18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија оди наназад - пад на продуктивноста

Македонија оди наназад – пад на продуктивноста

Македонија останува на дното од Европа според продуктивноста на трудот, а разликата уште повеќе се зголемува – додека повеќето земји оствариле раст, нашата измерила пад.

НБРМ: продуктивноста намалена за 2.1%

Продуктивноста на трудот се намалила за дури 2.1% за една година. Ова го покажуваат последните податоци на Народната Банка (НБРМ).  Ваквиот тренд беше забележителен преку целата година а е резултат пред се на услужниот сектор и на индустријата.

„Неповолните остварувања се присутни од почетокот на 2017 година, по подолг период на одржување на овој показател во зоната на позитивни годишни промени“, наведува НБРМ во кварталниот извештај.

НБРМ продуктивноста ја пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.

Бројот на вработени порасна а економијата стагнираше – ова резултираше со ваквите негативни бројки. Истовремено просечната плата оствари раст со што пораснаа трошоците за компаниите.

„Растот на платите, при натамошен пад на продуктивноста, доведе до раст кај трошоците за труд по единица производ од 5.6%“ наведува НБРМ.

Македонија на дното на Европа

Македонија е на европското дно според продуктивноста на работниците. На речиси исто ниво е и Бугарија, а најдобро се рангирани Луксембург и Норвешка.

Според официјалните податоци на Евростат еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Во податоците ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

Технологија, менталитет, квалификации – каде е проблемот?

Старата технологија и рачната работа се главната причина за непродуктивноста, велат бизнисмените според кои мора многу повеќе да се вложува во современи машини и автоматизирано производство.

„Конкретно во мојата бранша, текстилот, главен проблем е застарената технологија која се применува. Тука е разликата. Мора да се работи на воведување на нови технологии а за тоа ни се потребни пари. Има кредити со релативно ниски камати но роковите за враќање се прекратки. Потребни се сериозни мерки и државна стратегија за секторот“ вели сопственик на конфекција која вработува 150 луѓе во Штип.

Дел од бизнисмените посочуваат уште друг проблем – менталитетот. Според нив работниците тешко се прилагодувале на новиот капиталистички систем.

„Ние имавме трансформација на нашето стопанството од социјалистичко во капиталистичко и нашите вработени се уште имаат остатоци од тој систем и од тоа време“ вели сопственик на фабрика за производство на делови за земјоделски машини.

Бизнисмените посочуваат и друг проблем – недоволната квалификација на работниците. Ова особено важи за услужниот и индустрискиот сектор , токму онаму каде е забележан и најголемиот пад на продуктивноста.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП