26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисмените бараат поголема поддршка од Владата

Бизнисмените бараат поголема поддршка од Владата

Бизнисот бара поголема комуникација со Владата и спроведување на најавените мерки за поддршка на стопанството – само така може да се очекува солиден економски раст. Главни проблеми што остануваат се лошата инфраструктура, неажурната администрација, а се уште доцни и намирувањето на обврските од страна на државата.

Владата има слух за барањата на компаниите, сметаат во најголемата бизнис асоцијација, Стопанската комора на Македонија. Сепак, според нив потребно е побрзо реагирање и излегување во пресрет на потребите на бизнисот.

„Има реални потреби за подобрување на комуникацијата, не само на највисоко ниво, туку на оперативно ниво, со министерствата и со другите органи на управата, што ќе биде во насока на поттикнување на ефикасноста и ажурноста на јавните и на државните службеници и намалување на административните бариери“ вели Елена Милевска – Штрбевска, Стопанска комора на Македонија.

Од друга страна текстилниот сектор е незадоволен. Велат дека тие извисиле во пакетот мерки што ги стокми власта. Уште пред зголемувањето на минималната плата тие побараа замрзнување на придонесите за платите до 18 илјади денари, но не добија никаков одговор.

„Баравме замрзнување, не за нас, за работниците. За да ја задржиме продуктивноста и спиралата. Ако некој земал 10 илјади следниот земал 12, сега овој зема 12 а и следниот ќе зема 12 и ќе работи исто“ вели Маријана Перковска, Кластер за текстил.

Повторно доцни сервисирањето на обврските од страна на државата, предупредува Стопанска комора на северозападна Македонија.

„Се надеваме дека фирмите ќе ги добијат парите, дури и поддршката во делот на субвенционирањето на фирмите треба да се врши поредовно, фирмите да можат полесно да оперираат односно да инвестираат“ изјави Дрилон Исени, Стопанска комора на северозападна Македонија.

Најголеми проблеми има градежниот сектор. Неопходно е, како што беше и најавено, уште во јануари да се потпише анекс за продолжување на градежните работи на правецот Кичево – Охрид.

„Тоа ни дава надеж дека ќе продолжи градежништвото да работи и да остварува приходи и добивки, но исто така ме радува продолжувањето на проектот ‘Купи куќа, купи стан’“ вели Роберт Хот, Градежна комора при Сојуз на стопански комори.

Токму лошата инфраструктура е проблем и за останатите компании – бараат Владата сериозно да се зафати со нејзино подобрување, особено со инвестиции во патната мрежа.

„Претставници од германски компании кога ќе треба да отидат од овде, од Скопје, до Делчево или Берово, патот што е до таму, тие велат нема услови за работа таму или не работат добро. Тоа не е точно, така велат зашто им е смачено. Побрзо ќе се стигне до Ниш па дури и до Белград отколку до Берово и Делчево. Ние немаме инфраструктура. Тие луѓе се принудени да добиваат налози по пониски цени само за да опстојат“ објаснува Перковска од Кластерот за текстил.

Планот за економски раст што минатиот месец го промовираше Владата е фокусиран на три столба и има за цел поттикнување на економијата преку поддршка на компаниите кои се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, како и зголемување на извозните потенцијали на македонското стопанство. Но, токму ова наиде на критики кај дел од бизнисмените кои сметаат дека од новите мерки не можат речиси ништо да искористат – не биле  насочени за да им се помогне на фирмите со финансиски проблеми, туку само за големите и моќните кои и самите можат да инвестираат и на кои не им требаат пари од државата.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП