3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: нивите и плацовите како добра инвестиција

Анализа: нивите и плацовите како добра инвестиција

„Оној кој има земја никогаш не е сиромашен“. Оваа стара еврејска поговорка е актуелна и денес. Расположливите површини остануваат исти, а побарувачката постојано расте.

Цената на земјиштето ќе расте, но на долг рок

Инвестицијата во земјиште е исплатлива, но само на долг рок. Не се очекуваат драстични промени во цените во наредните неколку години. Сепак, доколку се откочат евроатланските интеграции тоа дополнително би го поттикнало пазарот.

„Купувањето земја, без разлика дали е нива или плац, е добра но долгорочна инвестиција. Тоа значи дека ако имате вишок пари сега и ако ги вложите може да очекувате заработка по 10, 20 па дури и 50 години. За оние кои имаат кеш тоа е добра одлука, а оние кои сакаат да продадат секогаш се во загуба бидејќи цените имаат тенденција на постојан пораст“ објаснува Мирко Петревски, аналитичар на пазарот со недвижности.

Во Моментов во Македонија цените на градежното земјиште се движат од под 3 до над 500 евра, во зависност од локацијата. Во неразвиените и рурални подрачја секако е најевтино, а најскапо е во строгиот центар на Скопје.

Земјоделските површини се уште поевтини. На пример, во Овче Поле се продава нива 2 декари од 4 класа за само 400 евра, но нема кој да ја купи.

„Земјата ниту старее ниту расте. Таа е се помалку достапна. Токму затоа и цените полека но сигурно ќе одат нагоре, но не може да се очекува екстремна заработка на кус рок“ објаснува Марија Тасеска, сопственик на Агенција за недвижности.

Освен влегувањето во НАТО и ЕУ цените на земјиштето може да ги поттикнат и инвеститорите од Истокот. Се поактуелно во Европа е купувањето на обработливи површини од страна на Кинези и Арапи кои овде произведуваат храна која потоа ја извезуваат во своите матични земји. Но, овој тренд се уште не стигнал во Македонија.

Државата влијае на цените на земјоделските површини

Цените на градежното земјиште постојано растеа уште од независноста на Македонија, но оние на земјоделското имаа тренд  на стагнација па дури и на пад.

Ова делумно се промени пред десетина години кога државата почна да дава големи земјоделски субвенции па многумина земаа огромни површини под концесија а го обработуваат само заради државната поддршка.

„Кај нас земјата е релативно евтина, па многумина купија или изнајмија површини за да ги обработуваат но не со примарна цел производство туку субвенционирање. Квалитетот не им е важен, само квантитетот кој значи и поголема државна поддршка“објаснува Мирко Петревски, аналитичар на пазарот со недвижности.

Државата во изминатиот период продаде и големи површини градежно земјиште со почетна цена од евро за квадрат за изградба на хотели, фабрики, бензински пумпи што дополнително влијаеше на цените. Сепак, државно земјиште има се помалку па не се очекува ваквиот тренд да продлжи.

Половина држава под земјоделско земјиште

Речиси половина држава е под земјоделско земјиште. Од вкупната површина, 25.713 квадратни километри, 12.644 км2 или 1.264.408 хектари се земјоделска – 7.503 км2 се пасишта, 4.150км2 се ораници и бавчи, 594 км2 се ливади, 232 км2 се лозја, а 159 км2 се овоштарници.

Речиси половина од ораниците и бавчите остануваат незасеани. Според пресметките на Државниот завод за статистика (ДЗС) минатата година од вкупната површина од 415.004 хектари засеани биле само 276.567.

Од засеани површини најголем дел или 58% се под жита, 19% под зеленчук, 14% под фуражни и 9% под индустриски култури.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП