6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА1 Мај: Ден на трудот или Ден на скарата – каде одат...

1 Мај: Ден на трудот или Ден на скарата – каде одат работничките права?

За едни обичен слободен ден, за други празник посветен на излет и на скара. 1 Мај се помалку се доживува како ден на трудот. Сепак, ССМ по повеќегодишна пауза се одважи да излезе на марш, а КСС пак се одлучи да се одмори. Министерката за труд ветува подобрување на состојбата на работниците, а во меѓувреме Светската Банка наводно препорачува укинување на минималната плата…

ССМ со протест „Патиштата се различни, целта е иста“

По повеќегодишна пауза најголемата организација, Сојузот на синдикати (ССМ) се одлучи 1 Мај да го одбележи на улица, со работнички протест.

Со него бараат: подобар закон за работни односи; повисоки плати; регрес за годишен одмор за сите; подобра социо-економска положба на работниците; сигурни работни места; намалување на сиромаштијата; стоп за работа на црно; здрави и безбедни работни места; стоп за мобинг; подобар општ колективен договор за приватниот и за јавниот сектор; стоп за дискриминација и пристојна работа за сите.

Она што во моментов најмногу е во фокусот на вниманието е подготовката на новиот закон за работни односи, кој практично претставува устав за работничките права.

„Ние сме активно вклучени со свој претставник во работната група за подготовка на нов закон за работни односи. Се залагаме во новиот закон да нема кратење на ниту едно од веќе стекнатите права на работниците, туку со новото законско решение, што е можно повеќе да бидат унапредени“ изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.

И КСОМ ќе маршира за подобри работнички права

И Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) организира протест.

КСОМ бара комплетна промена на законот за работни односи како и измени на законот за извршување. Повторно го отвораат прашањето и за исплата на К-15 за администрацијата.

„Граѓани, работници, оделете 1-2 часа од вашето време, да го кренеме гласот заедно. Некој, ве уверувам, ќе го слушне. Ако сите молчиме, дозволуваме и понатаму да се кршат нашите права и нашето достоинство. Не постои волшебно стапче за решавање на проблемите, тоа мора заедно да го направиме“ изјави претседателот на КСОМ Марјан Ристески.

КСС ќе празнува, упати проглас

Втората по големина синдикална организација во Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) Денот на трудот не излегува на протест, празникот го одбележува единствено со упатување на проглас.

„Изразуваме огромна загриженост за лошите економски и социјални состојби вкупно во државата и особено кај поголемиот дел на вработени чии месечни примања не обезбедуваат ниту минимален животен стандард за нив и нивните семејства. Загриженоста е уште пооправдана ако се има во предвид фактот дека економските показатели покажуваат постојано влошување на состојбите, што е сосема спротивно и од очекувањата на работниците и особено од ветувањата на Владата“ се наведува меѓу другото во прогласот на КСС.

КСС од Владата бара отпочнување преговори во делот на платите, согласно Законот за работни односи и колективните договори, задолжително учество во најавениот ребаланс на Буџетот во делот на платите, како и социјалното партнерство да почне да функционира и на централно и на локално ниво.

„Веќе имаме некои преговори со Владата на РМ и со премиерот Зоран Заев. Нашето трпение ќе биде дотаму додека членовите имаат трпение за исполнување нашите барања што се во рамки на законите и колективните договори. Кога ќе почуствуваме дека сме манипулирани и дека се купува време нема да чекаме да излеземе на улици или да почнеме со реализација на некоја порадикална синдикална мерка“ изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

И партијата „Левица“ маршира на 1 Мај

Од друга страна политичката партија „Левица“ организира свој, засебен протест.

Намалување на максималното времетраење за кое може да се склучи договорот за вработување на определено време од пет години на шест месеци; намалување на работното време од 8 на 7 часа дневно, без негативни импликации на висината на платата и додатоците кои ги примаат работниците; наместо подлегнување под притисокот на меѓународните финансиски институции за намалување на породилното отсуство (од 9 на 6 месеци), зголемување на породилното отсуство (од досегашните 9 на 12 месеци); враќање на правото на исплата на патни трошоци и хранарина на работниците се дел од нивните заложби.

„Другари и другарки, работниците во земјава, иако ја носат економијата на своите плеќи, се жртви на непочитувањето на нивните права на работното место, на инертноста на институциите на трудот, кои ги игнорираат нивните проблеми и интереси. Во услови на речиси непостојна одбрана на работникот од притисокот на капиталот и државната бирократија, унапредувањето на трудовите права е заборавена тема“ се наведува во прогласот на „Левица“.

МТСП: борбата за работничките права никогаш не запира

Со поддршка за унапредување на работничките права се јави и министерката за труд и социјална политика. Според Мила Царовска борбата за подобрување на условите никогаш не запира.

„Да не заборавиме дека на глобално ниво класните разлики се зголемуваат, а со тоа и експлоатацијата на трудот што ја има во развиените земји. Но, сепак, овој проблем е повидлив во земјите во развој како што е Македонија. За справување со ваквиот проблем треба да се зајакнат институциите за да можат брзо и ефикасно да реагираат на секое прекршување на законите и на работничките права, нешто што го започнавме како процес со доаѓањето на власт. Потоа, потребно е зајакнување на организациите на работниците што се борат за работничките права, нешто што јас силно го поддржувам. На крајот, потребни се економски развој и подобра деловна култура, која ќе води кон подобри услови за вработување“ изјави Царовска во празничното интервју за „Нова Македонија“.

Светска Банка предлага укинување на минималната плата?

Во меѓувреме Светската Банка во работна верзија на Извештајот за светскиот развој што ја пренесоа дел од светските медиуми предлага намалување или укинување на договорите за минимална плата, зголемувања на правата на работодавците околу вработувањето и отпуштањето луѓе од работа и општо олабавување на регулативата на трудот која се оценува како оптоварувачка за компаниите.

„Ова се неопходни потези како работодавците не би се решиле да инвестираат во автоматизација и нови технологии и на тој начин да ги елиминираат работниците од производниот процес“ наводно стои во работната верзија на извештајот кој официјално се уште не објавен.

Денот на трудот се празнува повеќе од еден век

Денот на трудот се празнува на првиот ден од мај во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. Целта на првомајските демонстрации во Чикаго била да се издејствува воведување осумчасовен работен ден, но полицијата употребила сила и имало жртви. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред сè во комунистичките и бившите комунистички земји. И во Република Македонија, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник. До 2006-та се празнуваше два дена, на 1 и на 2 мај.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП