21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: раст на јавниот и државниот долг - за што се трошат...

Анализа: раст на јавниот и државниот долг – за што се трошат кредитите?

Државата планира утре да се задолжи за нови 32.4 милиони евра, а јавниот долг веќе изнесува 47.7% од БДП. Новата фискална стратегија предвидува поголемо задолжување во следните две години. Премиерот уверува дека се е во рамки на проекциите и во сигурната зона. Бизнисмените, пак, бараат парите да се насочат во инфраструктурни проекти. Од друга страна капиталните инвестиции целосно потфрлија…

Утре ново задолжување од 32.4 милиони евра

Министерството за финансии веќе за утре има закажано нова аукција на државни записи односно обврзници на која планира да прибере 32.4 милиони евра.

За една година јавниот долг е зголемен за 9.15%. Заклучно со крајот на јуни достигнал 5.14 милијарди евра односно 47.7% од БДП.

Министерството за финансии признава дека јавниот долг е зголемен, но оттаму објаснуваат дека била подобрена неговата структура односно дека сега се плаќале помали камати.

„Претходните години јавниот долг беше брзорастечки и неодржлив. Од 2008 година тој рапидно растеше, а до 2016 година се удвои. Со одговорно менаџирање со јавниот долг, подобрена е и неговата структура. Значително се намалени каматните стапки, како за еврообврзницата, така и за државните хартии од вредност. Зголемена е и рочноста на државните хартии од вредност, што ја зголемува одржливоста на долгот“, стои во соопштението од Министерството за финансии.

Новата фискална стратегија предвидува поголемо задолжување

Власта планира да продолжи со задолжувањето и во наредните години. Во новата фискална стратегија за периодот од 2019-та до 2020-та се предвидува натамошен раст на задолженоста.

Во документот стои и дека задолженоста ќе биде строго контролирана односно дека се планира нивото на јавниот долг да биде во одржливи рамки.

„На среден рок се очекува умерено зголемување на вкупниот јавен долг до 54.8% од БДП во 2020 година и потоа намалување на 53.8% од БДП во 2021 година, што е значително под утврдениот лимит за среднорочно и долгорочно ниво на јавниот долг. Во 2018 и 2019 година се очекува интензивирање на инвестициите во областа на патната инфраструктура, кои се имплементираат со заеми гарантирани од државата“ се посочува во документот на Министерството за финансии.

Оваа Фискална стратегија е изготвена во август годинава и предвидува поголемо задолжување од документот што беше објавен во декември лани. Претходно државата планираше долгот да достигне 53.5% од БДП до 2020-та а сега границата е поместена на 54.8%.

НБРМ: раст на надворешниот долг

И Народната Банка (НБРМ) мери раст на задолжувањата. Нивните анализи покажале дека се зголемил надворешниот јавен долг кој во суштина е значаен дел од структурата на вкупниот јавен долг. Вкупниот државен долг во првиот квартал се зголеми за 1.2 процентни поени од БДП.

„Вкупниот јавен долг на крајот на првиот квартал од 2018 година изнесува 48.2% од БДП што претставува зголемување од 0.7 процентни поени во однос на претходниот квартал. Промената во најголем дел произлегува од зголемувањето кај надворешниот долг (од 31.7% на 33.7% од БДП) при умерен пад на внатрешниот долг (од 15.9% на 15.2% од БДП)“ наведува НБРМ.

Од вкупниот надворешен долг 2.88 милијарди евра отпаѓаат на државата, и тоа најголем дел 2,86 милијарди се долгорочни обврски. Надворешната изложеност на НБМ изнесува 369,5 милиони евра, на приватниот сектор 2.23 милијарди евра. Пораст од 300 милиони евра има и кај приватниот и кај  јавниот надворешен долг.

Заев: задолжувањето е во рамки на проекциите

Премиерот Зоран Заев, пак, вели дека се што било позајмено било во рамки на буџетските проекции.

„Овие задолжувања кои што ги споменувате како и претходните во најголем дел се заради рефинансирање на доспеани проекции и за дофинансирање на државниот дефицит. Апсолутно се држиме во рамки на буџетот“ изјави премиерот Зоран Заев на 1 август.

Премиерот од една страна тврди дека буџетот е во добра финансиска кондиција, од друга најавува прекројување на државната каса во септември или октомври.

„Се уште буџетот не покажува индиции за ребаланс. Нема потреба во текот на летото да се прави. Очекувам септември, октомври, ноември. Веројатно на пресекот на крајот на август ќе се направат овие пресметки за да се отпочнат постапки зашто за еден мал сегмент на потреби кои се јавуваат кај државата се јавува потреба од дополнителни проекции во буџетот“ рече Заев.

Во последните три месеци државниот долг е зголемен за 30 милиони евра, а јавниот за дури 50 милиони. Државниот долг месечно во просек се зголемувал за 10 милиони евра односно Владата секој ден земала кредит во вредност од 300.000 евра.

Најголеми кредитори се пензиските фондови

Најголем кредитор на домашниот пазар се пензиските друштва со удел од 37.10%. Само ним државата по основ на записи и обврзници им должи 558.5 милиони евра.

Следуваат банките со удел од 36.07% и откупени хартии од вредност во висина од 543.0 милиони евра

Долгот кон осигурителните компании достигнува 109.5 милиони евра.

Бизнисмени: кредитите да се насочат кон инфраструктурата

Во двете најголеми стопански комори, СКМ и ССК, сметаат дека јавниот и државниот долг остануваат во безбедната зона иако мора во иднина особено да се внимава за да не се надмине границата на одржливост.

Бизнисмените се согласни дека е најважно за што и како се трошат позајмените пари – доколку се инвестираат во инфраструктура тие го поттикнуваат растот, но доколку одат за тековни трошоци на долг рок само ќе ја задушат економијата.

„Многу поважно од износот на задолжувањата е како ќе се алоцираат средствата. Ние сметаме дека се што е насочено кон развојна компонента ќе знае бизнисот дополнително да го валоризира односно да ја даде додадената вредност на тоа што ќе биде инвестирано. Меѓутоа не смее да се преминуваат некои граници затоа што тоа ќе предизвика други проблеми за системот“ вели Татјана Штерјова, Стопанска комора на Македонија (СКМ).

„Поддржуваме секое задолжување во кое средствата ќе бидат правилно искористени особено државата да инвестира во инфраструктурните проекти. Средствата да се трошат за изградба на автопари, железници. Од таквите задолжување сите ќе имаме бенефит“ вели Александар Милошевски, Сојуз на стопански комори (ССК).

Во ССК сметаат и дека државата треба повеќе да се фокусира на задожување на странските пазари со што би останале повеќе слободни средства кај домашните банки кои би биле насочени кон кредитирање на компаниите.

„Банките таму се на сигурна страна и гледаат да ги пласираат парите таму. Сигурни се дека во определениот рок на доспевање на побарувањата ќе се наплатата парите и каматите и целта на нивното остварување на профит е завршена“ смета Милошевски од ССК.

Капиталните инвестиции целосно потфрлија

Капиталните инвестиции целосно потфрлија. За шест месеци државата потрошила само 16% од парите планирани за инфраструктурни проекти за годинава. Најновиот извештај на Министерството за финансии покажува дека во периодот јануари – јуни биле вложени само 65 милиони евра од вкупно планираните речиси 400 милиони евра.

И додека има потфрлање на капиталните инвестиции, има натфрлање на задолжувањето. За шест месеци Македонија земала дури 89% од планираните кредити за цела години односно се задолжила за над 505 милиони евра само на странските пазари. Дома биле позајмени 156 милиони евра или над 54% од планираното.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП