4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурција пред економска катастрофа – што значи ова за Македонија?

Турција пред економска катастрофа – што значи ова за Македонија?

Турската економска катастрофа може да прерасне во вистинско цунами кое би го потресло светот. Засега македонското стопанство не трпи последици, но тоа брзо би се сменило доколку состојбата ескалира.

НБРМ: мала можност за негативни ефекти

Мала е можноста за евентуални позначајни негативни преносни ефекти од турската во македонската економија. Ова го заклучува Народната Банка (НБРМ) во анализата за актуелната посветена на состојбата таму.

НБРМ смета дека може да почувствуваме индиректни последици – турската да влијае на европската, а европската на македонската економија.

„Засега согледувањата на глобалната стручна јавност се дека потресите во турската економија од почетокот на август не би се одразиле значајно врз глобалната економија која општо земено бележи нагорно движење. Истовремено, се оценува дека турската состојба би имала минорни ефекти врз економијата на ЕУ, со оглед на релативно слабата изложеност на европските компании и банки кон турските партнери“ заклучува НБРМ.

Турција не е голем трговски партнер на Македонија

Иако во јавноста преовладува мислењето дека македонската и турската економија се поврзани во суштина тоа и не е така.

Во последните години извозот на Македонија во Турција бил само 1.5% од вкупниот извоз, а увозот бил 5%.

На страна на извозот, преовладуваат железото и челикот и текстилот и облеката, додека најмногу се увезуваат текстил и облека, опрема и машини, пластични маси, храна и пијалаци.

На крајот на 2016 година Турција учествува со 5.3% во вкупната состојба на странски директни инвестиции во Македонија.

Од банкарскиот сектор, една банка е во доминантна сопственост на турски акционер, која сепак во најголем дел се финансира на домашниот пазар и не зависи од финансирање од матичната банка.

Директна изложеност на домашните банки кон турска лира речиси и да не постои, а побарувањата на банкарскиот сектор од нерезиденти од Турција се минимални (0.1% од вкупната кредитна изложеност).

Ќе поевтинат турските производи

Домашните бизнисмени не очекуваат сериозни последици – велат дека наш најголем трговски партнер е Европската Унија со учество од 70%, па оттука Турција нема да има големо влијание освен што би требало да поевтинат нивните производи што може да предизвика зголемен трговски дефицит.

„Во првите шест месеци од годинава трговската размена меѓу Македонија и Турција е зголемена за 23.6% и достигнала 256 милиони долари. Има раст и кај извозот, но и кај увозот што значи тоа дека тоа што се увезува од Турција ќе биде поевтино за македонските компании“, изјави Дрилон Исени, директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Туристичките аранжмани се веќе договорени – нема да има промени

Економската криза има ограничено влијание и на туризмот, и за Турците кои доаѓаат овде и за Македонците кои одат таму, пред се бидејќи аранжманите се веќе склучени.

Оттука падот на националната турска валута нема да придонесе за поевтино хотелско сместување во турските одморалишта, но кога таму еврата ќе се заменат за лири Македонците ќе имаат повеќе за трошење.

„Луѓето не ги фаќа паника, работата е тековна. Сите слушаме во медиумите што се случува во лирата, а граѓаните кои ќе патуваат на интернет го следат курсот на лирата во однос на еврото и доларот. Лани имаше послаб интерес поради тероризмот, но оваа година е подобро, интересот е поголем“ велат во една туристичка агенција.

Од друга страна има континуиран раст на турски гости кои доаѓаат кај нас, па Македонија за нив во иднина би станала поскапа.

Во 2017-та порастот на просечниот месечен број на турски туристи е 22% споредено со просекот во 2016 година.

Што се случи со турската лира?

За една година вредноста на лирата е речиси преполовена. Денеска со неа може да се купат 0.17 долари, а пред една година можеа да се купат 0.28.

Најголемиот пад беше на 10 август, денот кој економистите веќе го нарекоа „црн петок“. Тогаш турската лира загуби речиси 19% од својата вредност во однос на доларот.

Ваквиот пад беше поттикнат од твитот на Доналд Трамп со кој најави воведување на увозни царини за турскиот челик и алуминиум.

Турската Централна банка објави низа мерки за обезбедување на ликвидноста на домашните банки, но слободниот пад на лирата продолжи, бидејќи мерките не успеваат да ја повратат довербата на инвеститорите.

Ердоган: нападот врз економијата е како напад врз знамето

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во своето обраќање преку видео порака, во очи четиридневниот Курбан Бајрам, кој започнува утре, рече дека криза со валутата има една цел да се „доведе Турција и нејзиниот народ на колена.“

„Нападот врз нашата економија не се разликува од нападот на повикот за молитва и нашето знаме. Целта е иста. Целта е Турција и турскиот народ да се донесат на колена, да се заробат“, нагласи Ердоган. „Оние кои мислат дека Турција ќе попушти на девизниот курс, наскоро ќе видат дека грешат“, додаде тој.

Ердоган не ги именуваше земјите или институциите кои ги смета за виновни, но претходно за падот на вредноста на валутата ги обвини таинствените „каматни лобија“, западни рејтинг агенции и финансиери.

Во време на лошите односи меѓу Анкара и Вашингтон, денес врз американската амбасада во турскиот главен град се испукани неколку истрели од забрзан автомобил, без жртви.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП