Вработените во прилепски Еурокомпозит повторно поставија шатори пред Владата – бараат 18 плати и придонеси за 6 години, како и конечно регулирање на статусот на последниот македонски загубар. Владата засега нема решение, бара консултант кој ќе понуди излез за компанијата која се соочува со проблеми веќе 15 години. Некогашната југословенска гордост сега е македонски проблем.
Работниците поставија камп пред Владата
Вработените од Еурокомпозит пристигнаа во Скопје и поставија шатори пред Владата. Велат дека ќе останат таму се до исполнување на нивните барања – исплата на 18 заостанати плати, на придонеси за 6 години но и конечно решавање на статусот на фабриката.
„Барање за прием во Владата доставуваме веќе цела недела, но немаме никаков одговор. Затоа дојдовме овде, а овде и ќе останеме се додека не бидеме примени од надлежните“ изјави Роберт Богдановски, претседател на синдикалната организација на Еурокомпозит.
Ова е втор собир на вработените во Скопје годинава. Во мај Владата вети дека 100 вработени веднаш ќе заминат како технолошки вишок и дека за три месеци фирмата ќе се продаде и за останатите ќе има и работа и плата. Но, од Нова Година досега работниците имаат земено само по околу 20 илјади денари паушално и линеарно.
„Сега сме решени да останеме во Скопје до конечно решавање на нашава фабрика. Или сите нека не прогласат за технолошки вишок или нека почне фабрикава да работи. Секоја плата ја земаме со доцнење и со штрајкови. Тоа повеќе не можеме да го издржиме“ објаснува Богдановски.
Претходниот штрајк беше прекинат откако на крајот на март генералниот директор Александар Кузески поднесе неотповиклива оставка.
Засега ништо од владините ветувања
Во март Владата вети конечно решение за загубарот во наредните 6 месеци. Вицепремиерот Кочо Анѓушев тогаш рече дека проблемот се провлекува во последните 15 години и не може да биде решен преку ноќ.
„Проблемот со Еурокомпозит се провлекува последните 15 години и не се создаде сега. Вработените немаат земено плата со години наназад и никој претходно не се обидел квалитетно да го реши нивниот проблем. Како Влада имаме донесено одлука Еврокомпозит да стане добро и здраво претпријатие и ќе ги разгледаме сите можности како да стигнеме до тоа“ изјави во март вицепремиерот Анѓушев.
Сепак, работниците велат дека тогаш им било ветено и оти ќе добиваат по една плата месечно, а заостанатите плати ќе им бидат исплатени по конечната разврска. Оттогаш немаат земено ни денар.
Владата бара консултанти за загубарите
Пред точно еден месец Владата распиша повик за избор на консултант за продажба на 3 фирми во државна сопственост – Фабриката за шински возила „Велес“, позната како „Колска“, прилепскиот загубар „11 Октомври – Еурокомпозит“ и ски центарот „Попова Шапка“.
Проценетата вредност на договорот е 15 милиони денари без ДДВ, или приближно 244 илјади евра. Критериум за доделување на договорот е најповолната економска понуда, при што цената учествува со 60 бодови, а квалитетот со 40.
Консултантот што ќе се избере треба да ги утврди сопственичките удели во фирмите, долговите, загубите, но и судските спорови. Треба да се понудат три модели за продажба, а Владата да одбере еден.
Ревизори: компанијата не е самоодржлива
Последниот достапен ревизорски извештај се однесува на 2016-та и тој покажува дека компанијата не може да биде самоодржлива.
Според извештајот приходот од продажба бил одвај 40 милиони денари, трошокот само за вработените бил 58.55 милиони, а вкупните трошоци 110.56 милиони денари.
Вкупните приходи последните години имаат драстичен пад. Во 2014 година биле над 100 милиони денари, во 2015 година изнесувале 65.5 милиони а во 2016-та паднале на 40 милиони денари. Во истиот период се намалуваат и расходите од работењето на компанијата, но со значајно помал интензитет.
„Постои материјална неизвесност на претпоставката за одржување на континуитетот на работењето на друштвото“ се заклучува во ревизорскиот извештај.
Вработените немаат земено 18 плати
Еурокомпозит е последниот на листата државни загубари. Компанијата со години се соочува со проблеми, работниците немаат земено 18 плати а придонесите не им се платени за последните 6 години.
Фабриката во моментов не произведува, а вкупните долгови надминуваат 5 милиони евра.
Главен проблем е континуираниот недостиг од работа, па изминатите години се случуваше вработените со месеци да бидат пуштени дома со 70% од платата во очекување на некој подобар договор. Кога пак ќе се договореше зделка се работеше и во две смени.
Од југословенски гигант до македонски загубар
Еурокомпозит е последна од десетината фирми ќерки кои произлегоа од некогашниот гигант Еуроинвест „11 Октомври“ кој имаше над 1.600 вработени.
Еуроинвест бил формиран во Прилеп во 1952-та како фабрика за електро изолациски материјали. Дваесет години подоцна станува дел од компанијата Енергоинвест Сараево, а кон крајот на 70-те ја проширува дејноста кон производи за специјална намена како воена и полициска опрема и термо реактивни прес маси.
Со распадот на Југославија започнува распадот и на Еуроинвест. Во 1991-та македонската подружница е трансформирана во холдинг со 1.800 вработени.
Холдингот беше сочинет од повеќе правни субјекти Еурофуд, Еуроламинати, Еуротрејд, Еуропрофил, хотел Липа. Овие компании една по една одеа во стечај. Последна е Еурокомпозит која беше трансформирана во акционерско друштво со капитал 100% во сопственост на државата. Во 90-те имаше 550 вработени а сега се останати уште 260.
Програмата на Еурокомпозит е поделена на две главни гранки: воена и полициска опрема и цивилна линија. Има широка палета производи – од балистички шлемови, елеци и плочи до рачни ракетни лансери; како и електро изолациони материјали. Компанијата уште пред 20 години е сертифицирана со стандардот ISO 9001.
К. Н.