4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОрганска храна - „здравјето директно од нива на трпеза“

Органска храна – „здравјето директно од нива на трпеза“

Само 3% од производството на храна во Македонија е органско. Оваа земјоделска гранка има огромен потенцијал за развој кој е далеку од искористен. Што е органска храна и како влијае на човечкото здравје?

Недоволно искористени потенцијали

Оние кои се одлучиле да започнат со органско производство се задоволни. Велат дека првите неколку години се тешки, додека се прилагодат на новите техники и начини на работа, додека да се направат насадите за што е потребна и поголема инвестиција; но дека потоа се што е вложено се враќа.

Панде Савевски од Ресен пред три години почнал да произведува органски јаволка.

„Имам добар квалитет и очекувам добри цени. Не е точно мислењето што преовладува кај повеќето земјоделци дека органското производство значи и поголеми трошоци. Но, освен едукација за производителите, мора да се размислува и за едукција на продавачите и потрошувачите“ вели Савевски.

Слична е приказната и на семејството Дудковски од Берово кои се ориентирале кон производство на органска аронија.

„Оваа година се погоди одлична за аронијата. Еден дел продадовме свежа, а еден дел ја исушивме и сега ја продаваме. Сè уште не најдовме пласман за извоз. Но, од аронијата може да се произведуваат и многу други производи, но за секој од нив треба посебна технологија. Така сега сок правиме само за наши потреби, тоа допрва треба да го совладаме“ објаснува производителот на органска аронија, Мирјана Дудуковска.

Емилија Јакимовска од Куманово, пак, се определила за ретката тибетанска билка Гоџи Бери. Но таа отишла и чекор натаму, го заокружила целиот производствен процес па од билката прави козметички производи.

„Првите производи кои ги направивме беа ноќната и дневната крема. Карактеристично за нашата козметика е што има богатство од масла. Користиме масла од кајсиени семки, пченички никулци, јојоба, шеа путер, и овие компоненти на кожата и даваат една прекрасна еластичност, ја хидрираат, ја ревитализираaт, ја тонизираат и се разбира го стопираат стареењето и ги обновуваат изумрените клетки на кожата. Потоа дојдовме на идеја да направиме цела палета на производи од гоџи бери“ објаснува Јакимовска.

Потребно е вмрежување на производителите

Светскиот пазар е буквално гладен за органска храна, но токму тоа е и проблемот – за да се договори пласман потребни се големи количини, а кај нас производителите се мали и разединети. За да се надмине ваквата состојба треба да се работи на нивно вмрежување.

„Органското производство е предизвик не само во Македонија, но вратите за него се отворени и ширум Европа. Убедена сум дека пласман ќе се најде доколку сериозно се посветиме на тоа и ако производителите меѓусебно се поврзат“ вели Габриела Мицевска од Швајцарската агенција за развој.

Државата дава голема поддршка за органското производство. Тоа во просек добива до 30% повисоки субвенции од примарното.

Најголема стимулација има за органските градинари – до 70% и за лозарите и овоштарите до 100% повеќе од конвенционалните производители.

Половината од трошоците за сертификатот за органски производи ги покрива државата, по 3.500 денари за хектар следуваат и за зеленото ѓубриво.

Откупувачите, трговците  и извозниците се поддржуваат со дополнителни 5% од вредноста на продадените производи.

Што е органска храна?

Но, што во суштина претставува органска храна? За еден производ да се смета за „органски“ треба да има сертификат кој потврдува дека исполнува строги критериуми: не смее да содржи никакви вештачки и хемиски состојки, тие не смеат да се користат ниту за ѓубрење на почвата ниту за заштита од штетници и на адитиви и конзерванси во конечниот производ, апсолутно е забранета употребата на генетски модифицирани организми, површината на која се одгледува најмалку две претходни години не смее да биде третирана со недозволени препарати и мора да има јасно означени граници односно растенијата да се заштитени од можна контаминација од препаратите кои се користат на соседните површини.

Најчесто под органска храна се подразбира овошје и зеленчук, но понекогаш изразот се користи и за храна од животинско потекло одгледана на здрав и природен начин – во исхраната не смеат да се користат хормони кои вештачки го подобруваат растот, ниту било какви лекови, како ни други вештачки средства, има и многу строги ограничувања во примената на антибиотици кај добитокот.

За да се добие сертификат за органско производство треба да се поминат повеќе процедури и контроли, а и во текот на целиот процес се прават проверки, велат агро инженерите.

„Регулативите во овој сегмент се усогласени со европските, а Македонија постојано работи и на надградба на капацитетите на институциите. Верувам во контролите што ги вршат инспекциските служби кои досега покажаа дека нема отстапување, дека она што е декларирано како органско е и навистина такво, ги исполнува условите“ објаснува проф. д-р Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Органската храна чини од 10 до 40 проценти повеќе од обичната, во зависност од државата.

Само 1 до 2 проценти од вкупната продажба на храна во светот отпаѓа на органска, но овој сегмент од пазарот далеку побрзо од останатиот дел од индустријата за храна, во развиените земји, како и во земјите во развој.

Како влијае на здравјето?

Експертите велат дека може – таа е најдобар начин нивото на токсини во организмот да се сведе на минимум.

Во вообичаеното земјоделско производство најмногу токсини има во вид на пестициди и разни метали, кои поволно делуваат на трајноста на продуктите, но неповолно на здравјето на човекот.

Организмот може да ги исфрли повеќето токсини со кои доаѓа во контакт, но проблемот е во тоа што денес тие се користат десетици пати повеќе отколку пред пет – шест децении. Тие во храната не доаѓаат само директно како ѓубрива и пестициди туку и преку воздухот и водата. Тоа предизвикува „токсична предозираност“ кога телото не може да постигне навреме да се ослободи од сите отрови кои ги добива.

Органските производи содржат и повеќе природни хранливи состојки како шеќери, витамин Ц, антиоксиданси и поголеми количини минерали како калциум, магнезиум и железо.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП