26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОпштествена одговорност: ако даваш повеќе, ќе имаш повеќе!

Општествена одговорност: ако даваш повеќе, ќе имаш повеќе!

Ако даваш повеќе, ќе имаш повеќе – ова треба да биде мотото и на луѓето и на компаниите. Општествената одговорност не е само трошок туку и инвестиција во подобро опкружување, но и во попродуктивен бизнис. Сепак, македонските менаџери речиси и не размислуваат во оваа насока иако свеста полека се менува, делумно поттикнато и од директните даночни стимулации.

Бесплатна реклама, подобар имиџ, поголема продуктивност

Корпоративната општествена одговорност ја сочинуваат четири категории: економска, правна, етичка и филантропска одговорност.

Примарната цел на секоја компанија секако е профитот, тоа е и економската одговорност.

Бизнисот треба да работи во рамки на законот, тоа е правната одговорност.

Овие категории на одговорност, економската и правната, се основни и задолжителни за сите компании, но вистинската димензија на општествено одговорните се другите две категории – етичката и филантропската.

Етичката вклучува грижа за вработените, потрошувачите, акционерите и заедницата, надминувајќи ги правно пропишаните обврски, како и вклученоста во решавањето на општествените проблеми.

Филантропската во фокусот ги има волонтерските активности и желбата за општествен придонес.

Доколку постои синергија на сите четири категории придобивки има и за компанијата и за општеството.

За компаниите тоа е подобрен бренд, имиџ и углед; зголемена продажба и лојалност на клиентите; поголема продуктивност и квалитет; повеќе способност да се привлечат и задржат вработените.

За пошироката јавност придобивките се: безбедност на производите и заштита на потрошувачите, еколошки бенефиции, поголема употреба на обновливите извори на енергија, донаторски и волонтерски активности.

И во Македонија се менува свеста

И во Македонија се повеќе компании, особено големите, се вклучуваат или иницираат општествено одговорни активности. Се јавуваат како донатори или организатори на хуманитарни активности, па дури и како носители на различни проекти.

Општествената одговорност како практика почнува пред 10-тина години, а во 2007-та е формирано и Национално тело за општествена одговорност кое секоја година доделува награди за општествено одговорни компании во повеќе категории.

Нема податоци колку пари навистина се вложуваат во ова. Процените се дека македонските фирми просечно издвојуваат нешто над 10 милиони евра годишно за хуманитарни акции и донации.

Директни даночни ослободувања

За општествено одговорните компании се предвидени и директни даночни стимулации.

Ги уживаат компаниите кои издвојуваат дел од своите средства (материјални или нематеријални) за општото добро на заедницата.

Данок на добивка – на претпријатието кое донира донацијата му се признава како расход во даночниот биланс во вкупна висина до 5% од вкупниот приход, а за спонзорства износот е до 3%.

Данок на имот – донацијата во предмети и материјални стоки е ослободена од данок на наследство и подарок. Ослободена е и од данок на имот во наредните пет години, по годината во која е дадена донацијата.

Данок на додадена вредност – донацијата нема да биде оптоварена со ДДВ, а на надоместокот за влезници за културен, спортски или друг јавен настан не се пресметува ДДВ ако сите собрани приходи се користат за финансирање на активности од јавен интерес.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП