АВТОБИЗ

Евтин електричен „Volkswagen“ пристигнува во 2027-ма, се знае ли како ќе се вика?

Првите електрични модели на „Volkswagen“ не ги исполнија очекувањата на германската компанија, што неодамна го призна и нејзиниот директор Томас Шефер.

Шефер изјави дека „ID.3“ и „ID.4“ не се вистински „Volkswagen“ модели, а се чини дека компанијата се надева дека електричниот „Polo“ ќе ја промени нивната лоша слика на пазарот.

Иако електричниот „Polo“ веројатно ќе биде вистински хит во Европа, „Volkswagen“ подготвува уште еден нов, пристапен електричен автомобил.

Имено, компанијата неодамна поднела барање за заштита на името „ID. Up!“, што јасно укажува дека електричната верзија на моделот „Up!“ во одреден момент би можела да се појави на европските улици.

Ова се совпаѓа со неодамнешното ветување на Шефер дека наскоро ќе биде претставен електричен „Volkswagen“ со цена под 20.000 евра, и тоа во текот на 2027-ма година.

Најверојатно, новиот модел ќе личи на концептот „Volkswagen ID. Every1“, кој беше претставен минатата година.

Сè уште нема официјална потврда дека моделот навистина ќе се вика „ID. Up!“, но ова секако е добра вест за сите што чекаат нов електричен хечбек со пристапна цена.