Автомобилите со ознаката „DR“ сè почесто се појавуваат на европските патишта, особено во Италија и Шпанија.
Иако многумина претпоставуваат дека станува збор за кинески производител, „DR“ всушност е италијанска компанија која своите модели ги базира на возила од големите кинески автомобилски производители.
Компанијата „DR Automobiles“, порано позната како „DR Motor Company“, ја основал Масимо ди Рисио во 2006-та година.
Нејзиниот деловен модел се заснова на увоз на комплетни возила од кинеските производители „BAIC“, „Chery“ и „JAC Motors“, кои потоа се доработуваат, приспособуваат и пласираат на италијанскиот пазар.
Со текот на годините компанијата го проширила своето работење и понудата. Во 2020-та година ја претставила својата прва подмарка „EVO“, а подоцна и уште две марки – „Sportequipe“ и „ICKX“.
Денес „DR“ е присутен на неколку европски пазари. Понудата, која првично се состоела од SUV-модели со бензински мотори и фабрички вградени системи за погон на течен нафтен гас (LPG), се проширила на седум различни модели, меѓу кои има и електричен автомобил.
Еден од поинтересните модели е компактниот SUV „DR.5“. Го придвижува бензински мотор со зафатнина од 1,5 литри и моќност од 106 коњски сили, а багажникот има капацитет од 450 литри.
Почетната цена изнесува околу 23.000 евра, додека верзијата со фабрички вграден LPG-систем чини приближно 24.500 евра.
Токму во тоа лежи главната предност на марката „DR“. Со комбинирање на кинеска производствена основа, италијанска завршна обработка и релативно пристапни цени, компанијата се обидува да привлече купувачи кои сакаат SUV по пониска цена од онаа на познатите европски производители.