19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХоландија - жртва и голем победник од Brexit

Холандија – жртва и голем победник од Brexit

Холандија е една од европските земји кои се најсериозно погодени од излегувањето на Велика Британија од ЕУ, но исто така е и најпосакуваната и избиран дестинација од органи и компании кои го напуштаат Островот, благодарение на фискалните предности и добра економска средина, пишува шпанскиот весник „Expansion“.

Според директорот на пристаништето во Ротердам, Алард Кастелејн, „Brexit“ нема да донесе ништо добро за холандските претприемачи. Тој предупредува дека ограничените односи со Велика Британија ќе имаат „негативни последици“ за економијата на земјата, кои ќе влијаат на околу 35.000 компании.

Но државниот секретар за економски прашања Мона Кејзер минатата недела рече дека прекинот на односите на Велика Британија со ЕУ „нуди можности“ за Холандија, како преместување на седиштето на Европската агенција за лекови со нејзините 900 вработени, на јапонската банка „MUFG“, на компанијата „Uniliver“ и на разни даватели на финансиски услуги.

„Brexit“ може да се смета на два начина во Холандија, бидејќи додека експертите предупредуваат за последиците од граничната контрола и зголемувањето на трошоците, реалноста е дека многу компании со десетиците илјади вработени ќе се населат во Холандија по 29-ти март 2019-та година.

Трошоците кои произлегуваат од напуштањето на ЕУ од Британија, можат да достигнат 1,2% од БДП-то на Холандија во 2030-та година, или околу 10 милијарди евра, ако не биде договорен „Brexit“ со договор, покажуваат пресметките на Холандската агенција за анализи на економската политика.

Трговијата на Холандија со Велика Британија изнесува над 3% од нејзиниот бруто домашен производ и 8% од нејзиниот трговски обем, кои се ставени на ризик поради „Brexit“, дополнува Централната статистичка служба.

Најважните извозни стоки се свежото и конзервираното овошје и зеленчук во вредност од околу 2 милијарди евра, месото во вредност од околу 1,3 милијарди евра, цвеќињата во вредност од 1,1 милијарди евра, млечните производи во вредност од 250 милиони евра, компирите во вредност од 200 милиони евра и шеќерот во вредност од 154 милиони евра.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека во случај на „hard Brexit“, Холандија ќе биде една од најпогодените земји поради недостаток на трговски договор меѓу двете земји. Радикалното раскинување на односите меѓу Велика Британија и ЕУ ќе ги намали за 0,7% приходите на Холандија од извоз.

„Но кај „меко“ сценарио, каде што Велика Британија излегува од царинската унија, но го задржува пристапот до единствениот пазар и презема обврска да ги почитува нормите на ЕУ, трошоците за Унијата како целина ќе се речиси нула“, забележува ММФ.

Европската комисија (ЕК) не е толку оптимист и изјави минатиот четврток дека веројатноста за „Brexit“ без договор расте и дека приватните компании и нивните вработени ќе треба „да се подготват за секакви можности“.

Додека политичките преговори продолжуваат, холандските претприемачи почнуваат да бараат нови партнери во Источна Европа, како Полска, Русија или Украина, бидејќи „другата опција е да постигнуваат слаб раст, што никој не сака“, нагласува за холандскиот весник „NU“, директорот на цвеќарската компанија „Dekker Chrysanten“, Цес Декер.

Освен тоа преку Агенцијата за странски инвестиции на Холандија, Владата одржува контакти со над 200 компании, за да ја предложи земјата како дестинација, па „Brexit“ да се претвори во нешто позитивно за земјата, вели портпаролот на агенцијата Михел Бакхуизен.

Холандија им нуди на претприемачите кои бараат азил по „Brexit“, поволна даночна средина, 30% од платата, ослободени од даноци, население кое зборува англиски јазик, добра економска средина, добро ниво на образовние, висок квалитет на живот и локација во центарот на Европа.

Кампањата на Агенцијата за странски инвестиции работи. Во 2017-та година 18 компании се одлучија за Холандија при преместувањето на централата по „Brexit“, а во 2018-та година ги следеа и други, како гигантот во потрошувачките стоки „Uniliver“, кој одлучи да ја прекине двојната правна структура, како се откажа од својот штаб во Лондон и прегрупирајќи се околу своето седиште во Ротердам.

Кон нив се додаваат и други, како финансиската компанија „Cboe Global Markets“ и јапонската мегабанка „Mitsubishi UFJ Financial Group“ (MUFG) кои ја избраа холандската престолнина за европската централа за сметка на Лондон.

Други престижни компании, како што се „Booking.com“, „Netflix“, „Facebook“, „Uber“ и „Google“ веќе имаат канцеларии во Амстердам. Седиштето и филијалите на над 50 европски и меѓународни банки се наоѓаат во градот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП