18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВнимавајте - играчките можат да бидат опасни!

Внимавајте – играчките можат да бидат опасни!

Кукли, колички, мечиња, коцки и топки. Огромен избор на играчки, продавниците но и пазарите се преполни но она што се продава може да биде и опасно? Македонија ги применува строгите регулативи од Европската Унија, но сепак неретко се случува и овде да завршат играчки со сомнително потекло и содржина.

Законот строго го регулира квалитетот

Законот за заштита на потрошувачите е целосно усогласен со регулативите на Европската Унија во овој дел. Тој има цел дел посветен на оваа проблематика. Предвидува дека играчката треба да биде тестирана за основните безбедносни и здравствени услови пред да биде пуштена во промет.

„Детската играчка не смее да биде пуштена во промет ако не ги исполнува основните безбедносни услови во однос на механичките, физичките, хемиските, електричните и хигиенските својства“ стои во Законот.

Играчките треба да бидат дизајнирани и произведени на начин кој ги исполнува стандардите за хигиена за да се избегне било каков ризик за инфекции, болести и контаминација.

Играчките за деца до една година треба да бидат изработени од материјал што може да се дезинфицира, при што играчката не смее да го промени квалитетот. Влакненцата од играчките и косата на куклите не смеат да паѓаат при чешлање и кубење. Боите на играчките не треба да содржат мириси и да се симнуваат при триење со памук, миење со топла вода и сапун и дезинфицирање.

CE (ЦЕ) – ознака која потврдува европски стандард

Кратенката CE (ЦЕ) потекнува од француската фраза Conformité Européenne што значи европска усогласеност. Ова подразбира усогласеност со здравствените, безбедносните и еколошките стандарди за заштита на Европската Унија. Се применува за повеќе групи производи, не само за играчките.

Оваа ознака покажува дека играчката е произведена според добро дефинирани стандарди за намалување на физичките, хемиските, електричните и здравствените ризици.

Сепак, ознаката само применува некои безбедносни аспекти во врска со нормалната состојба и ракување со играчката и не претставува индикатор за квалитет.

За играчките кои ја немаат оваа состојка нема гаранција дека не содржат штетни состојки како олово, формалдехид, амини, бои.

Хемискиот состав не е единствениот на кој треба да се внимава. Механичкиот состав односно ситните делови можат да предизвикаат сериозни проблеми, да предизвикаат задушување доколку децата ги голтнат.

Како да ги заштитите децата?

Купувајте исклучиво во легални продавници, чувајте ја фискалната сметка, внимателно читајте ги декларациите, погледнете за која возраст е наменета играчката, обрнете внимание на обликот и материјалот од кој е изработена, имајте предвид дека CE (ЦЕ) означува само дека производот ги исполнува минимум безбедносните стандарди но сепак не купувајте играчки без оваа ознака, ако забележите небезбедна играчка веднаш пријавете во Државниот пазарен инспекторат на 02 / 3220 – 547 или во Организацијата на потрошувачите на 02 / 3179 – 592.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП