3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКнигите како бизнис – Македонија нема навика на читање

Книгите како бизнис – Македонија нема навика на читање

Печатењето книги врти милијарди во светот, а кај нас на книгите не се гледа како на бизнис. Постојат едвај неколку посериозни издавачки куќи. Малиот пазар но и навиките на Македонците се пресудни за неразвиеноста на овој сектор.

„Македонците ја изгубија и онаа мала култура на читање што некогаш ја имаа. Телевизијата но во последно време и интернетот си го направија своето. И оние кои читаат се почесто тоа го прават на својот телефон или таблет симнувајќи наслови од интернет иако за наша среќа како издавачи многу малку дела можат да се најдат на македонски online. За мене лично чувството кога ќе ја земам книгата во рака и ќе ги почувствувам нејзините страници со сите сетила останува незаменливо“ вели сопственик на издавачка куќа која воедно има и две свои книжарници.

За печатење на една книга се потребни од 500 до 10.000 евра – крајната сума секако зависи од самиот тираж, но и од популарноста на писателот.

Од првична идеја до конечна реализација се потребни повеќе чекори – авторски права, превод, лектура, печатење, промоција. Кога се ќе се собере издавањето на едно дело чини од 500 до над 10 илјади евра.

Најголем дел од парите одат на печатење. Книга од 500 примероци со околу 120 страни во обична корица чини помеѓу 20 и 30 илјади денари.

Од домашните автори ретко кој признава колку пари земал, а за странските дела, авторските права се поскапи – од стотина, па до десеттина илјади евра.

Дополнителен трошок е и преводот на македонски. Вообичаено се плаќа по 5 до 6 евра од една страница за стручни и овластени преведувачи. Оттука за книга од 200 страници преведувачот добива 1.000 до 1.200 евра. Сепак, некои книги ги преведуваат приучени луѓе без лиценци кои се нафаќаат тоа да го направат и за половина евро по страница, но тогаш драстично се намалува квалитетот на целото издание.

Во вкупниот збир не треба да се заборави ниту данокот.

„Воопшто не е евтино да се отпечати една книга. Ние одиме со минимална заработка, ако еден наслов овде се продава за 250 денари, нас не чини околу 200. Можете да замислите колку книги се продаваат на ден, па заклучете сами колку е исплатлив ваквиот бизнис. Сепак, се бориме некако и успеваме да останеме на пазарот, барем засега“ вели сопственик на издавачка куќа која воедно има и две свои книжарници.

Во просек во Македонија се издаваат по повеќе од две книги секој ден. Ова може да се заклучи од податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) според кои во просек годишно излегуваат по нешто над 900 наслови.

Според ДЗС најпопуларна е белетристиката, речиси една половина од сите книги кои се печатат или по околу 400 наслови отпаѓаат на романите, новелите, збирките раскази. Следат учебниците и учебните помагала со по околу 200 наслови. Од друга страна строго стручна литература речиси и не се објавува. Од областите на астрономијата, геологијата или градежништвото годишно се печати по една, а некогаш и ниту една книга.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП