуваат: кредити и грантови за самовработување, субвенции за ангажирање на работници, обуки и доквалификации.

Анализата на НБРМ покажува дека со ваквите мерки се започнало во 2007-та, обемот растел се до 2011-та, а оттогаш се спроведуваат се помалку.

„Во периодот 2007 – 2016 најкористени се тренинзите чија цел е подобрување на способностите на невработените преку стекнување на специфични вештини… Дел од тие тренинзи се специфични како занаетчиство, туризам, обезбедување, програмирање“ се наведува во анализата на НБРМ.

Пасивните мерки го вклучуваат надоместокот што го добиваат невработените од државата.

„Постои тренд на намалување на бројот на луѓе кои се корисници на компензација за невработеност што соодветствува на намалувањето на стапката на невработеност и / или построгите критериуми за доделување на поддршката“ стои во документот.

Ефектите од активните и пасивните мерки е тешко да проценат пред се поради краткото време на нивна имплементација, нередовноста на дел од нив како и променливата динамика во текот на годините, велат експертите на Народната Банка. Сепак, заклучуваат дека интензивирањето на мерките соодветствува со намалувањето на стапката на невработеност.

Влада: „Гаранција за млади“ дава резултати

Владата минатата недела се пофали дека мерките давале солидни резултати. Десетината мерки и програми од оперативниот план за вработување се скоро 100 отсто реализирани, а пилот програмата Младинска гаранција се покажа како исклучително ефикасна, соопштија министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.

„Овие мерки даваат резултати, трендовите се позитивни и со тоа очекуваме позитивно да влијаат на невработенoста, особено кај младите во Македонија. Трендот на зголемување на буџетот за оперативниот план ќе продолжи и во следните години, а по завршувањето на пилот програмата Гаранција за младите, Владата ќе направи темелна анализа за тоа колку пари ќе се издвојат за идната година“, рече Царовска.

„За оваа програма за учество аплицираа 2.184 невработени лица, а 1.521 од нив успешно ги завршија обуките за развој на претприемаштвото и развој на бизнис план. Во 2018 година беа креирани 920 бизнис планови, од кои 361 се веќе селектирани за регистрација на фирми“, рече Јовановска.

Македонија трета во светот по младинска невработеност

Од друга страна процените на Меѓународната организација на трудот велат дека со 50.1% младинска невработеност, Македонија била на трето место во светот по невработени млади во 2017-та.

На листата ја објави Светската Банка со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%.

Од регионот, пак, освен Босна најголема младинска невработеност има Грција (47.4%), Србија (33.7%), Хрватска (29.4%), Словенија (15.4%), Бугарија (15.0%).

Според дефиниција млади невработени се лицата од 15 до 24 години кои се подготвени да работат и кои презеле активности да најдат работа во последните четири недели.

АВРМ: 7.745 слободно место

На веб страницата на Агенцијата за вработување (АВРМ) има 7.745 слободно работно место.

Се бара секаков кадар –магационери, молери, продавачи, раководители на производство, специјалисти, комерацијалисти, возачи, обезбедувачи на лица и имот, електромонтери, специјалисти за човечки ресурси, бравари, општи амдинистратори, директори, дистрибутери, службеници за организирање патувања…

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

ДЗС: 8.331 слободно работно место

Државната статистика (ДЗС) пак измерила дека во првиот квартал од годинава имало 8.331 слободно работно место. Најмногу работници се бараат во секторите преработувачка индустрија (2.423), трговија (1.828) и административни дејности (779).

Најмногу работници се бараат во скопскиот регион (4.137), а најмалку во северноисточниот (191).

Последните податоци на ДЗС за невработеноста покажуваат дека стапката во првиот квартал изнесувала 21.6% односно дека во земјава има 749.892 вработени и 206.748 невработени.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП