20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗанаетчиите „се крстат“ во туристите, тие ги одржуваат чаршиите

Занаетчиите „се крстат“ во туристите, тие ги одржуваат чаршиите

Казанџии, самарџии, воденичари, сарачи… Дузина занаети кои веќе изумреа. Старите мајстори во старите чаршии се бројат на една рака.

„Во чаршијава имало и над десет ковачи во убавите стари времиња. Сега пропаѓа занаетот, нема работа, нема муштерии, нема наследници. Никој не сака тешка физичка работа“ вели Арбен Демири, ковач во скопската чаршија.

И додека ковачкиот занает со ударите на чеканот создава музика за ушите, филигранството и златарството создава приказна за очите. Токму овие занаети успеаја да се изборат со модерното и време и да опстанат.

Теџадин Нухири во својот златарски дуќан нуди рачно изработени и уникатни парчиња за кои вели дека се интересни за муштериите.

„Народот нема пари, но се купува кога се има посебен повод, за свадби, за веридби не се штеди“ објаснува Нухири.

Тој е задоволен од работата а има и наследник. Неговиот 25 годишен, Кренар, син секој ден е во дуќанот со него и му помага

„Ова ми е ете како занает од татко ми. Јас исто така  завршив и факултет, ама еве не успеав се уште да се вработам. Мислам дека ќе го држам и овој занает колку можам“ вели Кренар Нухири.

Занаетчиите велат дека нашите луѓе многу помалку купуваат, дека работат пред се за странците. Ова особено важи за охридската чаршија. Мајсторите таму велат дека имаат доволно работа, но само на лето. Во другиот дел од годината се случувало и по цел ден да не им влезе муштерија во дуќанот.

Анастас Дудан има работилница за изработка на уметнички предмети од метал. Го прави на стар, традиционален начин, а вградува мотиви од македонското културно наследство.

„Кога ќе видат наша маска македонска од нашиве краишта таа е многу интересна за нив и на нивно задоволство ја купуваат. Некој ако е навистина вљубеник, ако знае да го процени експонатот, дека има историја дека има традиција, дека потекнува од еден древен град, дека е изработено рачно со благороден материјал го купува. Има и такви со поплиток џеб, па само гледаат, ја хранат душата“, објаснува Дудан.

Трендот на изумирање на занаетите не е нов – тие постепено исчезнуваат уште од почетокот на минатиот век а особено по втората светска војна. Во Македонија сега има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности но бројката има постојана тенденција на намалување.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП