19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУЈП ќе има неограничен пристап до сметките на граѓаните, но тој треба...

УЈП ќе има неограничен пристап до сметките на граѓаните, но тој треба да биде контролиран

Увидот на Упрвата за јавни приходи во личните податоци мора да се ограничи, а евентуалната размена на податоците со банките за висината на доходот и негово даночење треба да биде кодирана. Ова е ставот и на Дирекцијата за заштита на личните податоци и на Здружението на банкарите по веста за донесување на законот со кој УЈП на електронски начин ќе има увид во податоците и во банкарските сметки на граѓаните.

Дирекцијата за заштита на личните податоци уште во мај годинава дала негативно мислење на предложените измени на Законот за банките со кои УЈП треба да добие слободен пристап до банкарските сметки на граѓаните. Од Дирекцијата соопштија дека измените не се во согласност со начелата за заштита на личните податоци и за тоа испратиле писмо до Министерството за финансии, кое е предлагач на законот.

„Со измените се овозможува преобемно и неограничено обработување на личните податоци, кои по својот обем не се неопходни во однос на исполнување на целите поради кои се обработуваат“, велат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Дирекцијата смета дека првин мора да се смени Законот за УЈП и да се утврдат заштитни мерки за граѓаните, односно да се дефинира кои податоци ќе ги добива Управата, кој ќе ги гледа и колку време ќе се чуваат.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, пак, истакна дека оваа пракса била присутна и порано, но за посебни случаи, со посебни барања, уверувајќи дека нема можност за злоупотреба на податоците.

Од Македонската асоцијација на банкарите велат дека доколку власта остане на ставот и ја имплементира реформата, тогаш ќе мора да се воспостави кодирана размена на податоците, односно имињата на граѓаните да не бидат видливи. УЈП да нема целосен увид во банкарските сметки, туку само да ги прима податоците за кои граѓаните треба да платат данок.

Банкарските сметки на граѓаните, според важечкиот Закон за банките, и сега не се банкарска тајна за низа институции во земјата. До нив пристап имаат Народната банка, Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам и Финансиската полиција. Во законот стои и дека банките треба да им ги дадат податоците и на Министерството за труд, Агенцијата за вработување и на Фондот за здравствено осигурување ако имаат потпишано меморандум за соработка. Со писмено барање до банкарските сметки на граѓаните стигнуваат и Државниот девизен инспекторат, Фондот за осигурување депозити, Јавното обвинителство и судовите.

Од Министерството за финасии тврдат дека целта на овој закон е само да се зголеми ефикасноста на работата на УЈП и податоците да се добиваат по електронски пат. Според нив, сите забелешки во однос на законот ќе бидат земени предвид пред неговото конечно донесување.

„По барање на УЈП, Министерството за финасии го предлага овој закон за да се дојде до поефикасен увид во доходот на граѓаните и да може да се наплатат даноците. Практично, и досега беше исто, но ова е само мерка со која ќе може целиот процес да се автоматизира“, велат од Финансии.

Што се однесува на доходот што граѓаните ќе го примаат на својата сметка, тој нема да подлежи на даночење, тврдат од Министерството.

Оштата процена на економистите е дека новиот модел на работа на УЈП ќе има позитивно влијание врз приходите во буџетот, но кај граѓаните преовладува општ револт за реформата со која нивните лични податоци и приходи може да бидат и злоупотребени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП