25 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПо два месеци чекање, повторно е време за химната на ЛШ

По два месеци чекање, повторно е време за химната на ЛШ

Лигата на Шампионите се враќа со првите два натпревари од осминафиналето. Во поинтересниот дуел, финалистот од минатата сезона, Јувентус го пречекува Тотенхем. Додека на втората средба денеска, Базел е домаќин на Манчестер Сити.

Погледите се насочени кон Торино, каде што „Спарс“ прв пат гостуваат. Букмејкерите им даваат приоритет на „бјанконерите“, но нивниот ривал не треба да се потценува.

Тотенхем беше дел од силното претставување на англиските клубови во текот на есента, па така за прв пат Премиерлигата има пет тима во осминафиналето. Составот од Лондон стекна уште поголема самодоверба откако излезе како победник во една од најтешките групи, во која беа уште шампионот од последните две сезони Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.

Тотенхем влегува со расположение на натпреварот, откако го победи Арсенал во дербито на градот во текот на викендот.

Јувентус, исто така е во одлична форма, а по колебливиот почеток на сезоната успеа да консолидира и влезе во тесна трка со лидерот Наполи за првото место во Серија А. Долгата победничка серија донесе самодоверба кај „бјанконерите“, кои сепак имаат проблеми со отсутни фудбалери.

Масимилиано Алегри нема да може да ги користи Барѕали, Куадрадо, Дибала, Ховедес и Матуиди. Водечките напаѓачи на двете екипи – Гонзало Игуаин и Хари Кејн – се меѓу стартерите.

„Очигледно ќе бидам задоволен ако не дозволиме да примиме гол. Претстои долг натпревар, ќе треба да сме фокусирани и многу внимателни. Треба да користиме главите и техниката, бидејќи тие се силен физички тим“, изјави Алегри.

Според него, Јувентус пораснал многу, добивајќи доверба во Европа во последниве години. „Дојдовме два пати до финишот за три години и тоа е многу важно. Секогаш сум велел дека Реал е единствениот тим кој се претставувал подобро во последните сезони“.

Менаџерот на Тотенхем Маурисио Покетино истакна дека и покрај проблемите, Јувентус останува силен ривал. „Тие се топ тим. Да, вие ќе кажете дека ги нема Дибала, Барѕали, Куадрадо – толку важни играчи. Но, се разбира, Јувентус има фантастичен тим. Фудбалерите кои ќе се на теренот, имаат квалитетите да играат на начинот на кој тие го сакаат“.

На другиот натпревар, Манчестер Сити се чини дека е целосен фаворит. Во негов стил, Пеп Гвардиола рече дека краткорочната цел е да стигне до четвртфиналето.

„Имам целосна доверба во играчите, нема сомнеж во тоа. Тие го знаат тоа. Целта ни е да се претставиме подобро од минатата сезона, што значи да дојдеме четвртфиналето. Тоа ќе е доволно во краток рок“, изјави Шпанецот.

Според неговите зборови, „граѓаните“ се подобри во оваа сезона, во споредба со минатата година. Тој смета дека е важно тимот да ја контролира формата, затоа што турнирот е многу силен.

Осминафинале ЛШ први средби:

Јувентус – Тотенхем (20:45)

Базел – Манчестер Сити (20:45).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП