9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова кампања за позитивни навики во сообраќајот

Нова кампања за позитивни навики во сообраќајот

„Разбуди ги позитивните навики во сообраќајот“ е слоганот под кој Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ќе ја претстави и ќе ја реализира новата пролетна едукативна кампања за одговорно учество во сообраќајот и за почитување на сообраќајните правила и прописи.

Како што информираат оттаму, кампањата ќе се реализира во четири тематски фази и ќе биде насочена најпрвин кон едукација на возачите, а потоа и кон подигнување на сообраќајната свест за безбедно учество во сообраќајот на пешаците, мотициклистите и велосипедистите, кои се ранливи категории во сообраќајот. Во неа, освен едукација преку социјалните и електронските медиуми, ќе се организираат и јавни настани преку кои учесниците во сообраќајот ќе се запознаат со опасностите со кои се соочуваат во сообраќајот и ќе добијат совети како да ги надминат.

Почетокот на пролетта е период кога интензитетот на сообраќајот постојано се зголемува, а со тоа се зголемува и учеството на ранливите категории во сообраќајот и бројот на сообраќајни незгоди во кои тие се учесници. Токму поради тоа, тие се главниот фокус на кампањата.

„Намалување на бројот на загинати – пешаци, велосипедисти и мотицклисти – е цел поставена во втората национална стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Оваа цел сама по себе претставува јасен предизвик не само за РСБСП туку и за сите други надлежни институции за подигање на безбедноста во сообраќајот на ниво достојно секој поединец слободно и без страв да учествува во сообраќајот. Во таа насока РСБСП неколку години по ред реализира вакви или слични едукативни активности“, велат од РСБСП.

Разбуди ги добрите сообраќајни навики: забави малку – вози одговорно, не претрчувај на пешачки, внимавај со твојот велосипед… се дел од пораките што ќе бидат комуницирани во рамките на кампањата.

Инаку, како што информираат од РСБСП, во согласност со сообраќајната статистика, во 2017 година на патиштата во Република Македонија животот го загубиле 34 пешаци, 5 велосипедисти и 7 мотоциклисти.

„Бројот на загинати велосипедисти и мотоцклисти е намален 50 отсто во споредба со 2016 година, а бројот на загинати пешаци е ист. Во согласност со овие показатели минатата година ранливите категории учесници во сообраќајот, цел на оваа кампања, учествувале со 30 отсто од вкупниот број жртви на патиштата“, се наведува во соопштението.

И овој пат апелот што РСБСП го упатува до сите учесници во сообраќајот е да ги разбудат позитивните навики и да бидат позитивен пример за другите учесници во сообраќајот. Истовремено, РСБСП потсетува дека почитувањето на сообраќајните прописи е најважното правило во сообраќајот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП