26 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНООд Ф1 тимот Хас ги отфрлаат обвинувањата за нивниот болид

Од Ф1 тимот Хас ги отфрлаат обвинувањата за нивниот болид

Шефот на Хас Ф1, најновиот Формула 1 тим, Гинтер Штајнер, ги отфрли обвинувањата дека нивниот болид е нелегална копија на минатогодишниот болид на Ферари откако тимовите на Ред бул и Мекларен официјално побараа мислење од ФИА.

Возачот на Мекларен, Фернандо Алонсо на Австралиското ГП изјави дека Хас се брзи бидејќи се копија на минатогодишниот болид на Ферари, а слични сомнежи појави и шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер, како и од тимот на Форс Индија. Правилата во Ф1 се јасни – тимовите мораат да ја дизајнираат сами својата шасија и аеродинамика.

„Критичарите зборуваат без интелигенција и без познавање, така што ако имаат проблем нека протестираат пред ФИА. Тие гледаат духови и не го сфаќаат дизајнирањето на еден болид. Дали можеби требаше да ги копираме нивните болиди кои се зад нас, или треба да бидеме брзи. Нека одговорат на тоа“, изјави Штајнер за Би-би-си.

Директорот на трки на ФИА, Чарли Вајтинг, им даде зелено светло на Хас во Мелбурн и не е загрижен за поврзаноста на Хас со Ферари.

„Знаеме што се случува меѓу Хас и Ферари, и тоа е сосема легално. Лани имаше еден тим кој беше загрижен за таа ситуација, но во моментов нема ништо што не загрижува“, изјави Вајтинг.

Болидите на Хас беа изненадувачки конкурентни на тестирањето и на првата трка – Кевин Магнусен се квалификуваше на шестото место, а Роман Грожан на седмото и беа блиску до пласман на четвртото и петтото место, пред да се откажат откако беа пуштени на патеката со недоволно зацврстени тркала.

Но, дебатата е поширока и се однесува на тоа што треба да претставува еден тим. Ривалите се фокусирани на две работи – сличноста меѓу деловите на Хас и на Ферари, и како американскиот тим може да дизајнира конкурентен болид со најмалку вработени во Ф1.
Хас, кои се во сопственост на американскиот бизнисмен Џин Хас кој има огромно искуство во американските серии, ги купува сите делови кои правилата ги дозволуваат од Ферари и сами ги дизајнираат само деловите кои се задолжителни – аеродинамиката и шасијата. Суспензијата, менувачот, моторот, хидрауликата и електрониката се директно купени од Ферари. За разлика од нив, другите приватни тимови купуваат само мотори и менувачи (како Форс Индија и Вилијамс од Мерцедес).

Хас има 220 вработени, во споредба со речиси 600 во Вилијамс, 400 во Форс Индија и над 7000 во Мекларен. Шефот на Мекларен, Ерик Булие вели дека правилата се одговорност на ФИА.

„Постојат правила и мораме да веруваме во ФИА дека сите ја завршуваат својата работа според праивлата. Да, тие имаат скок во перформансите. Не се голем тим, а се блиску до Ферари. Некои делови изгледаат слично, но можеби е случајност“, вели Булие.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП