28 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЏафери: Без ефиксна контрола врз буџетот, извршната власт станува моќна

Џафери: Без ефиксна контрола врз буџетот, извршната власт станува моќна

Без ефикасна контрола на парламентот врз буџетот, не можеме да зборуваме за вистинска парламентарна демократија, односно за контрола врз извршната власт, нагласи претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, говорејќи на меѓупарламентарната конференција на тема „Моќта на касата: Буџетски овластувања и процедури на Европскиот парламент“.

Во суштина, без ефикасна контрола врз буџетот, извршната власт станува моќна, се издига над другите две гранки на власта и се отуѓува од општеството и граѓаните. Тоа создава многу поволни услови за ширење на корупцијата. А од корупцијата имаат корист само тесен круг политички и бизнис-елити, а негативните последици ги чувствуваат граѓаните, и тоа во сите сфери од општественото живеење, објасни Џафери.

„Во Република Македонија, ако гледаме од нормативен аспект, и тука мислам на соодветните закони од оваа проблематика, како и на Деловникот на Собранието и можностите што ги дава за парламентарната контрола врз буџетот, можеби и не сме толку лоши. Имено, постојат повеќе механизми и форми за тоа. Да ја споменам само улогата на Комисијата за финансирање и буџет при донесувањето на буџетот, како и при донесувањето на ребалансите на буџетот. Но, со тоа не завршува улогата на Комисијата за финансирање и буџет. Според Деловникот, Комисијата може и преку други форми да врши контрола врз буџетот, и тоа како врз приливот во државната каса така и врз начинот како се троши, гледано по одредени дејности“, вели Џафери.

Собранието, како што вели Џафери, врши контрола на буџетот при разгледувањето и донесувањето на завршната сметка на буџетот, што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година. Таа контрола, според Џафери, е можна и преку институтот Пратенички прашања, потоа преку разгледување на годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи. Но, останува отворено прашањето колку и како Собранието ги користи на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола како на прибирањето така и на трошењето на парите на граѓаните, рече Џафери.

„И, ако сме барем малку самокритични, ќе си признаеме дека кога станува збор воопшто за надзорната улога на Собранието врз извршната власт, а посебно кога станува збор за контролата врз трошењето од државната ќеса, ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во високоразвиените демократски држави. Да не заборавиме дек, граѓанинот е тој што го полни буџетот како даночен обврзник, како потрошувач и како претприемач. Да не заборавиме исто така дека токму со легитимитетот што ни го дава неговиот глас ние седиме во овие собраниски клупи и должни сме во негово име да вршиме надзор на тоа како се трошат неговите пари и за тоа транспарентно да ја информираме и јавноста“, потенцира Џафери.

Затоа, надзорната улога на Собранието врз трошењето на буџетот и воопшто врз извршната власт, како што оценува Џафери, не треба да ја гледаме како уште една одредница од Брисел, туку како еден од основните принципи на демократијата на правната држава, дури ако сакате и како цивилизациска вредност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП