28 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕДоењето основа за доживотно добро здравје на бебињата и мајките

Доењето основа за доживотно добро здравје на бебињата и мајките

„Доењето основа на животот“ е годинешното мото на Светската недела на доењето, што традиционално се одбележува од денеска до 7 август.

Доењето е најдобар начин да се обезбедат хранливи материи кои му се потребни на детето кога ќе се роди. Мајчиното млеко е неопходно за правилен раст, развој и здравје на бебето, а воедно е добро и за физичкото и психичкото здравје на мајката. Светската здравствена организација препорачува со доење да се почне еден час по раѓањето на детето до негови шест месеци. Со воведување цврста храна се продолжува и доењето до втората година, но и повеќе.

Во светот исполнет со нееднаквост, кризи и сиромаштија, доењето е основа за доживотно добро здравје на бебињата и мајките, стои во пораката објавена на веб страницата на Светската здравствена организација по повод Светската недела на доењето.

– Одбележувањето на Светската недела на доење е начин да се зборува на таа тема и да се подигне свеста на мајките за потребата и за бенефитот од доење. Бенефитите се многубројни. Според податоците, 23 отсто од мајките дојат екслузивно, 41 отсто дојат предоминантно, односно додаваат и други течности. Просечната стапка на доење во светот е околу 30 отсто глобално, истакна Бранкица Младеновиќ, претсе­да­тел­ на Ко­ми­те­тот за про­мо­ци­ја, поддршка и за за­шти­та на доењето при Министерството за здравство и раководител на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца.

Посочи дека и годинава се спроведува мултииндикаторско кластерско истражување, поддржано од УНИЦЕФ, во соработка со Државниот завод за статистика и Министерството за здравство и резултатите кои се однесуваат на процентот на мајките кои дојат треба да се очекуваат до крајот на годинава.

– Се надеваме дека ќе биде подобра стапката на доење, меѓутоа се уште треба многу да се работи. Инаку, во меѓувреме сме преземале повеќе активности, значи освен што се одбележува Светската недела на доење, се отпечатени информативни материјали, се одржуваат обуки на здравствени работници за советување за доење на патронажните сестри на вработените во родилиштата. Се преземаат одредени активности, меѓутоа секогаш може повеќе или подобро, вели Младеновиќ.

Според неа, производството на млеко не зависи во толкава мера што и колку јаде мајката, затоа што во екстремно лоши услови, на пример престој во затвор, во елементарни непогоди, мајките успевале да произведат доволно квалитетно млеко.

Потенцира дека мајката треба да има психолошка поддршка, да знае како да го воспостави доењето, како правилно се дои, а доколку се јави некој проблем треба да и се помогне за да го надмине и да не се откаже од доењето. Многу често, наведува Младеновиќ, мајките при најмал проблем се откажуваат од доењето и тоа е една од главните причини за ниската стапка на мајките кои дојат.

– Мајките многу често не ја примаат потребната поддршка токму во моментот кога им е најпотребна. Тие многу брзо го напуштаат породилиштето после два дена, а треба убаво да им се објасни за доењето. Дома патронажната сестра ги посетува, но многу често таа е оставена сама на себе. Aко мајката добие впечаток дека нема доволно млеко или бебето не сака да цица, не треба да се откажува, туку треба да побара совет од патронажните сестри и од лекарите кои работат во превентивните тимови, истакна Младеновиќ.

Таа појасни дека советување за доење мајките може да добијат преку телефон или да дојдат во пунктовите за имунизација. Патронажните сестри ги посетуваат мајките кои дојат, меѓутоа нагласува Младеновиќ, може да се случи патронажната сестра да дојде двапати во првиот месец, а потоа мајката да има проблем и таа без да се советува едноставно да се откаже од доењето.

– Потребно е континуирано некој да им помага, да ги охрабрува и да им помага во решавање на проблемите. Има голем број невладини организации кои се занимаваат со советување. Треба да се подобри соработката меѓу државните институции и невладиниот сектор и идните мајки уште во бременоста да бидат информирани за доењето, да знаат како се воспоставува и што ги очекува, а не откако ќе се породат, по тој стресен период да се соочуват со дополнителни проблеми поврзани со доењето, посочи Младеновиќ.

Нагласи дека во брошурата за бремени жени е опфатен дел за доење за мајките, за тие уште во текот на бременоста да имаат соодветни информации. Брошурите ќе им бидат дистрибуирани на бремените жени преку патронажните сестри, а добро би било, појасни таа, и преку матичните гинеколози кои ја следат бременоста.

Весна Б. од Скопје, мајка на три деца, истакна дека на социјалните мрежи се повеќе има групи за поддршка на доењето и педијатри кои го форсираат доењето. Потенцира дека доењето е вештина и се учи.

– Секоја мајка има млеко за своето бебе само треба упорност и трпение. Како и ние возрасните, така и бебињата имаат свој карактер. Некои сакаат во една положба да цицаат, некои во друга, многу често имаат и скок во развој, но нема откажување, бидејќи градењето на имунитетот кај бебињата е најбитен во првата година. Колку и да болно и тешко на почеток, спокојството кое го чувствува бебето додека цица, а и мајката, нема цена. Тоа чувство на супермоќ дека јас сум се што му треба на моето бебе во првите неколку месеци е бесценето и посилно од секоја болка, вели Весна Б..

Светската недела на доењето секоја година се одбележува во 170 земји од светот со цел негово поттикнување и унпаредување на здравјето на бебето ширум светот.

Рената Пепељугоска

Магдалена Ристоманов

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП