9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛазар Нанев, судија и претседател на Советот за превентива од малолетничка деликвенција

Лазар Нанев, судија и претседател на Советот за превентива од малолетничка деликвенција

Македонија ќе биде прва земја во регионот, која воведува индикатори за препознавање на деца-жртви. Индикаторите за потребите на државните институции ги изработи Советот за превентива од малолетничка деликвенција. На оваа тема зборуваме со претседателот на Советот, судијата Лазар Нанев, кој исто така е и претседател на Комисијата за ревизија на АКМИС системот.

Во интервјуто за МИА Нанев деталнo ги појаснува индикаторите, процесот на нивна изработка, состојбата со малолетничката деликвенција во земјава, поврзаноста меѓу дете-жртва и дете во судир со законот.

Господине Нанев, за какви индикатори станува збор?

Сериозните физички, психолошки и емоционални последици од насилството или кривичното дело и виктимизацијата за децата-жртви, особено во случаите кои вклучуваат сексуална експлоатација, како и фактот дека учеството на децата-жртви во кривично-правниот процес е неопходно за ефикасно судско гонење, особено онаму каде што детето-жртва можеби е единствениот сведок и сето ова ја потенцира потребата за создавањето пишани индикатаори за следење на состојбата за постапките во случаи кои вклучуваат деца-жртви од насилство или од кривични дела.

Индикаторите за следење на состојбата се алатка која е дизајнирана за да се зајакнат капацитетите на оние кои се вклучени во работа со деца-жртви во процесот на „правда за децата“. Овие индикатори имаат за цел да постават стандарди на пракса со што значително ќе се подобри квалитетот на правдата. Тие се првенствено наменети за професионалците од системот на правда за децата, но треба да се преземат како репер за секоја организација која е вклучена во работа со деца-жртви.

Развивањето на системот на индикатори е детерминиран поради тоа што денес голем број деца страдаат поради криминал и злоупотреба на моќ и дека правата на тие деца не се соодветно препознаени, дека тие може да бидат изложени на дополнителни тешкотии кога помагаат во правниот процес, дотолку повеќе што децата се ранливи и имаат потреба од посебна заштита која одговара на нивната возраст, ниво на зрелост и индивидуални посебни потреби, а со тоа и да се спречи виктимизацијата на децата, да се утврди дали, процедурите, процесите и ресурсите се имплементираат, функционираат, дали се препознатливи, кои се неговите недостатоци, потреби.

Поради тоа, СППМД, со поддршка на УНИЦЕФ од 2016 година, кој продложи и во 2017 година, ги имплементираше активностите за криеирање на идникатори за следење на состојбата со децата жртви на насилство.

Листата на индикатори содржи општи и специфични податоци, кои ги опишуваат генералните карактеристики на насилството, но и преземените специфични процесни дејствија и форми за заштита.

При креирање на листата на индикатори, особено се внимаваше секој индикатор да е мерлив квантитативно и квалитативно, независен, релевантен и временски ограничен. За секој индикатор важно е да се согледа можноста за негова примена и достапноста за собирање на податоците која често зависи од развиеност на информацискиот систем на институциите, но и од мотивираноста на вработените за собирање на релевантни податоци.

Дали другите земји во регионот имаат вакви индикатори, црпевте ли искуства од нив?

Ниту една земја во регионот на ЈИЕ нема такви индикатори. Ние како НВО прв пат со финансиска поддршка од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија ги изработуваме врз основа на перформансите, кои се поставени од страна на ОН. Проектот траеше две години, беа ангажирани шест национални експерти. За секоја институција се креирани индикатори. Тие се изработени за потребите на Националното координативно тело при Владата, ова го работиме за потребите на државата, ова е соработка НВО-владин сектор, исклучителен случај во кој цивилниот сектор работи во интерес на Владата. Мора да се дефинира секој индикатор, да се даде соодветна дефинција, да биде видлив и мерлив тој критериум. Креирани се за секоја институција, вклучена во овој процес, ЦСР, полиција, судство, обвинителство, здравство, образование.

Станува збор за шест индикатори, за шест институции?

Индикатори за ЦСР се деца жртви на насилство, деца жртви на занемарување евидентирани во ЦСР, деца жртви на физичка злоупотреба, деца жртви на емоционална злоупотреба, деца жртви на сексуална злоупотреба, деца жртви на друг вид насилств, примена на надзор над вршењето на родителското право, вкупен број деца жртви на насилство за чиј случај е формиран и работел меѓусекторскиот тим (МСТ).

Индикатори за МВР се деца жртви на кривични дела, деца жртви на сексуална злоупотреба, деца жртви на запуштање и малтретирање, извршен разговор со деца-жртви на злоупотрба и запуштање во посебно опремени простории за водење разговор, остварено право на бранител за дете жртва на злоупотреба и запуштање, деца жртви на кривични дела – злоупотреба и запуштање со кои за време на разговорот воден во полиција бил вклучен претставник од ЦСР.

Индикатори за следење на состојбата со децата жртви на насилство за здравство – стапка на насилство врз децата, процент на деца жртви на насилство регистрирани во здравствените служби и пријавени од нив во центрите за социјална работа или полиција, стапка на лекувани деца во службите за итна медицинска помош (ИМП) поради насилство, стапка на деца лекувани во примарна здравствена заштита (ПЗЗ) поради насилство, стапка на болнички лекувани деца поради насилство, процент на деца жртви на насилство кои се упатени до службите за опоравување, реинтеграција или психолошка поддршка, процент на користење на службите од деца жртви на насилство, стапка на убиства на деца.

Индикатори за следење на состојбата со децата жртви на насилство за образование – деца жртви на семејно насилство, деца жртви на физичко насилство, деца жртви на психичко/емоционално насилство, деца жртви на сексуално насилство, деца жртви на малтретирање/силеџиство.

Индикатори за следење на состојбата со децата жртви на насилство за ЈО – дете жртва на кривични дела со насилство, злоупотреба, запуштање или малтретирање, сторител на кривично дело во кое жртва е дете, подносител на кривична пријава за сторено насилство, злоупотреба, запуштање и малтретирање на дете, аудио-визуелен запис од исказот на детето жртва, примена на целесообразност спрема дете над 14 години за кривични дела во кои дете е жртва, условно одлагање на поведувањето постапка спрема дете над 14 години за кривични дела во кои дете е жртва, неповедување постапка поради постигната спогодба во ЦСР спрема дете над 14 години за кривични дела во кои дете е жртва, проширен опортунитет и неповедување постапка спрема дете над 14 години за кривични дела во кои дете е жртва, потпишани писмени спогодби во постапката за медијација кога дете е жртва.

Индикатори за следење на состојбата со децата жртви на насилство за судството – деца жртви на кривични дела, осудени лица сторители на кривични дела, во кое дете е жртва и видови на законска инкриминација на кривичните дела, изречени кривични санкции за осудени лица за кривични дела во кои дете е жртва, примена на посебни мерки на процесна заштита на деца жртви, испитување на дете жртва на насилство или кривично дело, примена на правото на обештетување на дете жртва, број на поднесени предлози до судот за изрекување на привремена мерка за заштита на дете од семејно насилство согласно ЗПСЗСН.

На кој начин, по кои критериуми досега институциите ги идентификуваа децата-жртви?

Никако. Значи според видливоста на случајот, ќе забележите, ќе видите, многу случаи не се пријавуваат. Во првичниот извештај, што сега го направивме, најмалку податоци имаме од здравство, лекарите не сакаат да пријавуваат, се плашат, имаат страв. Мислат, „ќе ме викаат после како сведок“. Во образованието исто така нема волја за пријавување на ваквите случаи со цел да не си го нарушат кредибилитетот на институцијата. Не ми е јасно како сите настани на насилство се случуваат надвор од оградата на училиштето, имаше такви настани, ама повеќето не се случиле во училишниот двор, туку надвор од него. 99,9 отсто од случаите се такви, што е последица на стравот да се признае дека се случил одреден настан заради кредбилитетот на самата институција. Во ЦСР, полиција, судство, јавно обвинителство, тука има статистика и тука нема бегање, таа е бројката. Имаме индикатор за деца-жртви, тој е внесен и сега статистики на крајот на месецот ја даваат бројката на преку Едусофт, барем можам да зборувам за судството, истото на тој начин ќе биде и во обвинителството и во полицијата. ЦСР имаат исто информатички систем Лирикус и тие на тој начин ја креираат таа база на податоци.

Велите земјите од регионот немаат вакви индикатори, каква е состојбата во ЕУ?

Немаат. Ние ќе бидеме лидер во однос на тоа. Во ЕУ имаат одредени земји, Ирска, скандинавските земји, во другиот дел немаат. Сега ќе ги промовираме индикаторите, извештајот се финализира. Главното прашање кога разговаравме со сите национални експерти, со МТСП, кое е носител и претседавач на таа Комисија е дека ние сега имаме извештај од 500 страни од сите институции, но за јавноста и за медиумите тоа не е релевантно. Првото прашање кое новинарот ќе ви го постави на прес е на пример колкав е бројот на децата жртви во РМ, треба да кажам конкретна бројка, не можам да кажам во ЦСР е толку, во полиција е толку, во судовите е толку, во обвинителството е толку, која е вистинската бројка. Работиме на спојување на податоците. Сепак најрелеватната бројка е ЦСР, таму се идентификуваат и не завршуваат сите предмети во судска постапка. ЦСР е носител, алка завршница, каква било одлука мора да потекне со дадено мислење од страна на ЦСР.

Малолетничка деликвенција и деца-жртви се две различни појави?

Малолетничката деликвенција кога говориме за неа мислиме на децата, кои дошле во судир со законот, новинарите треба да го користат овој термин, се обидуваме заради нивната ранливост, заради нивната состојба не велиме детето обвинето, сторител. Тоа е внимателноста на терминологијата, која се извлекува од Конвенцијата за правата на детето. Имаме дете во ризик, под 14 години, за тие деца под 14 години не се применуваат санкции, туку мерки на помош и заштита. Дете е секое лице до навршена 18 годишна возраст, за разлика од претходниот систем каде деца ги сметавме до 14 години, потоа помлади и постари малолетници, таа терминологија е напуштена согласно Конвенцијата. Дефиницијата за дете ја презедовме во нашиот правен систем од Конвенцијата за правата на детето.

Дете жртва е секое дете на возраст до 18 години кое претрпело штета, вклучувајќи физичка или ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или загрозување на правата и интересите како последица на сторено дејствие со закон предвидено како кривично дело.

Дете во ризик до 14 години односно од 14 до 18 години е секое дете кое во времето на извршување на дејствието со закон предвидено како кривично дело за кое е утврдена парична казна или затвор над три години или дејствие со закон предвидено како прекршок наполнило седум, а не наполнило 14 години, односно наполнило 14, а не наполнило 18 години.

Дете во судир со закон од 14 до 16 години е секое дете кое во времето на извршување на дејствието со закон предвидено како кривично дело за кое е утврдена казна затвор над три години наполнило 14, а не наполнило 16 години, а дете во судир со закон над 16 години е секое дете кое во времето на извршување на дејствието со закон предвидено како кривично дело за кое е утврдена казна затвор над три години наполнило 16 години, а не наполнило 18 години.

Вака дефинираната состојба на дете, покажува дека постои тенка линија помеѓу овие категории од причина што и самото дете во судир со законот и дете во ризик сами по себе се жртви како резултат на социјално-економски состојби во кои се нашле. Имено, децата во судир со законот не се казнуваат заради тежината на кривичното дело туку напротив изречувањето на санкцијата е врз основа на нивната личност, која е основа за преземање на организиран систем на активности. Исто така, со тоа што спрема овие категории на лица со закон постапуваат специјализирани професионалци и стручни лица, преку мултисекторско делување, неспорно укажува на тенката граница помеѓу нив.

Дали располагате со податоци за тоа колку деца жртви на сексуално насилство има во земјава на пример 2017 и оваа година?

Врз основа на креираните индикатори, за првпат кај нас се собрани податоци и за деца жртви на сексуално насилство, за потребите на Националното координативно тело за злоставување и злоупотреба на деца.

Според Извештај за примена на Законот за правда за децата од страна на центрите за социјална работа подготвен од ЈУ Завод за социјални дејности, во 2017 година од вкупниот број (1014) евидентирани деца во ризик, 55 се деца жртви на сексуална злоупотреба, од кои 14 деца се евидентирани во 2016, но нивниот третмат и заштита во ЦСР продолжил и лани. Четириест и едно дете се новоевидентирани во 2017 во оваа категорија на корисници.

СППМД е единствена НВО во земјава која работи на оваа проблематика. Основан е во 1996 година. Ваша оценка на состојбата со малолетничката деликвенција во земјава денес?

Малолетничката деликвенција претставува сериозен општествен проблем со кој денес се судираат, сите земји во светот. Тежината на проблемот произлегува од обемот, структурата и динамиката на кривичните дела што ги вршат децата како и од тоа дека се работи за деца, кои со своето деликвентно однесување во голем број продолжуваат и како полнолетни.

Анализите во Македонија покажуваат дека појавните облици низ кои се манифестира криминалното поведение на децата се изразува преку зголемување на имотниот и криминалитетот со насилнички елементи и намалување на старосната граница. Ова воедно значи потврда на теоретската поставка дека економските потешкотии и загрозеност на поголем број граѓани се одразуваат врз нивното криминално поведение, особено врз зголемување на имотниот и насилничкиот криминалитет.

Малолетничкиот криминал пет години наназад бележи тренд на стагнирање, притоа 60 отсто од кривичните дела што ги извршиле децата во судир со законот е делото „тешка кражба“.

Една од основните карактеристики на малолетничкиот криминал и понатаму е повторништвото, а потврда за истото е дека бројот на пријавени кривични дела е двојно поголем од бројот на пријавени лица односно сториле по повеќе кривични дела (некои од нив и по 30 кривични дела).

Од пријавените малолетни лица, 95 отсто се од машки, додека пет се од женски пол, а најчесто се пријавувани за вршење имотни деликти. Обично делата ги вршат во групи составени од полнолетни лица, познати сторители на кривични дела, а многу поретко дејствуваат поединечно или пак заедно со други деца.

Во рамките на делата проследени со елементи на насилство, загрижува се почестата употреба на огнено и ладно оружје, кое честопати го употребувале на јавни места, како што се училишта, автобуси, постојки и сл., повредувајќи ги притоа свои врсници, а со ваквото однесување предизвикале чувство на страв и вознемиреност кај граѓаните.

Според видот на криминалот, 98 отсто од малолетничкиот криминал е од областа на класичниот криминал. Во рамките пак на овој криминал, децата, вообичаено најчесто вршат имотни деликти. Овие дела децата најчесто ги вршат организирано, односно во група составена од деца и полнолетни лица, кои со употреба на физичка сила и погодни предмети провалуваат најчесто во патнички и товарни возила, потоа во куќи, објекти во изградба, викендици, гаражи, подруми и сл., при што одземале акумулатори, гориво, мобилни телефони, бакарни и железни предмети, техничка стока, помали износи на парични средства, а поретко и накит. Целта на вршење на овие дела е противправно стекнување со имотна корист, па од тие причини украдените предмети најчесто ги продавале на отпадите за откуп на старо железо или пак на други лица кои за продадените предмети им давале паричен износ помал од реалниот.

Тоа значи дека, децата во судир со законот го следат трендот на полнолетните сторители, со феноменологија која ги следи трендовите во земјите од нашето опкружвање.

Каде децата во земјава отслужуваа казна и какви се условите во тие установи?

Согласно членот 34 од Законот за правда за деца, на дете од 14 до 16 годишна возраст за дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело можат да му се изречат само воспитни мерки. На дете од 16 до 18 годишна возраст за дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело можат да му се изречат воспитни мерки, а по исклучок може да му се изрече казна или алтернативна мерка.

Согласно чл.50 од Законот за правда за деца, може да се казни дете кривично одговорно над 16 годишна возраст само ако поради тешките последици од стореното дело и високиот степен на кривичната одговорност не би било оправдано да се изрече воспитна мерка. Под условите определени со овој закон, на детето над 16 годишна возраст можат да му се изречат следниве казни: затвор за деца, парична казна, забрана на управување со моторно возило од определен вид или категорија и протерување на странец од земјата.

Во Македонија, казна затвор и воспитната мерка упатување во воспитно-поправен дом се извршува во казнено-поправни и воспитно-поправни установи. Казната затвор за деца се извршува во затворот за деца во Охрид за машки лица и во КПД Идризово-женски оддел, за женски лица. Воспитно-поправни установи се Воспитно-поправен дом Тетово и Воспитно-поправен дом Скопје, каде што се извршуваат заводските мерки.

Јавните установи за деца со проблеми во однесувањето и поведението не ја даваат посакуваната цел, бидејќи децата повеќе време се надвор од установата, односно се во бегство, одошто се под третман и соодветна грижа. Овие установи се неефикасни и не ја постигнуваат целта на превоспитно делување кон децата. Децата наместо да се превоспитаат и да им се промени нарушеното поведение кон подобро, тие само ја менуваат установата. Дете кое го среќаваме во „25 Мај“ како дете кое што има воспитно социјални проблеми, по извесен период со решение од надлежен центар се упатува во установата „Ранка Милановиќ“ како дете со нарушено поведение, па понатаму судот ќе му донесе решение со воспитно поправна мерка – упатување во воспитно- поправен дом затоа што дошол во судир со законот, односно се дал на кражба или во вршење на некое друго кривично дело.

Недостиг соодветен кадар во овие установи, недостигаат воспитувачи за работа со овие деца, несоодветни услови за сместување, несоодветни архитектонски решенија на установите, односно реусрси кои не одговараат на целите кои треба да бидат остварени. Недостига индивидуален пристап за работа со дете. Индивидуален пристап значи секојдневно посветување внимание за определено дете.

Несоодветните сместувачки капацитети, програмите за третман, недостатоткот на човечки реусрси, стручни и професионални лица, тимската работа, квалитетот на услугите, создаваат лоша слика за установите и несоодветен третман спрема децата. Поради тоа, државата мора приоритетно да делува во системот на правда за децата.

Колку семејството и образовниот систем се одговорни за „продуцирање“ на малолетници деликвенти?

Семејната средина е примарен елемент на социјализација и секој облик на криза во семејните односи и брачна дисхармонија може да се одрази и на емоционалниот развој на детето во разни видови на нарушувања.

На воспитниот процес во развојот на младата личност непосредно се изразуваат структуралните семејни нарушувања, како што се развод на родителите, губење или напуштање на децата од страна на едниот или двата родитела, занемарување и социјално-патолошки појави кај некој од членовите.

Истражувањата покажуваат дека малолетните деликвенти во 30 отсто од случаите се регрутираат од семејства на разведени родители, што е четирикратно повеќе отколку кај семејствата со двајца родитела. Во семејните фактори кои имааат значителна улога се вбројуваат и материјалната сигурност, вработеноста, односот и грижата на родителите станбените услови и слично. Покрај тоа, истражувањата покажуваат дека малолетните деликвенти потекнуваат и од алкохоличарски семејства. Стабилноста на семејството и семејните врски се многу по цврсти во руралните средини отколку во урбаните каде семејството на некој начин е отуѓено и самостојна општествена категорија.

Покрај семејството тука е и училиштето, како институција во која се одвиваат најважните воспитни и образовни процеси, социјализација на личноста и оспособување за престојните работни и општествени функции.

Училишната програма и функцијата на училиштето во современите услови се повеќе се ориентирани на образовните отколку на воспитните аспекти на младиот човек. Во таквиот систем изостанува изградување на морални норми, позитивни ставови и карактер на личноста, затоа што програмите не се прилагодени на физичкитеи психичките можности и потреби на младите, нивниот интерес и задоволувањето на желбите.

Покрај тоа во образовниот систем, недостасува потребна опрема, лабаратории и кабинети, училишни дворови и други објекти за физичко воспитание кои би го окупирале вниманието и интересот на учениците, содржајно би го исполниле слободното време во креативна и инвентивна работа на младата личност.

Одредено значење имаат и интерперсоналните односи кои влијаат на слабите ученици кои се подлежни на социо-патолошки појави, прекин на школувањето, честа промена научилишната средина, бегање, и други видови на оправдани и неоправдани отсуства од наставата како и слаб успех. Последица на сето ова е тоа што дури 60-70 отсто деца стануваат деца во судир со законот за време на училишниот период.

Дали по правило деца од насилни и криминогени структури на семејства ги следат стапките на своите старатели?

Иако не е правило, статистиките покажуваат дека, многу често од насилни и криминогени структури на семејства ги следат стапките на своите законски застапници, што покажува дека институциите на системот имаат сериозен дефект во процесот и не работат со семејството, особено децата кога еден од родителите или член на семејството влегол во водите на несодоветното однесување. Имено системот на ресоцијализација е комплексен процес, кој ги опфаќа не само сторителите туку и делување на семејството посебно децата, заради нивна грижа и правилен развој. Тоа е обврска на државата, која треба да ја промовира, а не да ја занемарува. Одговорност е на државата доколку родителите навлегле во криминогени структури, да го следи семејството и да го зголеми вниманието и влијанието кон децата, како би ги спречиле и тие да навлезат во криминалните води.

Иако генерално би требало да бидеме посвесни како насилството кај малолeтниците да се зголемува, дали за тоа се виновни медиумите, особено социјалните?

Влијанието на медиумите, особвено социјалните кај малолетничката деликвенција е видно присутен, отколку кај деликвенцијата кај возрасните.

Тоа е разбирливо пред се, поради психофизичката структура на младиот човек кој е во фаза на развој, стекнување на навики, и период на идентификација со позитивни и негативни влијанија. Медиумите (филм, тв, интернет ) им нудат на адолесцентите одреден модел на живот и колективно (групно) однесување.

Друг битен фактор е однесувањето и идентификацијата, посебно во однос на медискиот модел. Истражувањата покажуваат дека, насилството кое се прикажува на телевизија во голема мера, со тек на времето го зголемува прагот на насилство кај децата. Децата учат секој момент, учат од искуствата. Највпечатливите искуства од светот на медиумите, тоа свое однесување го пренесуваат и во реалниот живот. Низа масовни убиства кои во САД ги сториле деца помлади од четиринаесет години, постанеле загрижувачки.

Донесени се голем број на документи за уредување на телевизиските и радио програми, кои покрај останатото ги регулираат и принципите на заштита на децата во медиумското известување. Меѓутоа нашите медиуми многу често ги кршат наведените принципи.

Дали имате информации колку од децата сторители на кривично дело претходно биле самите жртви на некаква форма на насилно однесување?

Ваков индикатор со кој би се креирале податоци колку од децата сторители на кривично дело претходно биле самите жртви на некаква форма на насилно однесување, нема креирано, но се надевам дека, оваа ќе биде повод во следната фаза на евалуација да биде креиран и овој индикатор.

Како да ги заштитиме децата?

Државата е одговорна да создава услови, да креира програми, да овозможува примена на законите, да повикува на одговорност на сите кои не ги почитуваат законите во системот на правда за децата. Државата мора децата да ги рангира на највисокто скалило, да нуди алтернативи за децата, да креира мултисекторски тимови,да ги јакне капацитетите на сите институции, на општинските центри за превенција на детско престапништво и создавање материјални и кадровски предуслови за нивно функционирање, и инвенстирање во превентивни програми.

Засилување на непосредното превентивно дејствување на полицијата преку спроведување на позорната дејност.

Рано идентификување и пружање соодветна помош и поддршка на децата во ризик од страна на надлежните институции.

Ана Цветковска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП