20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: растат и платите и трошоците – сиромаштијата останува

Анализа: растат и платите и трошоците – сиромаштијата останува

Просечната плата расте побргу од животните трошоци но разликата меѓу потребите и можностите останува голема. Секој петти Македонец е сиромашен, а проблемот е сериозен и кај земјите од регионот.

3.0% раст на цените на мало

Цените во малопродажбата се зголемиле за 3.0%, а трошоците за живот за 1.4% за една година.

Ова го покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика според кои во април годинава во однос на април лани поскапување од 7.4% има кај земјоделските производи, од 3.0% кај прехранбените, од 1.2% кај индустриските, од 5.0% кај стоките.

Гледано месечно, пораст на трошоците на животот во април е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови, замрзнатото овошје, месото и преработките од месо, млекото, сувото овошје и јаткастите производи, цигарите, сушениот зеленчук, конзервираниот и преработен зеленчук, течните горива, болничките услуги, медицинските производи, телефонските услуги… Намалување е измерено кај шеќерот, џемот, медот и кондиторските производи, брашното и другите жита, рибата и морските плодови, оризот, другите пекарски производи, јајцата, туристичките пакет – аранжмани, книгите, автомобилите, информатичката опрема и услугите за лична хигиена.

3.6% раст на просечната плата

Од друга страна просечната плата пораснала за 3.6% за една година. Таа во февруари 2018-та изнесуваше 23.158 денари, а во февруари 2017-та беше 22.347 денари.

Ова пред се се должи на зголемениот минималец кој стартуваше од септември – во периодот јануари – септември растот изнесувал просечно 2.5% додека во периодот октомври – февруари достигнал 3.7%.

Сепак, има и големи сезонски флуктуации – просечната плата во јануари надмина 24 илјади денари, но веќе следниот месец падна за над 900 денари.

„Наглиот пораст на просечната нето плата во јануари 2018 во никој случај не можеше да се толкува како последица на порастот на минималната плата“, сметаат во истражувачкиот институт Finance Think. „Се работи главно за сезонски ефект, којшто се јавува вообичаено поради исплаќањето годишни додатоци на плата, а не се должи на порастот на минималната плата. Доколку се набљудува десезонираниот (долгорочен) тренд на платите тогаш тој е недвосмислено растечки, што делумно се должи и на порастот на минималната плата од октомври 2017, но конкретниот пораст на платата во јануари 2018 е во голема мера чист сезонски ефект. Во истата мера, значителниот пад на платата во февруари 2018 е, во голема мера, сезонски ефект, главно поради пократок месец“ објаснуваат во Finance Think.

Од почетокот на оваа година Државниот завод за статистика го промени и досегашниот начин на прибирање на податоците за плати (хартиени обрасци со податоци чиј извор беа деловните субјекти) и премина кон користење податоци од административен извор – Управата за јавни приходи.

Синдикалната кошничка потешка за 300 денари

За една година платите пораснале повеќе од трошоците, но разликата меѓу приходите и расходите останува голема. Со просечна плата едвај се полнат две третини од синдикалната минимална кошничка.

ССМ пресметало дека за едно четири члено семејство да го протурка месецот февруари годинава биле потребни 32.383 денари или 297 денари повеќе од февруари лани.

Најголем дел од парите или 41% одат за храна и пијалаци, 32% за домување, по околу 7% за хигиена, за превоз, за облека. На крајот за култура остануваат само илјада денари, а за одржување на здравјето помалку од 700.

Секој петти Македонец е сиромашен

Секој петти или 453 илјади Македонци се сиромашни. Според последните податоци на ДЗС стапката на сиромаштија се зголемила 0.4 процентни поени за една година и достигнала 21.9% на крајот на 2016-та.

Стапката е највисока кај најмладите односно кај лицата до 17 години, изнесува 28.6%. Најниска е кај најстарите односно оние над 65 години, изнесува 14.5%.

9% од вработените, 41.1% од невработените и 7.1% од пензионерите се сиромашни.

Прагот на сиромаштија е приходи од 6.880 денари за самечки домаќинства и 14.488 денари за четиричлени семејства.

„Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат” стои во објаснувањето од ДЗС.

Скромна трпеза – многу леб, малку месо

Дел од Македонците имаат проблем редовно да купат месо, риба и други прехранбени производи кои за многумина се сметаат дури и за своевиден луксуз.

Македонецот во просек секој ден јаде по околу 200 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз. Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по околу 80 грама, грав 15, кромид и лук околу 30, исто толку и зелка. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60. Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје 29 грама, кајсии и праски едвај надминуваат 10  грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 40 грама  шеќер, околу 8 грама кафе и какао и нешто под 20 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Според ДЗС Македонецот во просек во 2016-та пушел по 2.25 цигари на ден, во 2015-та 2.33, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од последната публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2016-та“.

Македонски домови: 6.9% имаат само полско WC

6.9% од македонските домаќинства имаат само полско WC, 5.8% немаат када или туш, а 12.9% живеат во несоодветни услови: покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Ова го покажува „Анкетата за приходите и за условите за живеење во 2015-та“ на ДЗС.

3.8% од семејствата немаат ни фиксен ни мобилен телефон, 0.7% немаат телевизор, 28.5% немаат компјутер, 5.4% немаат машина за перење, а 39.7% не поседуваат автомобил.

Според истата публикација македонското семејство располага со дом кој во просек има 3.5 соби односно 0.9 соби по член (просечната големина на домаќинствата е 3.7 луѓе). 72.6% од семејствата живеат во единечни семејни куќи, 10.6% во лепенки, 16.6% во станови.

Сиромаштијата проблем и во дел од ЕУ

И во дел од земјите – членки на Европската Унија сиромаштијата претставува сериозен проблем, ова особено важи за државите на југот на континентот.

Според податоците на Евростат во 2017-та стапката на сиромаштија на ниво на Унијата била 6.7%.

Најниската е во Финска (2.0%), Данска (3.1%), Франција (4.1%). Највисоките се измерени во нашето соседство, во Бугарија (30.0%), Грција (21.1%), Романија (19.4%), Унгарија (14.5%), Хрватска (10.3%).

Според Евростат за одредено лице да се најде во групата сиромашни треба да не може да си дозволи најмалку четири од следните ставки, за кои повеќето луѓе сметаат дека се посакувани или неопходни за да водат нормален живот – да ги платат своите сметки навреме, соодветно да го затоплат домот, да се соочат со неочекувани трошоци или, пак, редовно да јадат месо или риба или друга вегетаријанска храна.

Европски плати: најниски во Украина, највисоки во Швајцарија

Во Европа најниска просечна плата се исплаќа во Украина, изнесува само 180 евра. Следат Молдавија со 230 евра, Белорусија со 349, Македонија со 380, Албанија со 397, Бугарија со 406, Србија со 432, Босна со 436, црна Гора со 508 евра.

Најдобро платени се работниците во Швајцарија, просечната месечна плата изнесува фантастични 5.020 евра! Во Норвешка просекот е 3.700, во Исланд 3.367, во Шведска и Данска по 3.100, а во Финска, Франција и Ирска по околу 2.500 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП