По повод саемот за играчки во Токио јапонскиот автомобилски гигант „Toyota“ направи необичен спортски концепт наречен „Camatte57s“. Овој потполно функционален автомобил е единствен по тоа што теоретски може да го состави и вози едно дете.
Името на концептот е комбинација од јапонските зборови „грижа“ и „допир“ додека бројот 57 го означува бројот на лесни панели во разни бои од кои возилото се составува. Дизајнерите велат дека името ја одржува идеата дека луѓето треба да бидат подобро поврзани меѓусебно и со своите возила.
Единствениот податок за погонската единица е дека станува збор за електричен мотор. Во минималистичката кабина на овој мал роудстер се наоѓаат седишта во конфигурација на триаголник, со едно седиште напред и две позади.
Во возачкото седиште може да се смести и дете, а во тој случај педалите за забрзување и сопирање се прилагодуваат на малиот возач. За тоа време родителите седат позади од каде исто така можат да управуваат со автомобилот и да го контролираат сопирањето со што му помагаат на детето да ја развива својата возачка способност.