18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоветот на НБРМ ја усвои Стратегијата за периодот од 2014-2016 година

Советот на НБРМ ја усвои Стратегијата за периодот од 2014-2016 година

nbrm_g11

Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Стратегискиот план на Народната банка за периодот од 2014 до 2016 година. Стратегискиот план на Народната банка претставува појдовен документ во процесот на стратегиското планирање со кој се утврдуваат мисијата на Народната банка, визијата за иднината, организациските вредности и стратегиските цели, во зависност од макроекономското окружување и клучните предизвици за наредниот период.

Во соопштението се наведува дека во периодот од 2014 до 2016 година, Народната банка и натаму ќе биде насочена кон успешно остварување на основната монетарна цел, ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото. Воедно, Народната банка ќе продолжи да дава придонес кон одржувањето на финансиската стабилност, која е дополнителна, законски дефинирана цел и составен елемент на макроекономската стабилност. Истовремено, Народната банка ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности. Во таа смисла, ќе продолжи процесот на создавање современ и компетентен човечки капитал, воспоставувањето најнови технолошки иновации во деловните процеси и развивањето на соработката со домашните и странските институции.

Во рамки на планските активности, Советот на Народната банка ја усвои и Програмата на истражувачката дејност во периодот од 2014 до 2016 година. Истражувачката активност на Народната банка ќе биде насочена кон области кои се од значење за остварувањето на нејзините основни и други цели и главно, зајакнување на институционалниот капацитет. Истражувањата и анализите треба да придонесат кон натамошно осовременување на работењето во Народната банка и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки. Програмата за истражувачката дејност ги дефинира приоритетните области за истражување, и тоа: монетарната политика, интеракциите меѓу основните макроекономски сектори, макроекономското моделирање и развивање квантитативни истражувачки техники, финансиската стабилност и банкарскиот систем, како и истражувањата во областа на евроинтеграциите. Програмата за периодот од 2014 до 2016 година предвидува дополнителни проекти во доменот на монетарната трансмисија и оперативното спроведување на монетарната политика.

Се очекува дека истражувањата предвидени за следниот тригодишен период ќе придонесат во процесот на одлучување, а ќе послужат и за поуспешно функционирање на Народната банка и навремено согледување на идните предизвици.

Советот, на денешната седница, ја усвои и Политиката за казнениот аспект на надзорот и супервизијата, документ кој ги содржи принципите за примена на законските правила и прописи. Народната банка е надлежен орган за надзор и супервизија, како и прекршочен орган, па таа се соочува со голем број процеси што можат да произлезат при активности од страна на овластени лица. Првенствена цел на активностите е да се применат законските правила и прописи во согласност со целта за која се донесени, при што деталниот и строг пристап се применува исклучиво доколку не се загрози првенствената цел, односно доколку примената е недискриминациска и пропорционална со материјалната и нематеријалната штета. Донесената политика, која има и превентивни и едукативни елементи, е одраз на заложбите на Народната банка за сеопфатност и флексибилност, при што не се остава простор за незаконитост и непрофесионалност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП