19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА25 години УСАИД во Македонија

25 години УСАИД во Македонија

25 години вистинско пријателство со македонските компании – создавање и поддршка на силни и конкуренти учесници на локалниот и меѓународниот пазар

Американската агенција за меѓународен развој во Македонија, УСАИД, годинава ја одбележува 25 – годишнината од работата во Македонија. Во рамките на изминатиот четвртина век, УСАИД, во партнерство со македонските граѓани, македонските институции, компании, здруженија и организации, посвети значително внимание и обезбеди поддршка за да го подобри квалитетот на животот во нашата земја преку различни проекти, допирајќи речиси до сите сегменти од општественото живеење.

Меѓу првите проекти на УСАИД од почетокот на работењето во Mакедонија во 1993 година, беше проектот “Од земјоделец на земјоделец”. Целта на овој проект беше поддршка на растот на економијата, имајќи го предвид потенцијалот на земјоделството и можноста Македонија да стане рамноправен учесник на меѓународниот пазар во поглед на понудата на квалитетни земјоделски производи. УСАИД им помогна на локалните земјоделци со тоа што донесе 200 волонтери фармери од САД со различна експертиза, со цел да го пренесат своето знаење и искуства за подобри земјоделски пракси, здружување на земјоделците, користење на нови технологии во производството и преработката на земјоделските производи. Преку техничка поддршка и обуки за индивидуалните земјоделци, преработувачи, здруженија и институции, УСАИД помогна агро-секторот да ги намали трошоците за производство, да ја подобри ефикасноста и да го зголеми квалитетот на производите.

Иницијалната поддршка за македонскиот агро-бизнис од страна на УСАИД во насока на зголемување на конкурентноста преку понуда на поквалитетни производи, освојување на нови пазари и воведување напредни технологии, продолжи и со низа активности во рамките на Проектот за унапредување на маркетингот на македонскиот агро-бизнис, имплементиран од страна на “Land O Lakes”. Како резултат на посветената работа на проектот на УСАИД со сите чинители од млечната и месната индустрија во Македонија, во 1998 година започнаа активностите за технолошко унапредување преку воведување на нови технологии, развој на нови производи и подобрувањето на квалитетот на млечните и месните производи. Се поставија стандарди за производство на македонски производи со додадена вредност чиј висок квалитет се верифицираше во современо опремена лабораторија.

Задоволувајќи ги строгите критериуми, 171 производ од млечната и месната индустрија го добија “Знакот за квалитет”. Сеопфатните маркетинг активности помогнаа знакот за квалитет многу брзо да стане препознатлив од страна на потрошувачите и резултираше со зголемување на побарувачката на високо квалитетни македонски млечни и месни производи.

Во 2000 година, повеќе од 2/3 од македонските граѓани го препознаваа овој “Знак за квалитет”, а повеќе од 70% ги променија своите навики за купување, притоа секогаш одбирајќи производ што го носи “Знакот за квалитет”.

Уште една потврда за поддршката на македонската економија од страна на УСАИД е фактот дека до 2002 година, Македонија воопшто не извезуваше млечни производи, но преку разните проекти на УСАИД во овој домен, по само 4 години, се реализираше извоз на млечни производи во Соединетите Американски Држави во вредност од над 1 милион долари, како и свежо јагнешко месо на пазарите во Грција, Италија и Хрватска.

Следејќи ја успешната приказна во делот на унапредување на конкурентноста на македонските бизниси од земјоделско-прехрамбениот сектор преку создавање на поквалитетни производи и зголемување на извозниот потенцијал, во 2007 година, УСАИД започна со реализација на АгБиз Програмата. Активностите беа насочени кон зголемување на приходите во земјоделството, зголемување на извозот, подобрување на продуктивноста, подобрување на деловното опкружување и зголемување на пристапот до финансиски средства за земјоделците и преработувачите. Целта на овој процес беше да се искористат постојните капацитети, но и надградување на стручноста на македонските експерти, за водечките компании и фарми да создадат интегриран ланец на додадена вредност, со цел подобро да одговорат на пазарните можности.

Проектот резултираше со директна техничка поддршка на 372 агро-бизниси, 34 асоцијации на производители и 5 бизнис асоцијации. Проектот исто така стимулираше инвестиции во земјоделството од речиси 19 милиони долари и создавање на 637 нови работни места кои пак придонесоа за зголемување на приходите на повеќе од 42 илјади домаќинства во руралните делови на земјата. Како дел од овој проект, вклучена беше и поддршка за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, со цел унапредување на регулативата и процесите за дијалог со индивидуалните земјоделци и компании.
УСАИД ги поддржа водечките компании во формирање и градење на капацитетите на неколку нови национални асоцијации во под-секторите вино, шумски плодови и овошје.

Беа поставени темелите на здруженијата “Вина од Македонија”, “Шумски плод” и ”Викторија” како организација на извозници на трпезно грозје и друго овошје од Македонија. Истовремено, Македонската асоцијација на преработувачи – МАП, беше партнер на УСАИД во реализација на активностите за зголемување на извозот на преработки од овошје и зеленчук. Тие денес се успешни и самостојни/самоодржливи организации на производители и преработувачи кои ги штитат интересите на своите членки и работат на унапредување и јакнење на извозната конкурентност на под-секторите. МАП и “Вина од Македонија” се препознаени како социо-економски партнери на Владата и раководат со промотивни активности за извоз на вино и преработки на меѓународните пазари.

Преку проектот за поддршка на мали и средни претпријатија, УСАИД многукратно ја подобри продуктивноста на производителите на пченка како модел што ќе овозможи да се намали зависноста од увоз на пченка и конкурентно производство на храна за добиток.

Проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени промовираше практики и мерки со кои земјоделците се адаптираат на современите предизвици од негативното влијание на климатските промени врз земјоделското производство во областите градинарство, лозарство, овоштарство, сточарство, како и спречување на ерозија на почвата.

Преку проектот за Регионален Економски Развој, УСАИД работи на поврзување на агробизнисите од Македонија и од регионот со водечките мрежи за увоз и дистрибуција на свеж, замрзнат и преработен зеленчук и овошје како и со некои од најголемите ланци на супермаркети во Европа и други алтернативни пазари.

Придобивките од проектите во земјоделско-прехрамбенииот сектор продолжуваат и по нивното завршување. УСАИД продолжува активно и безрезервно да ги поддржува македонските мали и средни претпријатија и институции во нивната мисија да создадат здрава и силна економија која ќе овозможи конкурентен настап на нови пазари и зголемување на извозот на производи со додадена вредност и ќе генерира нови работни места и пораст на БДП.

УСАИД ќе продолжи да работи со властите во Македонија и со домашните компании за да им помогне да станат поконкурентни и да ги развијат своите бизниси.

Оваа година УСАИД ја одбележува 25 годишнината во Македонија. Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 610 милиони долари во Македонија од 1993. УСАИД работи со граѓаните на Македонија за да создадат работни места, да ги зајакнат демократските институции и практики, да го подобрат интегрираното образование и да ги подготват учениците за современиот пазар на труд. Овие иницијативи, во партнерство со граѓаните на Македонија, имаат за цел да го подобрат квалитетот на живеење во Македонија. За повеќе информации посетете ја нашата веб http://macedonia.usaid.gov –и Facebook страница http://www.facebook.com/USAIDMacedonia.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП