Недостиг од свежо овошје и зеленчук и микронутриенти како што се калциум, железо и цинк, а повеќе шеќер и сол од препорачаните количини, внесуваат децата во градинките и во училиштата, е заклучокот на денешната работилница на тема ,,Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба’’, на која се обратија министерката за образование Рената Дескоска, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, како и заменик министерот за здравство, Гоце Чакаровски.
На средбата беа претставени наодите од истражувањето за квалитетот на исхраната на децата во градинките и основните училишта.
Проблемите поврзани со исхраната кај најмладата популација како глобален предизвик се присутни и во нашата земја. Од една страна е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во Македонија.
Присуството на овие состојби покажува дека постои одредено ниво на неизбалансираност на исхрана кај најмладите. Оваа појава претставува сериозен предизвик за кој е потребен сериозен, повеќесекторски и пристап на „цело општество“.
Се подготвуваат и законски измени кои предвидуваат санкции за неспроведување на Правилникот за стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта, а овој правилник ќе биде адаптиран и за градинките.
Министерката Дескоска истакна дека училиштата се оние кои треба да ги научат децата на здрав начин на живот, a дека целта на образованието е да ги подготви учениците за сите аспекти во животот, вклучувајќи ги и здравиот начин на живеење и исхраната. Таа дополни дека единствениот начин на кој може да се осигураме дека учениците ќе јадат квалитетна и здрава храна, е да се предвидат санкции и инспекциски надзори за следење на квалитетот на храната во училиштата.
,,Македонија како држава е сиромашна и дел од семејствата не можат да понудат избалансирана храна за своите деца. Токму затоа системот и општеството преку градинките и училиштата треба да го задоволи барем минимумот на вредноста на храната што детето треба да ја внесе секој ден’’- посочи министерката Царовска и додаде дека МТСП прави напори да го зголеми опфатот на деца во градинките, со што ќе се постигне и поголем број деца да имаат соодветен оброк.
„Лошата исхрана влијае не само врз физичкиот развој на децата туку го поткопува когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот, туку и на целото општество. Промоцијата на добри навики во исхраната во училиштата може да доведе до значителен придонес кон целокупниот развој на детето и да го прекине меѓугенерацискиот циклус на лоши прехрамбени навики,“ рече Бенцамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.