2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовик за користење финансиски средства за руралните средини

Повик за користење финансиски средства за руралните средини

agriculture

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој објави повик за користење финансиски средства за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини.

Финансиските средства се дел од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и се наменети за инвестиции во локалната патна инфраструктура за поврзување меѓу две или повеќе села во должина до 5 километри, за поврзување села со регионален пат или со населено место – град во должина до 7 километри и за обезбедување на телекомуникациска инфраструктура во села до 500 жители.

Парите се наменети и за инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи во села до 1.500 жители, инвестиции во објекти и опрема за организирање продажба на земјоделски производи и жив добиток во рурални средини, како и за инвестиции во објекти и опрема за детски, младински и пензионерски културни центри или клубови во селата.

Средствата се наменети за набавка на нови основни средства, за оперативните трошоци поврзани со набавените средства и останатите трошоци предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралиот развој за 2013 година.

Финансиската поддршка изнесува 100 проценти од износот на прифатливи трошоци. Средствата на барање на корисникот може да се доделат во вид на авансна  исплата во висина од 20 проценти од вредноста на одобрените трошоци, да се доделат на две рати или пак согласно со фазите на реализација на инвестицијата. Парите им се исплаќаат на корисниците кои претходно го исплатиле делот кој се однесува на неприфатливите трошоци на економскиот оператор со кој склучиле договор.

Барањето за користење на средствата заедно со потребните документи може да се подигнат во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или од веб страницатаwww.ipardpa.gov.mk.

Пополнетите барања треба да се достават до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој. Крајниот рок за доставување на барањата е 3 јули годинава.

Подетални информации можат да добијат во контакт центарот на Агенцијата на тел. 02/3097-460 или на контакт адресата: [email protected] и на веб-страната: www.ipardpa.gov.mk.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП