„Honda“ го претстави целосно новиот SUV-модел „Avancier“, кој носи нова генерација хибриден погон, нова платформа и технологија за електричен погон на сите тркала.
Светската премиера се одржа денеска, 20-ти ноември, а јапонскиот производител го претставува автомобилот како модел наменет за подолги патувања и удобно семејно возење. „Avancier“ е развиен како SUV со три реда седишта, а продажбата е планирана првенствено на азиските пазари, меѓу кои Тајланд, Јапонија и Кина.
Најголемата новина е хибридниот систем „Honda Hybrid“, кој за првпат се вградува во овој модел. Според компанијата, системот е унапредена верзија на нејзината технологија со два електромотора, со подобрена ефикасност на моторот и помала и поефикасна погонска единица.
„Avancier“ е и првиот модел на „Honda“ со новата ознака H, како и со системот „DualPower eAWD“. Тој овозможува предните и задните тркала да се придвижуваат независно, преку посебни електромотори. Така автомобилот може попрецизно да ја распределува погонската сила во зависност од условите на патот.
Моделот добива и нова платформа, развиена со цел да понуди подобра стабилност, помала тежина и поголема цврстина на каросеријата. Дополнително, вградена е технологијата „Motion Management System“, која ги координира сопирањето, забрзувањето и другите динамички функции за подобра контрола на возилото.
Внатрешноста е дизајнирана со минимален број физички копчиња. Повеќето функции се обединети во голем централен екран, додека менувачот е поставен на управувачкиот столб за да се ослободи простор во централната конзола.
Патниците во вториот ред ќе имаат загревање и вентилација на седиштата, а за звукот е задолжен аудиосистем „BOSE“ со поддршка за „Dolby Atmos“ и 12 звучници.
Меѓу најавените функции се и далечински преглед на внатрешноста и околината на паркираниот автомобил преку мобилен телефон, како и софтверски ажурирања преку интернет.
„Honda“ најавува дека до крајот на финансиската година што завршува на 31-ви март 2030-та година планира глобално да претстави 15 нови модели со следната генерација на својот хибриден систем. Цените на новиот „Avancier“ засега не се објавени.