4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако до помали сметки? Со LED светилки годишна заштеда од 100 евра!

Како до помали сметки? Со LED светилки годишна заштеда од 100 евра!

Со промена на само една светилка годишните трошоци за струја може да се намалат и за 10 евра, доколку во целиот дом се постават штедливи LED светилки вкупната заштеда може да достигне и до 100 евра!

Колку навистина троши светилката? Под претпоставка дека е вклучена по 5 часа на ден, за една година светилката работи вкупно 1.825 часа. За ова време класична светилка од 100 W ќе потроши околу 182 kWh што по моменталната цена од 4.46 денари изнесува 801.72 денари годишно.

LED светилка од 23 W зрачи иста светлина како обична од 100 W но годишно ќе потроши околу 42 kWh што по цената од 4.46 денари изнесува 187.32 денари.

Оттука разликата односно заштедата е 614.4 денари што е нешто повеќе од 10 евра!

Ако земеме предвид колкава е заштедата и колку чини една штедлива светилка, можеме слободно да донесеме заклучок дека инвестицијата се враќа за помалку од една година.

Освен помалите сметки LED светилките имаат и повеќе други предности: позитивно влијаат на заштитата на животната средина, потрајни се и до 30 пати од обичните (имаат животен век од 30.000 часа), имаат опција за регулирање на јачината. Недостатоци се високата цена која веќе полека се намалува, како и недостапноста во сите форми и големини што исто така полека се надминува.

Освен LED постојат и други варијанти на штедливи светилки. На второ место се халогенките кои користат гас за производство на светлина со помалку електрична енергија. Предности од нивно користење: имаат најниска цена од новите технологии, опција за регулирање на јачината на светлината, ист изглед и форма како и традиционалните сијалици. Недостатоци: недоволно ефикасни (само 20% помала потрошувачка на енергија) како и краток рок на користење (околу 2.000 часа).

Флуоресцентните сијалици познати и како CFL заштедуваат најмногу енергија (до 80%). Предности: најголема заштеда, долг животен век (10.000 часа). Недостатоци: потребни им се околу 2 минути да достигнат 100% од нивната светлина, немаат опција за регулирање на јачината, оставаат траги од жива и треба да се внимава при нивно отстранување.

Традиционалните, обични светилки само 5% од потрошената електрична енергија ја претвораат во светлина, а останатите 95% во топлина и не траат повеќе од 1.000 часа.

Сепак, не е сеедно какви штедливи светилки ќе купите. Мора да се има предвид дека штедливите светилки од реномираните произведители имаат подолг век на користење и гаранција која ќе овозможи да се замени во разумен период. Од друга страна, штедливите светилки од „no name” произведители немаат гаранција, имаат пократок век на користење и во голем број на случаи немаат можност на враќање доколку се расипат.

Иако со новите технологии на светилки може да се потроши и до десетина пати помалку енергија, а да се постигне истиот ефект Македонците се уште многу малку ги користат.

Според Државната статистика само во 3.5% од домаќинствата има барем една ЛЕД, а во 39.4% барем една флуоресцентна светилка.

Во земјите – членки на Европската Унија повеќе од шест години не се произведуваат и продаваат старите, обични светилки. Процесот се одвиваше во неколку фази, први беа повлечени најсилните од 100 и 120 W а последни најслабите од 25 W.

Со менување на светилките не се нарушува функционалноста и комодитетот а се остварува значителна финансиска заштеда. Токму ова е предноста, но и разликата меѓу заштеда на енергија и енергетска ефикасност.

Штедењето на енергијата секогаш подразбира одредено одрекнување, додека енергетската ефикасност донесува зголемување на квалитетот на животот.

„Она што му е заедничко за овие два термина е намалување на енергетските трошоци. Но затоа начинот на ова намалување е суштински различен – со енергетската ефикасност не го намалуваме комфорот на нашето живеење или пак не го загрозуваме производниот процес. Од друга страна доколку штедиме енергија тоа не може без намалување или загрозување на веќе достигнатиот комфор на живеење или пак без да го намалиме квалитетот на производството“ вели професорот Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија.

Македонската економија е далеку понеефикасна од европскиот просек. На 1.000 евра додадена вредност во земјава се вложуваат 340.5 кгне (нормализирана единица енергија), а на ниво на Европската Унија се вложуваат 122 кгне. Ова го покажуваат податоците од публикацијата „Одржлив развој“ на Државниот завод за статистика (ДЗС).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП