2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: спортски кладилници - милионски профити

Анализа: спортски кладилници – милионски профити

Спортските обложувалници или популарно наречено кладилниците се меѓу најпрофитабилните компании во земјава. Министерството за финансии „крчка“ законски измени со кои построго ќе се регулира оваа дејност.

Обложувалниците меѓу најпрофитабилните компании

Четирите најголеми синџири на обложувалници Спорт Лајф, Златна копачка, Моцарт и Бетсити имаат милионски профити. Најновите достапни финансиски извештаи се однесуваат на 2016-та и според нив овие четири групации заедно имале вкупни приходи од 175 милиони евра!

Спорт Лајф 2016 со 70.9 милиони евра приходи со што остварил раст од 5%. Профитот достигнал 1.1 милион евра и бил поголем за околу 20% во однос на 2015-та.

Златна копачка во 2016 имала вкупни приходи од 63 милиони евра или раст од 12.5%. Заработката била 610 илјади евра.

Моцарт имал приходи од 32.5 милиони евра и остварил раст од 22.6%. 2016-та сепак ја завршил со загуба од 300 илјади евра.

Бетсити во 2016-та имал приходи од 8.4 милиони евра или за околу 30% помалку во однос на 2015-та. Годината ја завршиле со загуба од 55 илјади евра.

Платите во кладилниците од 13 до 23 илјади денари

Официјално не може да се дојде до податоци за платите во кладилниците, но неофицијално вработените откриваат дека се почнува со минималец од 12 до 13 илјади денари како јуниор оператор. Сениор операторите земаат околу 16 илјади а шефовите на објектот 22 до 23 илјади.

Вработените вообичаено добиваат и бонус доколку ја достигнат предвидената квота на уплатени ливчиња, овие дополнителни средства обично се од 1 до 3 илјади денари на платата.

Измени во Законот – обложувалниците подалеку од училиштата

Измените во Законот за игри на среќа кои се подготвуваат предвидуваат увоз на апарати за игри на среќа не постари од една година, издавање повеќе лиценци за повеќе објекти и минимална оддалеченост од 300 метри обложувалниците и казината од училиштата.

Во образложението на новото законско решение е наведено дека во постојниот закон не постои никакво ограничување каде може да се отвораат обложувалници и казина, ниту колку.

„Нив буквално ги има на секој чекор, во деловни објекти, во згради, во куќи, до училишта и градинки. Приредувачите на игри на среќа во клубови за автомати, со добивањето една лиценца за клуб за автомати имаат можност да отворат неограничен број деловни простории“  ја образложува Министерството за финансии актуелната состојба.

Спортските обложувалници против – предлозите се престроги

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници сметаат дека предлозите се построги и сериозно ќе удрат на нивниот бизнис. Нагласуваат дека тие вработуваат 3.000 луѓе и дека треба да се внимава со законските измени.

„Предложеното решение за просторна оддалеченост на обложувалниците и објектите за игри на среќа е неприфатливо, затоа што во законот веќе е дефинирано дека ‘лица помлади од 18 години не може да учествуваат во игри на среќа’” велат во Асоцијацијата.

Министерството за финансии предвидува и лиценци за увоз на апарати за игри на среќа кои нема да смеат да бидат постари од една година бидејќи тие наводно често биле неисправни.

„Власта не наведува на што се темели оваа анализа за неисправност на автоматите ако се има предвид дека имаат гаранции, а дополнително државата, односно овластени лица од Министерството за финансии ги проверува при увоз и неколкупати годишно. Според законот, задолжителна е проверката на сите автомати и нивната исправност“, се наведува во реакциите на приватните клубови за автомати.

Обложувалниците мамка за младите

Социолозите сметаат дека обложувалниците имаат негативен ефект во општеството, особено врз младите.

„Хазардните игри, било каков карактер да имаат, не би рекол дека се од позитивен аспект или дека влијаат позитивно во нашето општество, особено позитивно на нашата младина, на тинејџерска возраст, кога оваа возраст е најзагрозена од нивното учество во голем број на разни хазардни игри, кои ги нудат овие куќи“, смета социологот Емил Сулејмани.

На почетокот на годинава жителите на Врапчиште излегоа на протест против отворање на обложувалница во близина на училиштето во ова гостиварско село. Организаторите на протестот, поднеле и петиција која е поддржана од 800 жители.

„Сметам дека нема да дојде до следниот чекор, но сме ги предупредиле дека ќе се преземат и други мерки. Сега нема да ги кажам кои се тие, но тие се познати“ изјави на 12-ти јануари Фатмир Решити, организатор на протестот.

Анкета: најголем дел од учениците уплаќаат тикет

Учениците од четврта година од штипското училиште Коле Нехтенин како проект по предметот Граѓанско образование во октомври изработиле анкета која покажува дека од вкупниот број анкетирани ученици (54 момчиња и 16 девојчиња) 50 ученика се обложуваат, а останатите 20 не.

Од учениците кои се обложуваат 20 ученика секој ден одат во кладилница, а останатите ученици 2-3 пати неделно.

Најчестата уплата е од 30 до 50 денари, средстава кои учениците ги заштедуваат од редовниот џепарлак кој го добиваат од своите родители.

14 ученика од оние кои посетуваат кладилници играат и на автомати.

Институтот за јавно здравје уште пред две години предупреди на рапидно зголемување на бројката на млади луѓе кои во Македонија секојдневно се обложуваат.

Инспекциски контроли – клуч на врата за нелегалните објекти

МВР во соработка со УЈП постојано врши контроли врз работењето на ваквите објекти.

Само изминативе три месеци е наложено затворање на повеќе објекти, најголем дел во Тетово а помал во Скопје. Повеќето биле нелегални односно воопшто не поседувале лиценци за вршење на ваква дејност. Во ваквите случаи се запленува техничката опрема а дивите сопственици добиваат кривични пријави за нелиценцираното приредување на игри на среќа.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП